(продолжува од претходниот ден) При Христовото доаѓање грешниците ќе бидат истребени од целата земја убиени со духот на неговата уста и уништени со славата на неговото доаѓање. Христос својот народ ќе го поведе во Божјиот град и земјата ќе остане без своите жители. „Ете, Господ ја урива земјата, ја уништува, ја обезобразува, ги растура нејзините жители.“ „Земјата ќе биде опустена, наполно ограбена, зашто Господ рече така.“ „Земјата е осквернета од нејзините жители, зашто го престапија Законот, ја погазија уредбата, го раскинаа вечниот сојуз. Затоа проклетство ја јаде земјата и ќе се сотрат нејзините жители; затоа ќе изгорат нејзините жители“ (Исаија 24,1.3.5.6).
Цела земја се претвора во оголена пустина. На површината на земјата лежат расфрлени урнатини од градовите и селата разурнати од земјотреси, искорнати дрвја, карпи исфрлени од морето или одронети од планините, додека огромни бездни ги обележуваат местата каде што стоеле планините.
И сега почнува настанот кој симболички бил претставен со последната свечена служба на Денот на чистењето. Откако била завршена службата во светињата над светињите, а гревовите на Израел отстранети од неа со крвта на жртвата за грев, бил доведен живиот јарец пред Господа и, во присуство на народот, поглаварот свештенички ги исповедал над него „сите беззаконија на синовите Израелови, и сите нив ни престапи“ (3. Мојсеева 16,21), и ги пренел врз главата на живиот јарец. Исто така, кога ќе заврши делото на помирување во небесното Светилиште, во присуство на Бога, на светите ангели и на мноштвото откупени, гревовите на Божјиот народ ќе бидат пренесени врз сатаната. Тој ќе биде прогласен за одговорен за сите зла на кои ги навел. И како живиот јарец што бил одведен в пустина, така и сатаната ќе биде протеран на опустената Земја, ненаселена и гола пустина.
Писателот на Откровението преткажува прогонство на сатаната како и состојба на хаос и пустош во која ќе се наоѓа земјата и кажува дека оваа состојба ќе трае илјада години. По опишувањето на второто Господово доаѓање и по пропаста на грешниците, пророштвото продолжува: „И видов ангел кој слегуваше од небото и имаше во својата рака клуч од бездната и голема верига. Тој ја фати ламјата, старата змија, која е ѓаволот и сатаната, го врза за илјада години, па го фрли во бездната и ја заклучи и запечати над него за да не ги мами народите додека не се навршат илјада години; потоа треба да биде одврзан за кратко време“ (Откровение 20,13).
Дека изразот „бездна“ ја означува земјата во состојба на безредие и мрак, потврдуваат други места во Светото писмо. Во врска со состојбата на земјата „во почетокот“, библискиот извештај кажува дека таа „беше безоблична и празна и темнина се простираше над бездната“ (1. Мојсеева 1,2). Пророштвото нè учи дека земјата, барем делумно, ќе се врати во таква состојба. Гледајќи го однапред големиот Божји ден, пророкот Еремија кажува: „Ја гледам земјата: пуста е, еве, и празна; небесата: светлината им ја нема. Ги гледам горите: ете, се тресат, а сите ридови се нишаат. Гледам: ете, нема човек, и сите небесни птици одлетале. Гледам: ете, плодното поле опусти и сите градови ги разурна Господ со жестокоста на својата јарост“ (Еремија 4,23-26).
Тука ќе престојуваат сатаната и неговите лоши ангели за време на тие илјада години. Ограничен само на земјата, тој ќе нема пристап на другите светови да ги искушава и да ги вознемирува оние што никогаш не згрешиле. Во оваа смисла тој е врзан; нема повеќе никој над кого би можел да владее. Во никој случај тој не може повеќе да мами и да упропастува, што со векови била негова единствена дејност.
Пророкот Исаија, гледајќи го денот кога сатаната паднал, извикнува: „Како падна од небесата, светлоносецу, сине на зората? Како си кутнат на земјата, ти владетелу на народите? Во срцето свое си велеше: ‘Ќе се искачам на небесата, ќе подигнам свој престол над Божјите ѕвезди… Ќе бидам еднаков со Севишниот.’ А се урна во подземјето, во длабините на бездната. Оние што те гледаат, за тебе размислуваат: ‘Тоа ли е оној што ја тресеше земјата и ги нишаше царствата, кој светот го претвораше во пустина и со земјата ги срамнуваше градовите, кој своите робови никогаш не ги пушташе дома“ (Исаија 14,12-17). (продолжува)