Судир кој се приближува (четврти дел)

(продолжува од претходниот ден) И тогаш големиот измамник ќе ги убеди луѓето дека причина за овие зла се оние што му служат на Бога. Грешниците, кои всушност го предизвикале небесното негодување, сиот товар ќе го струполат врз оние чијашто послушност кон Божјите заповеди е постојан прекор за престапниците. Ќе се тврди дека луѓето кои не ја почитуваат неделата, со тоа го навредуваат Бога; дека овој грев навлекува неволја што нема да престане сè додека не бидат присилени сите да ја празнуваат неделата, и дека оние што проповедаат држење на четвртата заповед и со тоа го поткопуваат по читувањето на неделата, го бунат народот, спречувајќи го повторно да ја добие божествената милост и да постигне земна благосостојба. Така ќе се повторат некогашните обвинувања против Божјите слуги, и тоа за истата причина: „Штом Ахав го виде Илија, му рече: ‘Ти ли си оној што го упропастуваш Израел?’ Илија му одговори: ‘Израел не го упропастувам јас, туку ти и твоето семејство, зашто го оставивте Господа, а ти си следбеник на Вал4“ (1. Царевите 18,17.18). Кога лажните обвинувања ќе предизвикаат гнев кај луѓето, тие против Божјите слуги ќе применат постапка мошне слична на онаа што ја применил отпаднатиот Израел против Илија.

Силата што прави чуда, а што се открива преку спиритизмот, ќе го употреби своето влијание против оние што ќе изберат побргу да го слушаат Бога отколку луѓето. Во своите пораки духовите ќе изјавуваат дека Бог ги пратил да ги уверат противниците на неделата оти се во заблуда и да потврдат дека земните закони треба да се почитуваат како Божји закон. Тие ќе покажуваат жалење поради големата расипаност што владее во светот и, заедно со верските учители, ќе тврдат дека ниската состојба на моралот е предизвикана од сквернавењето на неделата. Силно ќе биде негодувањето на светот против оние што ќе одбијат да им веруваат на нивните зборови.

Постапката на сатаната со Божјиот народ во овој последен судир е иста каква што била на почетокот на големата борба на небото. Тој се преправал како да сака да го зацврсти Божјето владеење, а всушност потајно преземал сè за да го собори. И токму делото што настојувал да го изврши тој, на овој начин им го припишувал на ангелите кои останале верни. Исто вакво лукавство ја обележува историјата на Римската црква. Таа тврди дека дејствува како небесен намесник, а всушност настојува да се издигне над Бога и да го промени неговиот Закон. Оние кои поради својата верност кон евангелието претрпеле смрт за време на владеењето на Рим, биле жигосани како злосторници. За нив се тврдело дека се во сојуз со сатаната. Биле употребени сите можни средства за да бидат обвинети и во очите на народот, па дури и во своите сопствени очи, да изгледаат како најлоши злосторници. Така ќе биде и сега. Настојувајќи да ги уништи оние што го почитуваат Божјиот закон, сатаната ќе стори тие да бидат обвинети како престапници на Законот, како луѓе што не го почитуваат Бога и со тоа ги навлекуваат на светот неговите судови.

Бог никогаш не ја присилува волјата или совеста на луѓето, а сатаната, напротив, секогаш се служи со најгрубо насилство да ги доведе под своја власт оние што не може да ги заведе на друг начин. Тој се обидува со страв и со насилство да завладее со совеста на луѓето и да изнуди нивна послушност. За да ја постигне оваа цел, тој работи и преку духовните, а и преку световните власти, поттикнувајќи ги да наметнат човечки закони кои се во спротивност со Божјиот закон.

Оние што ја почитуваат библиската сабота ќе бидат обвинети како непријатели на законот и редот, како луѓе што ги уриваат моралните огради на општеството, како причина за анархијата и расипаноста, како суштества што навлекуваат на земјата Божји судови. Нивното совесно држење на Божјиот закон ќе се прогласи како упорност, тврдоглавост и презирање на власта. Тие ќе бидат обвинети дека не ги почитуваат властите. Проповедниците што ја негираат задолжителноста на божествениот Закон ќе проповедаат од проповедална за должноста да се слушаат граѓанските власти како од Бога одредени. Оние што ги држат Божјите заповеди, во законодавните тела и во судските сали ќе бидат лажно претставени и осудени. На нивните зборови ќе им се даде лажна смисла, а на нивните постапки ќе им бидат припишани најлоши побуди.

Кога протестантските цркви ќе ги отфрлаат јасните библиски докази во прилог на Божјиот закон, тие ќе настојуваат да ги замолкнат сите чијашто вера не можат да ја соборат со Библијата. Иако ги затвораат очите пред фактите, тие, сепак, ја прифаќаат постапката што ќе доведе до прогонство на оние кои свесно се противат да го прават она што го прави другиот христијански свет и кои не се согласуваат да го почитуваат папскиот ден за одмор.

Црковните и световните достоинственици ќе се здружат за да ги поткупат, да ги наговорат или да ги присилат сите луѓе да ја празнуваат неделата. Недостигот од божествени докази ќе биде заменет со присилни мерки. Политичката расипаност ќе ја уништи љубовта кон правдата и почитувањето кон вистината. Дури и во слободарска Америка, државниците и законодавците, за да си обезбедат наклоност од страна на јавноста, ќе се повлечат пред сеопштото барање со закон да биде наметнато празнувањето на неделата. Слободата на совеста, извојувана со толку многу жртви, нема повеќе да се почитува. Во судирот што ќе избувне наскоро, ќе видиме исполнување на зборовите на пророкот: „Се разгневи ламјата против жената, па отиде и стапи во војна со остатокот на нејзиното потомство, со оние што ги држат Божјите заповеди и имаат сведоштво Исусово“ (Откровение 12,17).

Големата борба е завршена (шести дел)
Големата борба е завршена (петти дел)
Големата борба е завршена (четврти дел)
Големата борба е завршена (трет дел)
Големата борба е завршена (втор дел)
Големата борба е завршена (прв дел)
Пустошење на земјата (четврти дел)
Пустошење на земјата (трет дел)
Пустошење на земјата (втор дел)
Пустошење на земјата (прв дел)

Pin It on Pinterest