Слободата на совеста – загрозена (трет дел)

(продолжува од претходниот ден) Постои видна сличност меѓу римската и еврејската црква во времето на првото Христово доаѓање. Додека Евреите тајно газеле секое начело на Божјиот закон, надворешно мошне строго се придржувале кон неговите прописи. Народот го оптоварувале со разни прописи и преданија кои послушноста ја правеле мачна и здодевна. Како Евреите што тврделе дека го обожаваат Законот, така католиците тврдат дека го обожаваат крстот. Тие го издигнуваат симболот на Христовите маки, а во својот живот се откажуваат од Оној кого тој крст го претставува.

Католиците крстот го ставаат на своите цркви, на олтарите и свештеничките облеки. Насекаде се гледаат крстови што се почитуваат и издигнуваат јавно, но Христовата наука е закопана под мноштво бесмислени преданија, под лажни толкувања и строги прописи. Христовите зборови, упатени до фанатичните Евреи, во уште поголема мера можат да се применат на водачите на Римокатоличката црква: „Тие врзуваат тешки и неподносливи бремиња“ (Матеј 23,4). Совесните души во крилото на Католичката црква постојано стравуваат плашејќи се од гневот на еден одмаздлив Бог, додека многу достоинственици на оваа црква живеат во раскош и во сетилни задоволства.

Клањањето пред слики и реликвии, призивањето на светците и извишувањето на папата се стапици на сатаната што имаат за цел да го одвратат вниманието на народот од Бога и од неговиот Син. За да ги упропасти душите, сатаната се труди нивното внимание да го сврти од Оној во кого единствено можат да најдат спасение. Сака нивното внимание да го насочи кон нешто што би го заменило Оној кој рекол: „Дојдете кај мене сите кои сте уморни и натоварени и јас ќе ве одморам“ (Матеј 11,28).

Сатаната постојано се труди погрешно да го претстави Божјиот карактер, природата на гревот и вистинскиот резултат на големата борба. Неговите измислици го заслабнуваат чувството на обврска кон божествениот Закон и на луѓето им дозволува да грешат. Во исто време сатаната им помага да негуваат грешни сфаќања за Бога, така што Бога повеќе да го гледаат со страв и омраза отколку со љубов. Свирепоста, што е составен дел на неговиот карактер, сатаната му ја припишува на Творецот. Таа е олицетворена во верските системи и се гледа во начинот на богослужението. Така човечките души стануваат затемнети и сатаната ги употребува како свои орудија да војуваат против Бога. Прифаќајќи ги изопачените сфаќања за божествените особини, незнабожечките народи биле наведени да поверуваат дека им се неопходни човечки жртви за да ја задобијат божествената наклоност; овие луѓе направиле страшни суровости едни на други, следејќи разновидни облици на идолопоклонството.

Римокатоличката црква, која го соединила многубоштвото со христијанството и, слично на многубоштвото, погрешно го претставила Божјиот карактер, исто така прибегнувала кон свирепи и грозоморни постапки. Во времето на превласта на папскиот Рим постоеле разни средства за мачење со чија помош луѓето биле присилувани да се согласат со неговите науки. Оние што не се согласиле со неговите барања биле осудувани на ломача. Имало многу колежи за кои никогаш нема да се дознае додека не бидат откриени на судниот ден. Достоинствениците на црквата научиле од својот учител, сатаната, да измислат такви средства што ќе предизвикаат најсилни маки, а притоа нивните жртви сепак, да останат живи. Во многу случаи пеколната постапка се повторувала до крајни граници на човековата издржливост сè додека човечката природа не попуштила во борбата, а маченикот смртта ја поздравувал како мил ослободител.

Таква била несреќата на оние што му се опирале на Рим. Над своите приврзаници Рим применувал по потреба строгост на камшик, гладување и сите можни телесни казни. За да стекнат не бесна наклоност, покајниците, прекршувајќи ги природните закони, ги кршеле Божјите закони. Биле поучувани да ги раскинат врските што му ги дал Бог на човекот за да го разубави и да го благослови неговиот живот на земјата. По гробиштата се наоѓаат милиони жртви кои своите животи ги поминале во залудни настојувања да ги задушат своите природни стремежи, да ги потиснат како нешто грешно пред Бога сите мисли и чувства на наклоност кон своите ближни.

Ако сакаме да ја сфатиме страшната суровост на сатаната што јасно се откривала со векови, и тоа не меѓу оние кои никогаш не слушнале за Бога, туку во самата средина на христијанството, треба само да ја читаме историјата на Католичката црква. Со помош на својот голем систем на измами, кнезот на злото ја остварил својата намера да го осрамоти Бога и да му зададе болка на човекот. И кога ќе видиме како тој успева да се престори и да ја оствари својата цел преку водачите на оваа црква, тогаш можеме подобро да разбереме зошто тој има толку голема одвратност кон Библијата. На оној што ја чита Библијата Бог ќе му ја открие својата милост и љубов. Тој ќе види дека Бог не става врз луѓето ниту еден од овие тешки товари. Сè што бара Тој е кротко и понизно срце, покајан и послушен дух. (продолжува)

Големата борба е завршена (шести дел)
Големата борба е завршена (петти дел)
Големата борба е завршена (четврти дел)
Големата борба е завршена (трет дел)
Големата борба е завршена (втор дел)
Големата борба е завршена (прв дел)
Пустошење на земјата (четврти дел)
Пустошење на земјата (трет дел)
Пустошење на земјата (втор дел)
Пустошење на земјата (прв дел)

Pin It on Pinterest