Библискиот текст што беше темел и главен столб на верата во второто Христово доаѓање гласи: „Уште две илјади и триста вечери и утра; тогаш Светилиштето ќе се очисти” (Даниел 8,14). Тие зборови им беа добро познати на сите што веруваа во скорашното Христово доаѓање. Илјадници усни го повторуваа ова пророштво како лозунг на својата вера. Сите чувствуваа дека од настаните преткажани во ова пророштво зависат нивните најубави очекувања и нивните најмили надежи. Покажано е дека овие пророчки денови завршуваат есента 1844 година. Тогаш чекателите на Христовото доаѓање веруваа, како и другиот христијански свет, дека земјата, или еден нејзин дел, е Светилиште (светиња). Мислеа дека чистењето на Светилиштето значи чистење на земјата со оган во последниот голем ден и дека тоа ќе се случи во времето на второто Христово доаѓање. Оттаму и заклучокот дека Христос ќе се врати на земјата во 1844 година.
Но одреденото време помина, а Господ не се појави. Верните знаеја дека Божјата реч не може да згреши и дека мора да е погрешно нивното толкување на пророштвото. Но каде е грешката? Мнозина веднаш го пресекоа јазолот на тешкотиите со тоа што негираа дека пророчките 2300 дни се исполниле во 1844 година. Но тие за тоа не можеа да наведат никакви докази, освен што Христос не дојде во времето кога го очекуваа. Од тоа заклучија дека, кога тие 2300 дни би се исполниле во 1844 година, Христос веќе би дошол да го исчисти Светилиштето да ја исчисти земјата со оган. Но бидејќи не дојде, ни овие пророчки денови тогаш не завршиле.
Да се прифатеше овој заклучок, ќе значеше да се напушти дотогашното сметање на пророчките времиња. Беше утврдено дека периодот од 2300 дни почнува со стапувањето во сила на едиктот на Артаксеркс за обнова и повторно ѕидање на Ерусалим есента 457. година пред Христа. Ако тој датум стане појдовна точка, тогаш сите преткажани настани совршено се вклопуваат во толкувањето на тој период даден во Книгата на пророк Даниел 9,2527. Шеесет и деветте седмици, или првиот дел од периодот од 2300 години, во траење од 483 години, требало да допре до Помазаникот, Месија, па Христовото крштавање и помазание со Светиот Дух во 27 та година од нашата ера совршено се вклопува во системот. Три и пол години по своето крштавање, есента 31 та година од нашата ера, Христос бил распнат. Седумдесетте седмици или 490те години биле посебно одредени за еврејскиот народ. Кога поминал тој период, еврејскиот народ го запечатил своето отфрлање на Христа со прогонство на неговите ученици, па апостолите во 34 та година од нашата ера се свртиле кон незнабошците и почнале ним да им го проповедаат евангелието. Тогаш завршил првиот период од 490 години од големиот синџир од 2300 години, а останале уште 1810 години. Од 34 та година на нашата ера, тие 1810 години допираат до 1844 година. Ангелот рекол: „Тогаш Светилиштето ќе се очисти!“ Без сомнение, сите наведени подробности од пророштвото до тогаш се исполниле во одредено време.
Ако биде прифатено ова толкување, станува јасно и усогласено сè, освен што во 1844 година не се случил ниеден настан кој би можел да биде прогласен за чистење на Светилиштето. Да се отфрли фактот дека периодот завршува во тоа време, би значело да се предизвика општа збрка; тоа би значело да се отфрлат становиштата кои се темелеа на несомнено исполнетите пророштва.
Но Бог го водеше својот народ во текот на големото движење на чекателите на второто Христово доаѓање; ова дело го придружуваа неговата сила и слава и Тој не сакаше да дозволи тоа да се заврши во темнина и со разочарување и да се озлогласи како лажна и фанатична возбуда. Тој не можеше да дозволи да се сомнева во неговата Реч и истата да се смета за несигурна. Иако мнозина го напуштија своето поранешно сметање на пророчките времиња и ја негираа исправноста на движењето засновано врз него, имаше и такви кои не беа подготвени да ги напуштат оние точки на верата и искуството што беа поткрепени со Светото писмо и со сведоштвото на Божјиот Дух. Веруваа дека во своето проучување на пророштвата прифатиле здрави начела на толкување и дека нивна должност е цврсто да ја држат до сега усвоената вистина и да продолжат со библиските истражувања. Со сериозна молитва повторно го испитуваа својот став и го проучуваа Светото писмо за да ја откријат својата грешка. Бидејќи не можеа во своето сметање на пророчките времиња да пронајдат грешки, почнаа подлабоко да го испитуваат предметот на Светилиштето.
Со ова истражување дојдоа до заклучок дека нема библиски докази што би го поткрепиле општото мислење оти земјата е Светилиште. Но во Библијата најдоа објаснение за прашањето во врска со Светилиштето, за неговата природа, за местото и за службата во него; а сведоштвото на Светото писмо беше толку јасно и опширно, што беше исклучено секое натамошно сомневање. Во посланието до Евреите Павле кажува: „Секако, и првиот сојуз (завет) имаше уредби за богослужение и за Светилиште, но земно. Имено, беше направен шатор. Во неговиот прв дел, наречен светиња, се наоѓаше светилник и трпеза со принесени лебови. А зад втората завеса беше вториот дел на шаторот, наречен светиња над светињите (најсвето место), во која се наоѓаа златен кадилен жртвеник и ковчегот на заветот, сиот опкован во злато, во кој беше златен сад со мана и Ароновата палка која процутела, и плочите на сојузот. Над ковчегот стоеја херувими на Божјата слава со раширени крилја над местото за помирување“ (Евреите 9,15). (продолжува)