Стапиците на сатаната (втор дел)

(продолжува од претходниот ден) За да ги поддржат лажните науки или нехристијанските обичаи, некои земаат одделни текстови од Писмото од нивната средина и наведуваат само половина од еден така изделен стих за да го докажат своето тврдење, иако другиот дел на стихот има сосем спротивна смисла. Со лукавството на сатаната се вгнездиле зад неповрзани изрази, исконструирани така за да одговараат на нивните телесни желби. Така намерно ја извртуваат Божјата реч. Други, кои имаат бујна мечта, земаат слики и симболи од Светото писмо и ги толкуваат како што ѝ одговара тоа на нивната фантазија, не осврнувајќи се на Божјата реч која се толкува самата себеси, и потоа своите заклучоци ги изнесуваат како учење на Библијата.

Ако Светото писмо се проучува без молитва и без кроток и понизен дух, ќе се изврти вистинската смисла како на оние, наједноставните и најјасни места, така и на оние најтешките. Папските великодостојници бираат такви делови на Светото писмо што најдобро одговараат на нивната цел, ги толкуваат како што им одговара ним, и потоа му ги изнесуваат на народот, одземајќи му го правото сам да ја проучува Библијата и сам да ги разбере нејзините свети вистини. Целата Библија треба да му се даде на народот онака како што е напишана. Подобро би било на верниците воопшто да не им се даде никаква библиска поука отколку учењето на Светото писмо да се фалсификува на ваков начин.

Библијата е одредена да биде водич на сите што сакаат да ја запознаат волјата на својот Творец. Бог на луѓето им дал сигурна пророчка Реч. Ангелите, па и сам Христос, дошле Даниела и Јована да ги запознаат со настаните што треба наскоро да се исполнат. Она што е важно за нашето спасение не останало никаква тајна, ниту е откриено на таков начин да може да го збуни искрениот истражувач на вистината или да го доведе во заблуда. Господ рекол преку пророкот Авакум: „Запиши го видението и одбележи го на плочи јасно, за оној што ќе чита, да може лесно да го прочита“ (Авакум 2,2). Божјата реч е јасна за сите што ја проучуваат со искрена молитва. Секоја искрена душа ќе ја прими светлината на вистината. „Светлина им зрачи на праведните“ (Псалм 97,11). И ниедна црква не може да напредува во светоста ако нејзините верници не ја бараат вистината како скриено богатство.

Повикот на слободоумие ги заслепува луѓето да ги прифатат плановите на својот непријател кој постојано настојува да ја постигне својата цел. Ако му успее со помош на човечките мислења да ја изврти Библијата, тогаш Божјиот закон ќе биде отстранет, а црквите ќе останат во ропството на гревот додека едновремено ќе сметаат дека се слободни.

За мнозина научното истражување станало проклетство. Бог дозволил врз светот да се излее голема светлина преку откритијата на науката и уметноста; но и најголемите умови, ако во нивното истражување не ги води Божјиот Дух, паѓаат во заблуда кога се обидуваат да го испитаат односот меѓу науката и Божјето откровение.

Човечкото сознание, како во материјалните така и во духовните работи, е делумно и непотполно и затоа мнозина не се во состојба своите научни погледи да ги сообразат со библиските објаснувања. Некои ги прифаќаат обичните теории и шпекулации како научни факти и мислат дека Божјата реч мора да биде во согласност со „таканареченото ‘познавање’“ (1. Тимотеј 6,20). Творецот и неговите дела го надминуваат нивното сфаќање; и бидејќи не можат да ги разјаснат со природните закони, библиската историја ја сметаат за несигурна. Оние што се сомневаат во извештаите на Стариот и Новиот завет, често одат еден чекор понатаму и се сомневаат во постоењето на Бога, а на природата ѝ при пишуваат бесконечна моќ . Бидејќи ја отфрлиле својата котва, препуштени се да се скршат на карпата на неверството.

Така мнозина се оддалечуваат од верата и сатаната ги измамува. Луѓето настојувале да станат помудри од својот Творец. Човечката мудрост се обидувала да ги испита и да ги објасни тајните што нема да бидат откриени ниту во вечноста. Кога луѓето би сакале да го истражуваат и да го разберат она што го објавил Бог за себе и за своите намери, би добиле такво откровение за Господовата слава, за неговото величество и моќ , што би ја увиделе својата лична незначителност и би биле задоволни со она што им е откриено ним и на нивните деца. (продолжува)

Големата борба е завршена (шести дел)
Големата борба е завршена (петти дел)
Големата борба е завршена (четврти дел)
Големата борба е завршена (трет дел)
Големата борба е завршена (втор дел)
Големата борба е завршена (прв дел)
Пустошење на земјата (четврти дел)
Пустошење на земјата (трет дел)
Пустошење на земјата (втор дел)
Пустошење на земјата (прв дел)

Pin It on Pinterest