Првата голема измама (трет дел)

(продолжува од претходниот ден) На нашето чувство за љубов и милост, како и нанашата смисла за праведност, им е туѓа науката според која мртвите грешни се мачат во оган и сулфур во вечен пекол и дека поради гревовите што ги направиле во текот на својот краток земен живот мораат да се мачат сè додека постои Бог! Па сепак, оваа наука толку многу се проповедала, а и денес ка ја проповедаат многу христијански вероисповеди. Еден угледен доктор по теологија рекол: „Погледот кон пеколните маки секогаш ќе го зголемува блаженството на светите. Гледајќи ги другите со иста природа и родени под исти околности, како се мачат во таква стравотија, а тие толку високо почестени, ќе сфатат колку се среќни.“ Друг изјавува: „Додека одлуката за проклетството вечно ќе се извршува над садовите на гневот, чадот од нивното мачење вечно ќе се издигнува во присуство на садовите на милоста кои, наместо да ја делат судбината на овие несреќници, ќе зборуваат: ‘Амин, алелуја! Фалете го Господа!’”

Каде може да се најде во Божјата реч такво учење? Зар спасените на небото ќе бидат лишени од сите чувства за сочувство и со жалување, па дури и од чувството на обична човечност? Зар таа ќе биде заменета со рамнодушноста на стоиците или со свирепоста на дивјаците? ­ Не, не! Ова не е учење на Божјата книга. Оние што ги напишале цитираните зборови можат да бидат учени, па дури и искрени луѓе, но тие се измамени со лажна сатанска наука. Тој ги поттикнува да ги извртат силните изрази на Светото писмо и на зборовите да им дадат белег на горчина и злоба што му се свој ствени нему, а не на нашиот Творец. „Кажи им, жив сум јас, вели Господ Бог, мене не ми е мила смртта на грешникот, туку грешникот да се одврати од својот грешен пат и да живее. Вратете се, вратете се од вашите лоши патишта. Зошто да умрете, доме Израелов?“ (Езекил 33,11).

Каква корист би имал Бог ако прифатиме дека Тој се насладува гледајќи ги вечните маки и дека ужива во пискотите, во викотниците и преколнувањата на мачените созданија што ги држи во пеколен оган? Зар овие страшни лелеци би можеле да бидат музика во ушите на бесконечната Љубов? Се тврди дека со казнувањето на грешниците со вечна мака се покажува Божјата омраза кон гревот што го нарушил мирот и редот во вселената. О страшно богохулство! Божјата омраза кон гревот како да оправдува тој да се овековечи! Според учењето на овие теолози, непрекратното мачење, без никаква надеж во милост, го распалува гневот на измачените жртви и додека тие својот гнев го изразуваат со клетви и богохулства, во текот на сета вечност го зголемуваат товарот на својата вина. Секако, Божјата слава не би можела да се зголемува со овој траен и сè повеќе раширен грев низ бесконечните векови на вечноста.

Не е можно да го процениме злото што е предизвикано со лажната наука за вечни маки. Библиската вера, полна со љубов и добрина и богата со милост, е затемнета со суеверие и покриена со ужас. Кога ќе помислиме со какви лажни бои сатаната го насликал Божјиот карактер, зар да нè чуди тоа што луѓето се плашат и се грозат од нашиот Творец кој е полн со милост, па дури и го мразат? Ужасните поими за Бога, раширени низ светот со учењето од проповедалните, создале илјадници и дури милиони сомневачи и неверници.

Учењето за вечни маки е една од лажните науки што го сочинуваат виното на грозомората на духовниот Вавилон со кое тој ги опива народите (Откровение 14,8; 17,2). Како можеле Христовите проповедници да ја прифатат и да ја проповедаат оваа лажна наука од посветено место, навистина е тајна! Тие ја добиле од Рим како и неделата. Вистина е дека ја проповедале истакнати и добри луѓе, но светлината за овој предмет не допрела до нив, како што допрела до нас. Тие биле одговорни само за светлината што светела во нивното време, а ние сме одговорни за светлината што свети во нашето време. Ако го напуштиме сведоштвото на Божјата реч и ако ги прифатиме лажните науки затоа што така учеле и нашите татковци, тогаш паѓаме под осудата изречена над Вавилон; пиеме од виното на неговата грозомора.

Голем број луѓе што се бунат против науката за вечни маки паѓаат во друга заблуда. Тие гледаат дека Светото писмо Бога го претставува како суштество полно со љубов и милост и не можат да веруваат дека Тој ќе дозволи неговите созданија да бидат фрлени во вечен оган на пекол. Но, верувајќи дека душата сама по себе е бесмртна, доаѓаат до заклучок дека на крај сите луѓе ќе бидат спасени. Мнозина сметаат дека заканите на Библијата се одредени само затоа за со страв да ги натераат луѓето на послушност, а не буквално да бидат извршени. На овој начин грешникот може да живее во себични задоволства, да ги презира Божјите барања, па сепак, да очекува на крај да биде милостиво примен. Таквата наука што ја издигнува Божјата милост, а ја потценува неговата праведност, му се допаѓа на телесното срце и ги охрабрува грешниците во нивната неправедност. (продолжува)

Големата борба е завршена (шести дел)
Големата борба е завршена (петти дел)
Големата борба е завршена (четврти дел)
Големата борба е завршена (трет дел)
Големата борба е завршена (втор дел)
Големата борба е завршена (прв дел)
Пустошење на земјата (четврти дел)
Пустошење на земјата (трет дел)
Пустошење на земјата (втор дел)
Пустошење на земјата (прв дел)

Pin It on Pinterest