Пустошење на земјата (прв дел)

„Зашто нејзините гревови се натрупаа до небото и Бог си спомна за нејзините беззаконија… во чашата во која таа ви налеваше вам, налејте ѝ двојно! Колку што се прослави себеси и живееше раскошно, дајте ѝ толку маки и тага, зашто во своето срце вели: ‘Седам како царица и не сум вдовица и нема никогаш да видам тага.’ Затоа во еден ден ќе ја сполетаат нејзините маки: помор, тага и глад, и ќе биде изгорена со оган; зашто е силен Господ Бог кој што ја суди. И кога ќе го видат димот од нејзиното горење, ќе заплачат и ќе залелекаат по неа земните цареви, кои блудствуваа и живееја раскошно со неа, … велејќи: ‘Тешко, тешко, голем граду, Вавилону, силен граду, зашто во еден час дојде твојата пресуда!’“

„Земните трговци“, кои „се збогатија од нејзиниот изобилен раскош“ … „ќе стојат далеку заради страв од нејзините маки и ќе плачат и лелекаат, велејќи: ‘Тешко, тешко, голем граду, ти кој беше облечен во лен, во пурпур и во црвена ткаенина, и украсен со злато, со скапоцени камења и со бисери, зашто во еден миг пропадна толкаво големо богатство’“ (Откровение 18,5-10.3.15-17).

Тоа се судовите што се уриваат врз Вавилон на денот на Божјиот гнев. Тој ја наполнил мерката на својата неправда; неговото време дошло; тој узреал за уништување.

Кога Божјиот глас ќе го ослободи неговиот народ од ропство, тогаш настанува големо будење кај оние што загубиле сè во големата борба на животот. Додека траело времето на милоста, биле заслепени со измамите на сатаната и го оправдувале својот грешен живот. Богатите се гордееле со своето богатство пред оние што биле сиромаси и бедни; но тие своето богатство го стекнале со престапување на Божјиот закон. Пропуштиле да ги нахранат гладните, да ги облечат голите, да постапуваат праведно и да го љубат милосрдието. Постојано настојувале да се извишат и да постигнат посебна почит кај своите ближни. Сега се лишени од сè што ги правело големи и стојат бедни и немоќни. Со страв гледаат како се уништуваат нивните идоли што ги ценеле повеќе отколку својот Творец. Тие своите души ги продале за земните богатства и радости и не се труделе да се збогатат во Бога. Последица промашен живот, нивните уживања се претворени во бигор, а нивното богатство во гнилеж. Добивките на целиот нивни живот исчезнале во еден миг. Богатите липаат што се разурнати нивните раскошни куќи и растурено нивното сребро и злато. Но нивното липање е замолкнато поради стравот дека и самите ќе пропаднат со своите идоли.

Грешниците чувствуваат жалост, но не поради занемарувањето на своите должности кон Бога и кон ближните, туку затоа што Бог победил. Липаат поради последиците што настанале, а не се каат поради своите гревови. Би употребиле секое средство да победат, само кога би можеле.

Светот ги гледа токму оние на кои им се подбивал и им се потсмевал и кои сакал да ги уништи, како неповредени поминуваат низ епидемиите, бурите и земјотресите. Оној кој за престапниците на својот Закон е оган што уништува, за својот народ е сигурно засолниште.

Проповедникот што ја напуштил вистината за да биде ценет од луѓето, ги увидува карактерот и влијанието на своето учење. Сега му е јасно дека го следело окото на Семожниот кога стоел на проповедална, кога одел низ улиците и кога во разни околности доаѓал во врска со луѓето. Секоја активност на душата, секој напишан ред, секој изговорен збор, секоја постапка што ги успивала луѓето во засолништето на лагата сето тоа било посеано семе; а сега кај бедните, загубени души околу себе, гледа жетва.

Господ кажува: „Неодговорно ја лекуваат раната на мојот народ, велејќи: ‘Мир, мир!’, а мир нема.“ „Вие со лага го жалостевте срцето на праведникот кого јас не сакав да го жалостам, а ги закрепивте рацете на грешникот да не се одврати од својот грешен пат за да го спаси животот“ (Еремија 8,11; Езекил 13,22).

„Тешко на пастирите што ги упропастуваат и ги растураат овците на моето стадо… Затоа јас ќе ве казнам за вашите лоши дела, вели Господ.“ „Плачете, пастири, и офкајте, посипете се со пепел, водачи на стадото, зашто ви се исполнија деновите за да бидете заклани, ќе испопаѓате како од брани овнови… Нема повеќе прибежиште за пастирите, ниту спас за водачите на стадото“ (Еремија 23,1.2; 25,34.35). (продолжува)

Големата борба е завршена (шести дел)
Големата борба е завршена (петти дел)
Големата борба е завршена (четврти дел)
Големата борба е завршена (трет дел)
Големата борба е завршена (втор дел)
Големата борба е завршена (прв дел)
Пустошење на земјата (четврти дел)
Пустошење на земјата (трет дел)
Пустошење на земјата (втор дел)
Пустошење на земјата (прв дел)

Pin It on Pinterest