Што е тоа светилиште? (трет дел)

(продолжува од претходниот ден) Светилиштето на небото, во кое служи Христос, за нас е голем оригинал, додека Светилиштето што го направил Мојсеј е само копија. Бог им дал свој Дух на градителите на земното Светилиште. Големата уметничка вештина и дарба што дошле до израз при градењето на Светилиштето всушност биле манифестација на божествената мудрост. Ѕидовите изгледале како да се направени од чисто злато и на сите страни ја одблеснувале светлината што доаѓала од седумте светилки на златниот светилник. Трпезата за обредни лебови и кадилниот олтар светеле како измазнето злато. Богато украсената завеса што го сочинувала таванот, извезена со слики на ангели во сина, пурпурна и црвена боја, уште повеќе ја разубавувала глетката. А зад втората завеса се наоѓала света Шекина, видлива манифестација на Божјата слава, пред која смеел да стапи само поглаварот свештенички.

Неспоредливиот сјај на земниот шатор пред човечкиот поглед ја откривал славата на небесниот храм во кој нашиот Застапник, Христос, служи за нас пред Божјиот престол. Местото каде што престојува Царот над царевите, каде што му служат илјадници, а десет илјади по десет илјади стојат пред него (Даниел 7,20) небесниот храм, полн со слава на вечниот престол, каде што неговите свети чувари, серафимите, го покриваат своето лице кога му се поклонуваат можел само минијатурно да ја открие својата големина и слава во оваа прекрасна градба што кога и да е ја подигнале човечки раце. Но, сепак, со помош на земното Светилиште и со службата во него се проповедани големите вистини за небесното Светилиште и за големото дело што се врши во него за спасение на човекот.

Светите места на небесното Светилиште се прикажани со помош на две одделенија во Светилиштето на земјата. Кога на апостол Јован во видение му било дозволено да го погледне Божјиот храм на небото, тој видел „седум огнени светила што гореа пред престолот“ (Откровение 4,5). Видел ангел „со златна кадилница кој застана пред жртвеникот. И му беше дадено многу темјан да го принесе во прилог на молитвите на сите свети на златниот жртвеник (олтар) пред престолот“ (Откровение 8,3). Тука на пророкот му било дозволено да го види првото одделение на Светилиштето на небото каде што видел „седум огнени светила“ и „златен олтар (жртвеник)“, кои биле претставени со златниот светилник и со кадилниот олтар во Светилиштето на земјата. Понатаму, видел како се „отвори Божјиот храм на небото“ (Откровение 11,19), и тој погледнал во внатрешноста зад втората завеса, во светињата над светињите. Таму го видел „ковчегот на заветот“, претставен со светиот ковчег што го направил Мојсеј во него да се чува Божјиот закон.

Така, оние што го проучуваа овој предмет најдоа непобитни докази за постоење на Светилиште на небото. Мојсеј го направил земното Светилиште според мострата што му ја покажал Бог. Павле нè учи дека оваа мостра била вистинското Светилиште кое е на небото, а Јован сведочи дека тоа го видел на небото.

Во небесниот храм, каде што престојува Бог, се наоѓа Божјиот престол утврден врз правда и суд. Во светињата над светињите се наоѓа неговиот закон, големото мерило на правдата, според кое Бог ќе им суди на сите луѓе. Ковчегот на заветот, во кој се чуваат плочите на законот, е покриен со поклопец на милоста, пред кој Христос ги изнесува заслугите на својата крв за спасение на грешниците. Вака е претставено соединувањето на правдата и милоста во планот за откуп на човекот. Вакво единство можела да замисли само неизмерната мудрост, а да ја изврши само неизмерната моќ ; тоа е единство што го исполнува целото небо со восхит и почит. Херувимите, кои со стравопочит гледаат во поклопецот на милоста во земното Светилиште, го претставуваат интересирањето со кое небесната војска го посматра делото на спасението. Ова е тајна на милоста во која сакаат да загледаат и ангелите: дека Бог може да остане праведен кога го правда покајаниот грешник и пак да воспоставува врска со паднатиот род; дека Христос можел да се понизи за да извлече безбројно мноштво од бездната на пропаста и да ги облече во чиста облека на својата праведност за да можат да се соединат со ангелите кои никогаш не паднале и вечно да живеат во Божје присуство.

Христовото дело посредувањето за луѓето е претставено со убавото пророштво на Захарија за Оној „чиешто име е Никулец“. Пророкот вели: „Тој ќе создаде Светилиште Господово и ќе се прослави. Тој ќе седи и ќе владее на престол, а до него на престол ќе седи свештеник. Меѓу нив ќе владее совршена хармонија“ (Захарија 6,12.13). (продолжува)

Големата борба е завршена (шести дел)
Големата борба е завршена (петти дел)
Големата борба е завршена (четврти дел)
Големата борба е завршена (трет дел)
Големата борба е завршена (втор дел)
Големата борба е завршена (прв дел)
Пустошење на земјата (четврти дел)
Пустошење на земјата (трет дел)
Пустошење на земјата (втор дел)
Пустошење на земјата (прв дел)

Pin It on Pinterest