Разурнувањето на Ерусалим (осми дел)

(продолжува од предходниот ден) Евреите сами себеси си исковале окови; сами ја наполниле чашата на одмаздата. За време на своето уништување како нација и во сите неволји што ги снашле по расејувањето, го жнееле она што сами го посеале. Пророкот кажува: „О Израеле, ти сам себе се уништи“, „падна поради своето беззаконие…“ (Осија 13,9; 14,1).

Нивното страдање често се споменува како казна што ги стигнала по Божја наредба. На тој начин големиот измамник се обидува да го скрие своето дело. Меѓутоа, упорното отфрлање на божествената милост била причина да се повлече Божјата заштита од Евреите, така што сатаната можел да владее над нив по своја волја. Нечуените свирепости што се случувале при разурнувањето на Ерусалим се доказ за реваншистичката сила на сатаната над оние што го прифаќаат неговото водство.

Не можеме наполно да сфатиме колку му должиме на Христа за мирот и заштитата што ги уживаме. Божјата сила спречува човештвото потполно да падне под сатанска власт. Непослушните и неблагодарните би сториле добро кога би заблагодариле за Божјата милост и трпение што ја задржуваат свирепата и зла сила на сатаната. Но, кога луѓето ќе ја преминат границата на Божјето трпение, тогаш неговата заштита се повлекува. Бог не стои спроти грешникот како извршител на пресудата поради гревот. Тој ги остава тие што ја отфрлиле неговата милост сами да го пожнеат она што го посеале. Секој отфрлен зрачок на светлината, секоја презрена или занемарена опомена, секоја грешна страст што ја негуваме, со еден збор, секое газење на Божјиот закон, е семе што се сее и што ќе донесе сигурна жетва. Ако човекот му се противставува на Божјиот Дух, Тој најпосле го напушта и тогаш човекот останува без силата со која би можел да ги победи своите грешни страсти и без заштита од злобата и од непријателството на сатаната.

Разурнувањето на Ерусалим е свечена опомена за сите што ги потценуваат опомените на Божјата благодат и кои ги отфрлаат молбите на Божјата милост. Никогаш не било дадено порешително сведоштво за Божјата омраза кон гревот и за неминовноста од казна што еден ден ќе ги стигне грешниците.

Пророштвото на Спасителот за разурнување на Ерусалим треба да има и едно друго исполнување, според кое, овој настан е само бледа слика. Во судбината на избраниот град можеме да ја видиме судбината на светот што ја отфрлил Божјата милост и го погазил неговиот закон. Мрачни се извештаите на човечката беда чијшто сведок била земјата низ долгите векови на злосторствата. Срцето се стега и духот изнемоштува при размислата за овие работи. Ужасни биле последиците на отфрлањето на Божјиот авторитет. Но уште помрачна сцена крие иднината. Извештаите од минатото, ­ долгата низа бунтови, судири и револуции, „воената врева, облеката натопена во крв“ (Исаија 9,5) ­ не се ништо во споредба со ужасите на оној ден кога Божјиот Дух ќе се повлече од грешниците и кога нема да ја задржува повеќе ниту експлозијата на човечките страсти ниту гневот на сатаната. Тогаш светот ќе ги види, како никогаш порано, последиците на сатанското владеење.

Но, во тој ден, како и во времето на разурнувањето на Ерусалим, Божјиот народ ќе се избави, „секој што ќе биде запишан за живот“ (Исаија 4,3). Исус ветил дека ќе дојде по вторпат да ги собере своите верни. „Тогаш ќе проплачат сите племиња на земјата и ќе го видат Синот човечки како доаѓа на небесните облаци со голема сила и слава. И Тој ќе ги прати своите ангели со силен трубен глас да ги соберат неговите избраници од четирите ветра, од едниот до другиот крај на небесата“ (Матеј 24,30.31). Тогаш сите што биле непослушни на евангелието ќе „бидат убиени со здивот на неговата уста и уништени со светлината на неговото доаѓање“ (2. Солуњаните 2,8).

Како и стариот Израел, грешниците ќе се уништат сами себе си; тие ќе бидат жртва на својата неправда. Нивниот грешен живот толку многу ги оддалечил од Бога и тие во толкава мера се расипале, што појавата на Божјата слава за нив ќе биде оган што уништува.

О кога луѓето би внимавале да не ја занемарат поуката што ни ја дал Исус со своите зборови! Како што ги предупредил своите ученици во врска со разурнувањето на Ерусалим и им дал знаци за пропаста што се приближувала за да можат да се избават, така го предупредил и светот за неговата пропаст и дал знаци за приближувањето на тој голем ден за сите што сакаат да можат да го избегнат идниот гнев. Исус нè уверува: „Ќе се појават знаци на сонцето, на месечината и на ѕвездите, а на земјата народите ќе ги обземе страв и збунетост“ (Лука 21,25; Матеј 24,29; Марко 13,24.­26; Откровение 6,12­.17).

Луѓето што ќе ги видат овие знаци ­ претходници на неговото доаѓање ­ треба да знаат „дека е близу, пред врата“ (Матеј 24,33). „Бдејте“, предупредува Тој (Марко 13,35). Тие што ќе ја послушаат опомената, нема да бидат оставени во темнина и денот нема да ги најде неподготвени; но, за сите што не бдеат, „денот Господен ќе дојде како крадец ноќе“ (1. Солуњаните 5,2).

И денеска светот не е подготвен да ја прими веста за нашето време како и Евреите што не биле подготвени да ја примат опомената на Спасителот во врска со Ерусалим. Кога и да дојде, денот Господен за безбожните ќе дојде неочекувано. Животот ќе тече со својот вообичаен ток; луѓето ќе бидат зафатени со уживања, со работа, со трговија, со стекнување на земно богатство; религиозните водачи ќе го издигнуваат напредокот и просветата на светот, и народот ќе се лулка во лажна сигурност, тогаш, како крадецот што се притајува ноќе кон незаштитената куќа, одненадеж врз безгрижните и безбожните ќе се урне пропаст, „и нема да ја избегнат“ (1. Солуњаните 5,3).

Големата борба е завршена (шести дел)
Големата борба е завршена (петти дел)
Големата борба е завршена (четврти дел)
Големата борба е завршена (трет дел)
Големата борба е завршена (втор дел)
Големата борба е завршена (прв дел)
Пустошење на земјата (четврти дел)
Пустошење на земјата (трет дел)
Пустошење на земјата (втор дел)
Пустошење на земјата (прв дел)

Pin It on Pinterest