(продолжува од претходниот ден) Жртвите умирале во најстрашни маки, зашто било наредено огнот да гори полека за да се продолжат нивните претсмртни маки. Но тие умирале како победници. Нивната решителност била непоколеблива, а нивниот мир непоматен. Прогонувачите, немоќни да ја поколебаат нивната нескршлива цврстина, се чувствувале самите победени. „Ломачи биле подигнати во сите делови на Париз и жртвите ги спалувале во разни денови, со што ги зголемувале измачувањата за да се зголеми стравот од кривоверство. Но победата, сепак, на крај била на страна на евангелието. Цел Париз можел да види какви луѓе создала новата вера. Нема проповедална која би била толку речита како ломачите на мачениците. Тивката радост која зрачела од лицата на овие луѓе кога оделе на губилиште, нивната храброст среде пламенот, нивното милостиво проштавање на навредите, често гневот го претворале во сомилост, омразата во љубов и со непреодолива речитост сведочеле во полза на евангелието“(Wylie, b. 13, ch. 20).
Свештениците, сакајќи да поттикнат гнев кај народот, за протестантите ширеле најстрашни клевети. Ги обвинувале дека приготвуваат колеж на католиците, уривање на владата и убиство на кралот. Но за тоа тврдење не можеле да наведат ниту еден доказ. Овие пророштва за идната несреќа требало да се исполнат, но во наполно поинакви прилики и од сосем спротивни причини. Стравотиите што ги извршиле католиците над недолжните протестанти преколнувале за одмазда и на подоцнежните векови им ја донеле токму онаа судбина која според нивното пророштво му се заканувала на кралот, на неговата влада и на неговите приврзаници. Главни предизвикувачи на таа катастрофа биле неверниците и самите паписти. Не зацврстувањето, туку угнетувањето на протестантизмот на Франција по триста години ѝ ги донело оние ужасни стравотии.
Сите општествени слоеви биле проникнати со подозрение и ужас. Среде сеопштата возбуда било очигледно колку длабок корен фатила Лутеровата наука во срцата на луѓето кои се одликувале со воспитание, со влијание и со беспрекорен карактер. Наеднаш положбите од доверба и чест останале празни. Исчезнале занаетчии, графичари, научници и универзитетски професори, писатели, па дури и дворски службеници. Стотици побегнале од Париз, доброволно ја напуштиле својата родна земја, со што во многу случаи првпат дале на знаење дека ѝ припаѓаат на реформираната вера. Одненадеж папистите се загледале при помислата дека во нивната средина живееле толку многу неосомничени еретици. Својот гнев го излеале врз мноштвото скромни жртви што биле во нивна власт. Затворите биле преполни, воздухот како да потемнел од чадот на ломачите што гореле, што биле запалени за приврзаниците на евангелието.
Франсоа I се фалел дека е еден од водачите на големото движење на ренесансата, на културниот препород, што го обележува почетокот на шеснаесеттиот век. Сакал на својот двор да собира учени луѓе од сите земји. Неговата толерантност кон реформацијата донекаде треба да ѝ се припише на неговата љубов кон науката и на неговиот презир кон незнаењето и празноверието на монасите. Но, опфатен со ревност да го уништи „кривоверството“, овој заштитник на науката издал декрет со кој ја укинал слободата на печатот во цела Франција. Франсоа I претставува еден од многуте примери во историјата што покажуваат дека ученоста не е заштита против верската неподносливост и прогонство.
Со една свечена и јасна церемонија Франција го почнала прогонството и целосното уништување на протестантизмот. Свештениците барале навредата нанесена на Небото со отфрлањето на мисата да биде окајана со крв, и кралот, во интерес на својот народ, мора јавно да го одобри ова варварско дело. (продолжува)