Судир кој се приближува (прв дел)

Уште од почеток на големата борба на небото постојана намера на сатаната била да го урне Божјиот закон. За да го постигне тоа, се побунил против Творецот и, иако бил исфрлен од небото, истата борба ја продолжил на земјата. Луѓето да ги измами и со тоа да ги наведе на престап на Божјиот закон, е цел кон која постојано се стремел. Било ова да го постигне со отфрлање на целиот Закон или со отстранување на одделни негови прописи, последиците на крај ќе бидат исти. Оној што „ќе згреши во едно“, покажува презир кон целиот Закон; со своето влијание и пример тој е на страна на престапот, и затоа „е виновен за сè“ (Јаков 2,10).

Настојувајќи да предизвика презир кон божествените уредби, сатаната ја изопачил науката на Библијата, па на тој начин во верата на илјадници луѓе кои тврдат дека веруваат во Светото писмо се вовлекле заблуди. Последниот голем судир меѓу вистината и заблудата е само завршна битка на вековната борба против Божјиот закон. Ние влегуваме во овој судир судир меѓу човечките закони и Господовите прописи, меѓу верата на Библијата и верувањата во човечките измислици и преданија.

Орудијата што се здружиле во оваа борба против вистината и правдата веќе се на дело. Светата Божја реч, што ни е сочувана по цена на толку страдања и крв, малку се цени. Библијата на сите им е при рака, но малку се оние што навистина ја прифаќаат како водич на својот живот. Неверство преовладува не само во светот туку и во црквата. Мнозина ги негираат науките што се главни столбови на христијанската вера. Делото на создавањето, како што ни го изнесуваат вдахновените писатели, падот на човекот, помирувањето и вечната вредност на Божјиот закон, всушност се отфрлени, било во целост или делумно, од страна на голем дел на оние што тврдат дека се христијани. Илјадници кои се гордеат со својата мудрост и независност го сметаат за знак на слабост ако некој во целост ја прифаќа Библијата. Поголемата надареност и ученост тие ги издигнуваат како доказ за својата надмоќ ако го критикуваат Светото писмо, ако го толкуваат симболички и ако ги оспоруваат неговите најважни вистини. Многу проповедници ги учат своите цркви, а многу професори и учители своите ученици, дека Божјиот закон е променет или укинат, и дека оние што веруваат оти неговите барања сè уште важат и дека мора буквално да се исполнуваат, заслужуваат само презир и потсмев.

Со отфрлањето на вистината луѓето го отфрлаат нејзиниот Автор. Кога го газат Божјиот закон, со тоа го негираат авторитетот на Законодавецот. Исто така лесно е да се направи идол од лажни науки и од лажни теории како и од дрво или од камен. Лажно претставувајќи ги Божјите особини, сатаната кај луѓето создава погрешен впечаток за карактерот на нивниот Творец. Мнозина наместо Бога на прво место поставуваат некој филозофски идол, додека живиот Бог, како што ни е откриен во неговата Реч, во Христа и во делата на создавањето, има мал број обожаватели. Има илјадници такви кои ја обожаваат природата, а се откажуваат од Бога, кој е Бог на природата. Во денешниот христијански свет владее идолопоклонство исто како и во стариот Израел за време на пророкот Илија, само во друг облик. Богот на мнозина што се сметаат мудри, богот на филозофите, на поетите, на државниците, на новинарите, богот на отмените кругови, на многу високи школи и универзитети, па дури и на некои теолошки установи малку е подобар од феничанскиот бог на сонцето, Вал.

Ниту една заблуда прифатена од христијанскиот свет не се крева со поголема смелост против небесниот авторитет, ниту една не му се противи на здравиот разум толку директно и ниту една не е поопасна по своите последици од науката на новото време која толку бргу се шири, а тоа е дека Божјиот закон не е веќе задолжителен за луѓето. Секоја земја има свои закони што бараат почит и послушност. Ниту една држава не би можела да постои без нив. Зар тогаш може да се замисли Творецот на небото и земјата да нема никаков закон за своите созданија? Да си претпоставиме дека угледните проповедници јавно проповедаат оти законите што владеат во нивната земја и ги штитат правата на граѓаните не се задолжителни, дека тие ја ограничуваат слободата на народите и дека поради тоа не треба да се почитуваат; до кога би ги поднесувале ваквите луѓе на проповедалната? Зар поголема е навредата да се презираат законите на државите и на земјите отколку да се газат божествените прописи кои се темел на сите држави?

Би било многу поразумно државите да ги укинат своите прописи и на луѓето да им дозволат да прават што сакаат отколку Господарот на вселената да го поништи својот Закон и светот да го остави без мерило за судење на виновниците или за оправдување на послушните. Дали сакаме да дознаеме какви би биле последиците од укинувањето на Божјиот закон? Овој експеримент веќе е направен. Страшни биле сцените што се одиграле во Франција кога завладеало неверство. Тогаш на светот му било покажано дека отстранувањето на ограничувањата што ги поставил Бог води кон прифаќање на владеење на најсвирепи тирани. Кога ќе се отфрли мерилото на праведноста, тогаш на кнезот на злото му е отворен патот да ја воспостави својата власт на земјата. (продолжува)

Големата борба е завршена (шести дел)
Големата борба е завршена (петти дел)
Големата борба е завршена (четврти дел)
Големата борба е завршена (трет дел)
Големата борба е завршена (втор дел)
Големата борба е завршена (прв дел)
Пустошење на земјата (четврти дел)
Пустошење на земјата (трет дел)
Пустошење на земјата (втор дел)
Пустошење на земјата (прв дел)

Pin It on Pinterest