Првата голема измама (осми дел)

(продолжува од претходниот ден) Меѓутоа, кога Исус требало да ги остави своите ученици, Тој не им кажал дека тие скоро ќе дојдат кај него: „Одам да ви приготвам место“, рекол. „Кога ќе отидам и ќе ви приготвам место, пак ќе дојдам и ќе ве земам кај себе за да бидете и вие каде што сум јас“ (Јован 14,2.3). А Павле понатаму ни кажува дека „сам Господ ќе слезе од небото, на заповед, со глас на архангел и со Божја труба, и мртвите во Христа ќе воскреснат први. Потоа ние живите, кои останавме, ќе бидеме земени заедно со нив на облаците за да го сретнеме Господа во воздухот и така засекогаш ќе бидеме со Господа.“ И потоа додава: „Затоа, утешувајте се еден со друг со овие зборови“ (1. Солуњаните 4,16-18). Колку е голема разликата меѓу овие утешни зборови и оние, наведените, од страна на проповедникот универзалист! Тој ги тешел жалосните пријатели уверувајќи ги дека мртвиот, колку и да бил грешен, штом издивнал, бил примен меѓу ангелите. Павле своите браќа ги упатува на идното Христово доаѓање кога оковите на гробот ќе бидат скршени и кога „мртвите во Христа“ ќе станат во вечен живот.

Пред некој да може да стапи во становите на блажените, негови от случај мора да биде испитан, а неговиот карактер и неговите дела мора да излезат на испит пред Бога. На сите ќе им се суди според извештајот напишан во книгите, и секој ќе прими плата според своите дела. Овој суд не се врши во мигот на смртта. Да обрнеме внимание на Павловите зборови: „Зашто определил ден во кој ќе му суди на светот според правдата, преку Човекот што го одреди, давајќи им на сите гаранција воскреснувајќи го од мртвите“ (Дела 17,31). Овде апостолот јасно кажува дека за судот на светот е определен ден кој тогаш бил настан во иднина.

Јуда упатува на истото време: „И ангелите, кои не го зачуваа своето место, туку истото го напуштија, ги чува во вечни окови под мрак за судот на великиот ден“, а потоа ги наведува зборовите на Еноха: „Ете, Господ иде со илјадници свои свети за да им суди на сите“ (Јуда 6.14.15). Јован кажува дека видел „мртовци, големи и мали, како стојат пред престолот, и книгите се отворија… а на мртвите им беше судено според она што е запишано во книгите, според нивните дела“ (Откровение 20,12).

Но, ако мртвите веќе уживаат блаженство на небото или ако се превиваат во оган во пеколот, зошто е потребен идниот суд? Науката на Божјата реч за овие важни прашања не е ниту нејасна ниту противречна. Неа можат да ја разберат и обичните луѓе. Која искрена душа може да види и малку мудрост и праведност во раширеното верување за награда веднаш по смртта? Дали праведниците по испитувањето на нивниот случај на судот ќе ја слушнат пофалбата: „Добро, слуго, добар и верен! … влези во радоста на својот Господар“ (Матеј 25,21), кога веќе се наоѓаат во негово присуство можеби многу векови? Дали грешниците ќе бидат повикани од местото каде што се мачат за да ја примат пресудата на Судијата на целата земја: „Одете си од мене, проклети, во вечен оган?“ (Матеј 25,41). Колку страшен подбив! Срамно обвинување против Божјата мудрост и праведност!

Теоријата за бесмртност на душата е една од оние лажни науки што Рим ја презел од незнабоштвото и ја внел во христијанската вера. Мартин Лутер ја става во групата на „монструозни бајки како дел од декреталиите на римското ѓубриште“ (E. Petavel, The Problem of Immortality, p. 255). Во своите забелешки за Соломоновите зборови во Проповедник дека мртвите не знаат ништо, реформаторот кажува: „Ова е уште еден доказ дека мртвите се несвесни. Таму, кажува Соломон, нема работа, ниту мислење, ниту знаење, ниту мудрост. Соломон верува дека мртвите спијат и дека воопшто не знаат ништо. Тие таму лежат не броејќи ги ниту деновите ниту годините. Но, кога ќе се разбудат, ќе им се чини како да спиеле одвај еден миг“ (Martin Luther, Exposition of Solomon’s Booke Called Ecclesiastes, p. 152).

Никаде во Светото писмо не пишува дека праведниците ја примаат својата награда или грешниците казната во мигот на смртта. Патријарсите и пророците не оставиле вакво тврдење. Библијата јасно учи дека мртвите не одат директно на небото, туку дека спијат до воскресението (1. Солуњаните 4,14; Книгата за Јов 14,10-­12). Истиот ден, кога ќе се скине сребреното јаже и кога ќе се скрши златната чаша (Проповедник 12,6), престануваат сите мисли на човекот. Оние што слегуваат во гроб уживаат мир. Тие не знаат веќе ништо што се случува под Сонцето (За Јов 14,21). Каков блажен мир за уморните праведници! За нив времето, било кратко или долго, е само миг. Тие спијат, и Божјата труба ќе ги разбуди во славна бесмртност. „Имено, ќе затруби труба и мртвите ќе воскреснат нераспадливи… А кога ова, распадливото, ќе се облече во нераспадливост и ова, смртното, ќе се облече во бесмртност, тогаш ќе се збидне напишаното: ‘Победа ја проголта смртта. О гробе, каде ти е победата? О смрт, каде ти е осилото?’“ (1. Коринќаните 15,52­-55).

Кога умрените праведници ќе бидат повикани од својот длабок сон, ќе продолжат да мислат токму таму каде што биле прекинати нивните мисли. Последно нивно чувство бил смртниот страв, последна мисла дека ѝ подлегнуваат на силата на гробот. Кога ќе воскреснат од гробот, нивната прва радосна мисла ќе биде изразена во победоносниот извик: „О гробе, каде ти е победата? О смрт, каде ти е осилото?“ (1. Коринќаните 15,55).

Големата борба е завршена (шести дел)
Големата борба е завршена (петти дел)
Големата борба е завршена (четврти дел)
Големата борба е завршена (трет дел)
Големата борба е завршена (втор дел)
Големата борба е завршена (прв дел)
Пустошење на земјата (четврти дел)
Пустошење на земјата (трет дел)
Пустошење на земјата (втор дел)
Пустошење на земјата (прв дел)

Pin It on Pinterest