Слободата на совеста – загрозена (прв дел)

Протестантите денеска католицизмот го гледаат во многу поповолна светлина отколку во минатото. Во земјите каде што католицизмот е во малцинство и каде што католиците заземаат помирлив став за да го прошират своето влијание, се забележува сè поголема рамнодушност во врска со науките што ги разделуваат протестантските цркви од папската хиерархија. Сè повеќе преовладува мислењето дека разликите за важните прашања не се толку големи како што се сметало и дека само малку попуштање од страна на протестантите може да доведе до подобри односи со Рим. Имало време кога протестантите високо ја ценеле слободата на совеста што била скапо платена. Своите деца ги учеле да се гнасат од папството и секој стремеж кон пријателство со Рим го сметале за неверство кон Бога. Но колку поинакви се чувствата што се покажуваат денеска!

Бранителите на папството тврдат дека Католичката црква е наклеветена и протестантскиот свет е наклонет да го прифати ова тврдење. Мнозина сметаат дека е неправедно што денешната Римска црква се проценува според стравотиите и безумноста што ја обележувале нејзината власт за време на вековите на незнаењето и духовната темнина. Тие ја оправдуваат нејзината страшна свирепост, прикажувајќи ја како резултат на дивјаштвото во тоа време и тврдат дека влијанието на модерната просветеност ги изменило нејзините чувства.

Зар овие луѓе го заборавиле барањето на Рим на непогрешност кое оваа горделива власт ја истакнувала во текот на повеќе од осум стотини години? Далеку од тоа да го напушти своето барање, таа во деветнаесеттиот век го истакнува со уште поголема решителност од кога и да е порано. Рим тврди дека Католичката црква „никогаш не згрешила, ниту пак, според Светото писмо, кога и да е ќе згреши“(John L. von Mosheim, Institutes of Ecclesiastical History, book 3, century II, part 2, chapter 2, section 9, note 17). – Тогаш како може да се откаже од начелата кои во текот на минатите векови управувале со неа?

Римската црква никогаш нема да отстапи од своето барање за непогрешност. Таа смета дека имала право во сè што сторила кога ги прогонувала оние што ги отфрлиле нејзините догми. Зар таа не би ги повторила истите дела кога би ѝ се дала можност за тоа? Само нека се отстранат ограничувањата што сега ги поставуваат световните власти и Рим повторно нека ја задобие својата некогашна власт  набргу ќе оживее неговото насилство и прогонство.

Еден познат писател зборува вака за ставот на папската власт кон слободата на совеста и за опасностите што посебно им се закануваат на Соединетите Американски Држави ако таа успее да ги спроведе своите цели:

„Мнозина стравот од католицизмот во Соединетите Држави го сметаат за ограниченост или детинење. Тие не гледаат во карактерот и во ставот на католицизмот ништо што би било противречно со нашите слободарски установи, ниту во неговото јакнење наоѓаат нешто што би било опасно. Затоа најпрво да споредиме некои од главните начела на американската државна управа со начелата на Католичката црква.

Уставот на Соединетите Држави гарантира слобода на совеста. Тоа е нешто најскапоцено и најважно. Папата Пие  IX рекол во своето послание од 19 август 1854 година: ‘Бесмислените и погрешни учења и празното филозофирање за одбра на на слободата на совеста се крајно гибелна заблуда чума која најмногу ѝ се заканува на една држава.’ Истиот папа во своето послание од 8 декември 1864 година изрекува проклетство над ‘оние што ја бранат слободата на совеста и верата’, како и над ‘сите што го поддржуваат мислењето дека црквата не смее да употребува сила’.

Мирољубивиот тон на Рим во Соединетите Држави во никој случај не значи промена на духот. Рим е толерантен само кога е немоќен. Бискупот О’Конер кажува: ‘Слободата на вероисповедта само се трпи додека не може да се постапи поинаку без опасност за католичкиот свет…’ Надбискупот на св. Луј во една пригода рекол: ‘Кривоверството и неверувањето се злосторства; и во христијанските земји, како на пример во Италија и Шпанија, каде што целото население е католичко, и каде што католичката религија е битен дел на државните закони, тие се казнуваат како секој друг престап…’

Секој кардинал, надбискуп и бискуп во Католичката црква пред папата полага заклетва на верност која ги содржи овие зборови: ‘Ветувам дека со сите мои сили ќе ги прогонувам кривоверците, отпадниците и бунтовниците против нашиот горе именуван господар, папа, или против неговите споменати наследници, и дека најенергично ќе им се противставувам’“ (Josiah Strong, Our Country, ch. 5, pars. 2-4). (продолжува)

Големата борба е завршена (шести дел)
Големата борба е завршена (петти дел)
Големата борба е завршена (четврти дел)
Големата борба е завршена (трет дел)
Големата борба е завршена (втор дел)
Големата борба е завршена (прв дел)
Пустошење на земјата (четврти дел)
Пустошење на земјата (трет дел)
Пустошење на земјата (втор дел)
Пустошење на земјата (прв дел)

Pin It on Pinterest