Пустошење на земјата (втор дел)

(продолжува од претходниот ден) Проповедниците и народот гледаат дека немале правилен однос кон Бога. Увидуваат дека се бунеле против Творецот на сите добри и праведни закони. Отстранувањето на божествените прописи било повод за илјадници зла: караници, омраза, неправедност, така што земјата станала една огромна сцена на судири, бариште на расипаност. Тоа е сликата што се простира сега пред оние што ја отфрлиле вистината и ја избрале лагата. Ниеден јазик неможе да го изрази копнежот што го чувствуваат непослушните и неверните по она што за секогаш го загубиле за вечниот живот. Луѓето што ги обожавал светот заради нивните способности и нивната речитост сега сето ова го гледаат во неговата вистинска светлина. Увидуваат што загубиле со престапот и, паѓајќи пред нозете на оние чијашто верност ја презирале и ја исмевале, признаваат дека Бог ги сакал.

Народот увидува дека бил заведен. Луѓето се обвинуваат едни со други за пропаста; но сите се соединуваат во најогорчено проколнување на проповедниците. Неверните пастири преткажувале само мили работи. Тие своите слушатели ги поттикнувале да го отфрлат Божјиот закон и да ги прогонуваат оние што се труделе да го држат. Сега, во својот очај, овие учители ја признаваат пред светот својата измама. Народот, исполнет со гнев, вика: „Ние сме загубени, а вие сте причина за нашата пропаст!“ Тие стануваат против своите лажни пастири. Токму оние, кои некогаш најмногу им се восхитувале, ќе изговараат против нив најстрашни клетви. Истите раце што некогаш ги крунисале со ловорики, ќе се подигнат да ги уништат. Мечевите со кои требало да се убие Божјиот народ, сега се употребени против неговите непријатели. На сите страни настанува судир и крвопролевање.

„Боен вик допира до накрај светот бидејќи Господ има спор со народите, излегува на суд со секое тело, безбожниците ќе ги предаде под меч“ (Еремија 25,31). Шест илјади години трае големата борба. Божјиот Син и неговите небесни весници биле во судир со силите на злото за да ги опоменат, да ги просветлат и да ги спасат синовите човечки. Сега е донесена конечна одлука за сите; грешниците потполно се соединиле со сатаната во неговата борба против Бога. Настапило време Бог да го оправда авторитетот на својот погазен Закон. Сега не се води борба само со сатаната, туку и со луѓето. „Господ има спор со народите“, „безбожниците ќе ги предаде под меч“.

Знак за ослободување е ставен на оние „кои жалат, кои воздивнуваат поради гадотиите што се прават“. Сега излегува ангел на смртта кој во видението на Езекил е претставен како луѓе со смртно оружје во раката на кои им е заповедано: „Убијте ги старците, младичите, девојките, децата и жените; истребете ги сите до последен. Но не гибајте ниту еден на кого има знак; и почнете од мојата светиња.“ Пророкот вели: „И тие почнаа од старешините што стоеја пред домот“ (Езекил 9,1-6). Уништувањето почнува од оние што тврделе дека се духовни чувари на народот. Лажните чувари се први што ќе паднат. Нема никого да сожалуваат или да поштедат. Мажи, жени, девојки и деца сите ќе изгинат.

„Зашто, ете, Господ излегува од своето живеалиште да ги казни земните жители за нивното беззаконие, што му згрешија нему. Земјата ќе ја открие сета крв што е пролеана на неа и нема да ги крие оние што се поклани на неа“ (Исаија 26,21). „Еве со која рана Господ ќе ги удри сите народи кои ќе завојуваат против Ерусалим: месото ќе им се распаѓа додека се уште на нозе; очите ќе им пресушат во очните празнини, јазикот ќе им гние во устата. Во тој ден меѓу нив ќе завладее голем смут од Господа; ќе се фаќаат еден со друг за рака, и сечија рака ќе се подига против друг“ (Захарија 14,12.13). Во таа ужасна борба, распалени со своите страсти и среде страшното излевање на Божјиот нестивнат гнев, ќе паѓаат грешните земни жители свештеници, старешини и народ, богати и сиромаси, големи и малечки. „Во оној ден ќе бидат поразени од Господа од едниот до другиот крај на земјата. Тие нема да бидат оплакани, ни прибрани ниту погребани“ (Еремија 25,33). (продолжува)

Големата борба е завршена (шести дел)
Големата борба е завршена (петти дел)
Големата борба е завршена (четврти дел)
Големата борба е завршена (трет дел)
Големата борба е завршена (втор дел)
Големата борба е завршена (прв дел)
Пустошење на земјата (четврти дел)
Пустошење на земјата (трет дел)
Пустошење на земјата (втор дел)
Пустошење на земјата (прв дел)

Pin It on Pinterest