(продолжува од претходниот ден) Не се осмелиле само сиромашните и понизните да сведочат за Христа среде подбивањата и неволјите. И во кнежевските сали на замоците и палатите имало благородни души кои повеќе ја ценеле вистината од богатството и положбата, па дури и од животот. Витешката опрема криела поблагороден и похрабар дух од оној под бискупската облека и под митрите. Еден од таквите бил и Луј Беркен, по потекло благородник, храбар дворски витез, предан на науката, со префинети манири и со беспрекорен морал. „Тој бил“, кажува еден писател, „голем чувар на папските уредби и ревносен посетител на сите манастири и проповеди; … и како врв на сè, длабоко го презирал учењето на Лутера.“ Но, како и многу други, и тој со Божјето провидение бил поттикнат да ја проучува Библијата и се зачудил кога во неа не ја нашол „науката на Рим, туку науката на Лутера“ (Wylie, b. 13, ch. 9). Од тој миг наполно му се посветил на делото на евангелието.
Наречен „најучен француски благородник“, личен заштитник на кралот, на мнозина им изгледало дека тој, поради својата надареност, речитост, непоколеблива храброст, херојска ревност и влијание на дворот, ќе биде иден реформатор на својата земја. Теодор Беза вели: „Беркен би бил втор Лутер кога во Франсоа I би нашол друг изборен кнез.“ „Тој е полош од Лутера“, викале приврзаниците на папата (Исто, b. 13, ch. 9). И навистина, тој бил поопасен за приврзаниците на папата во Франција од Лутера. Тие го затвориле како кривоверец, но кралот го ослободил. Борбата траела со години. Франсоа I се колебал меѓу Рим и реформацијата; понекогаш ја штител и ја ограничувал гневната ревност на калуѓерите. Три пати папските власти го затворале Беркена и три пати кралот го ослободил, зашто бил восхитен со неговиот благороден карактер и генијалност и затоа одбил да го предаде на милост и немилост на црковните водачи.
Многупати Беркен бил предупреден на опасноста што му се заканува во Франција и пријателите го советувале да го следи примерот на оние што нашле сигурност во доброволно изгнанство. Плашливиот и непостојан Еразмо, на кого, покрај сета сјајна ученост, му недостигала онаа морална сила која животот и честа ѝ ги потчинува на вистината, му пишувал на Беркена: „Барај да те пратат како пратеник во некоја странска земја; патувај во Германија. Ти го познаваш Беда и други слични на него; тој е чудовиште со илјада глави кое својот отров го фрла на сите страни. Ти имаш легион непријатели. Кога твоето дело би било подобро од Исусовото, тие не би те пуштиле додека не те убијат. Немој да се надеваш многу во заштитата на кралот. Во секој случај, не го загрозувај мојот добар глас на теолошкиот факултет“ (Исто, b. 13, ch. 9).
Колку повеќе се напластувале опасности, сè повеќе се зголемувала ревноста на Беркена. Не сакал да ја прифати политиката на претпазливост што му ја советувал Еразмо, туку се решил на уште посмели дела. Не само што ја бранел вистината, туку и ги напаѓал заблудите. Обвинувањето поради кривоверство, што го подигнале приврзаниците на папата против него, тој го свртил против нив. Негови најупорни и најогорчени непријатели биле теолозите и монасите на теолошкиот факултет на парискиот универзитет, еден од најголемите црковни авторитети како во градот така и во државата. Беркен од списите на тие теолози извадил дванаесет реченици што јавно ги прогласил како „противни на Библијата и според тоа еретички“, и му се обратил на кралот да биде судија во оваа расправа. (продолжува)