(продолжува од претходниот ден) Калвин мирно го почнал своето дело и неговите зборови биле како роса што паѓа да ја освежи земјата. Го оставил Париз и се настанил во еден провинциски град под заштита на принцезата Маргарета која, од љубов кон евангелието, ги заштитувала оние што го прифатиле. Калвин уште бил младич; бил скромен и љубезен. Својата работа со луѓето ја почнал во нивните домови. Опкружен со членовите на семејството, им го читал Светото писмо и им ги толкувал вистините на спасението. Оние што ја чуле веста на спасението, им ја носеле и на другите, и набргу од големиот град евангелието се раширило низ околните места и села. Калвин имал пристап како во дворците така и во колибите; храбро го расчистувал патот на евангелието, положувајќи го темелот на црквите од кои излегувале бестрашни сведоци на вистината.
По неколку месеци отишол во Париз. Во круговите на учените и образовани луѓе завладеала голема возбуда. Изучувајќи ги старите јазици, луѓето се запознале со Библијата и мнозина, чиишто срца уште не биле трогнати со нејзините вистини, ги истражувале ревносно и дури сами се бореле против бранителите на папството. Иако Калвин на полето на теолошките расправи бил добар борец,тој имал повисока задача од овие бучни теолози. Срцата на луѓето биле разбудени и сега настапило време да им се открие вистината. Додека салите на универзитетите одекнувале од бучни теолошки расправии, Калвин одел од куќа до куќа и му ја отворал на народот Библијата и му зборувал за распнатиот Христос.
Со Божјето милостиво провидение, Париз требало да слушне и друг повик за да го прими евангелието. Го отфрлил повикот на Лефевр и на Фарел, но сепак, било одредено во тој голем град сите сталежи да ја слушнат веста на евангелието. Кралот од политички обѕири во борбата против реформацијата не застанал потполно на страна на Рим. Маргарета сè уште се надевала дека протестантизмот во Франција ќе победи. Решила во Париз да се проповеда реформираната вера. За време на отсуството на кралот му заповедала на еден протестантски проповедник да проповеда во градските цркви. Кога папските великодостојници го забраниле тоа, тогаш принцезата го отворила дворот. Една соба била приспособена како капела; објавено е дека секој ден во одредено време ќе се одржува проповед на која се повикуваат луѓето од сите сталежи. Мноштво луѓе доаѓале на проповедта. Не само капелата, туку и претсобјето и соседните простории биле полни со народ. Илјадници души секој ден се собирале на Божјата служба: благородници, државници, адвокати, трговци и занаетчии. Наместо овие собири да ги забрани, кралот одредил да се отворат две париски цркви за проповеди. Никогаш порано градот не бил толку обземен со Божјата реч. Се чинело дека од небото дувнал врз народот животен дух. Местото на пијанството, порокот, караниците и мрзливоста го зазеле умереност, чистота, ред и трудољубивост.
Но свештенството не седело со скрстени раце. Кралот сè уште се притеснувал да го забрани проповедањето и затоа тие се свртиле кон народот. Ги употребиле сите средства за да предизвикаат страв, предрасуди и фанатизам кај неуките и празноверните. Покорувајќи им се слепо на своите лажни учители, Париз, како и некогаш стариот Ерусалим, не го препознал своето време ниту она што служело за неговиот мир. Во текот на две години во главниот град се проповедала Божјата реч, и додека мнозина го прифатиле евангелието, сепак, мнозинството го отфрлило. Кралот Франсоа I од лични политички цели покажал извесна верска трпеливост, но подоцна папските приврзаници пак задобиле превласт. Црквите пак биле затворени и ломачите пак подигнати.
Калвин сè уште бил во Париз, приготвувајќи се со проучување, со размислување и со молитва за својата идна работа, а во исто време продолжил да го шири виделото. Најпосле станал сомнителен и властите решиле да го спалат на ломача. Сметајќи се сигурен во својата повлеченост, и не помислувал на опасноста, кога одненадеж во неговата соба дотрчале пријателите со вест дека веќе се пратени стражари да го уапсат. Истиот миг се слушнало тропање на надворешната врата. Не смеел повеќе да се колеба. Некои од неговите пријатели ги задржале стражарите пред вратата, додека други му помогнале на реформаторот да се спушти низ прозорец. Бргу се упатил кон предградието каде што нашол прибежиште во колибата на еден работник кој бил пријател на реформацијата. Калвин тука се преоблекол во облеката на својот домаќин и со мотика на рамо тргнал понатаму. Се упатил кон југ, каде што пак нашол прибежиште на подрачјето на принцезата Маргарета. (Vidi: D’Aubigne, History of the Reformation in Europe in the Time of Calvin, b. 2, ch. 30). (продолжува)