Слободата на совеста – загрозена (седми дел)

(продолжува од претходниот ден) Во крвавите и долги прогонства на валденжаните, од кои некои ја празнувале саботата, јасно излегла на виделина политиката на Рим против оние што не се согласувале со него. Други поднесувале слични страдања заради својата верност кон четвртата заповед. Во тој поглед карактеристична е историјата на христијанската црква во Етиопија. Среде мракот на средниот век светот ги загубил од вид овие христијани на централна Африка. Светот нив ги заборавил и тие повеќе векови уживале слобода на верата. Но најпосле Рим дознал за нивното постоење и етиопскиот цар со измама бил наведен да го признае папата како Христов заменик. Настанале и други отстапки. Излегла наредба која под закана на најстроги казни го забранувала празнувањето на саботата (види: Michael Geddes, Church History of Ethiopia, pages 311, 312).

Меѓутоа, папската тиранија набргу станала толку тежок јарем, што Етиопјаните решиле да го симнат од својот врат. По една страшна борба приврзаниците на Рим биле протерани од своите поседи и повторно е воспоставена старата вера. Црквите пак ја уживале својата слобода и никогаш веќе не го заборавиле искуството што го стекнале во врска со измамата, со фанатизмот и со насилствата на Рим. Биле задоволни со својата осаменост и би сакале да останат непознати за другиот христијански свет.

Африканските цркви ја празнувале саботата како што ја празнувала Римската црква пред својот целосен отпад. Иако го празнувале седмиот ден сообразно со Божјиот закон, африканските цркви се воздржувале од работа и во недела во согласност со обичаите на црквата. Кога задобил врховна власт, Рим ја погазил Божјата сабота за да го извиши својот ден за одмор, но овие цркви во Африка, скриени речиси илјада години, не учествувале во овој отпад. Кога потпаднале под власт на Рим, биле присилени да ја напуштат вистинската сабота и да го празнуваат лажниот ден за одмор. Но штом ја постигнале својата независност, пак се вратиле на послушноста на четвртата заповед.

Овие настани од минатото јасно го покажуваат непријателството на Рим кон саботата и кон нејзините бранители, како и средствата што ги употребувал тој да го наметне почитувањето на установата што самиот ја воспоставил. Божјата реч нè учи дека сите овие сцени ќе се повторат кога католиците и протестантите ќе се здружат да ја издигнат неделата.

Пророштвото од 13. глава на Откровението објавува дека силата што е прикажана во симболот на ѕверот со два рога како кај јагне ќе стори „земјата и нејзините жители“ да му се поклонат на папството кое е прикажано со „леопард“. Ѕверот со два рога ќе им советува на „земните жители да му направат икона на ѕверот“. По натаму, тој ќе стори „сите малечки и големи, богати и бедни, слободни и робови“ да примат „жиг на ѕверот“ (Откровение 13,11-16).

Веќе беше спомнато дека ѕверот „со два рога како кај јагне“ ги претставува Соединетите Држави и дека ова пророштво ќе се исполни кога Соединетите Држави со сила ќе го наметнуваат празнувањето на неделата, што Рим го смета за посебно признание на својата превласт. Но во ова почитување на папството Соединетите Држави нема да бидат сами. Влијанието на Рим во земјите што некогаш ја признавале неговата власт уште не е уништено. И пророштвото преткажува обнова на неговата власт: „И видов една од неговите глави смртно ранета, но неговата смртоносна рана беше исцелена. И сета земја се восхити и тргна по ѕверот“ (Откровение 13,3). Смртната рана укажува на падот на папството во 1798 година. Укажувајќи на ова време, пророкот кажува: „Но неговата смртоносна рана беше исцелена. И сета земја се восхити и тргна по ѕверот“ (Откровение 13,3). Павле јасно тврди дека „човекот на беззаконието“ ќе постои сè до второто Христово доаѓање (2. Солуњаните 2,3.8). Тој ќе продолжи со своите измами сè до последното време. Писателот на Откровението кажува: „Ќе му се поклонат сите кои живеат на земјата, чие име не е запишано во книгата на животот на Јагнето“ (Откровение 13,8). На папството ќе му биде укажана почит во Новиот како и во Стариот свет со тоа што ќе биде воспоставено празнување на неделата, зашто таа (неделата) почива единствено врз авторитетот на Римската црква.

Од средината на деветнаесеттиот век истражувачите на пророштвата во Соединетите Држави на светот му го објавуваат ова сведоштво. Во настаните што се одигруваат сега јасно се гледа брзиот напредок во исполнувањето на пророштвото. И протестантските учители го истакнуваат божествениот авторитет на неделата иако немаат никаков библиски доказ за тоа, како и папските водачи кои измислуваат чуда за да ја заменат Божјата заповед. Тврдењето дека луѓето ќе ги погоди Божји суд поради престапувањето на неделата, што е поставена на местото на саботата, ќе се повтори. Веќе се појавува движење што работи на тоа да ги присили луѓето да празнуваат недела. Тоа движење сè повеќе расте. (продолжува)

Големата борба е завршена (шести дел)
Големата борба е завршена (петти дел)
Големата борба е завршена (четврти дел)
Големата борба е завршена (трет дел)
Големата борба е завршена (втор дел)
Големата борба е завршена (прв дел)
Пустошење на земјата (четврти дел)
Пустошење на земјата (трет дел)
Пустошење на земјата (втор дел)
Пустошење на земјата (прв дел)

Pin It on Pinterest