Преткажана реформа (втор дел)

(продолжува од претходниот ден) Овие вистини, прикажани во Откровение 14. глава во врска со „вечното евангелие“, ќе бидат обележје на Христовата црква во времето пред неговото доаѓање. Како последица на објавувањето на тројната вест, ќе се појави народ за кој се кажува: „Тука е трпението на светите кои ги држат заповедите Божји и имаат вера Исусова.“ А оваа вест е последна што треба да се објави пред Господовото доаѓање. Веднаш по нејзиното објавување пророкот видел како Синот човечки доаѓа во слава да ја собере жетвата на светот.

Сите што го прифатија сознанието за Светилиштето и за непроменливоста на Божјиот закон се израдуваа и се чудеа кога ја видоа убавината и хармонијата на вистините што им станаа јасни. Сакаа светлината што им изгледаше толку драгоцена да ги осветли и другите христијани. Беа сигурни дека и тие со радост ќе ја прифатат. Но вистините, со кои се разликуваа од светот, не им беа мили на мнозина кои тврдеа дека се Христови следбеници. Послушноста кон четвртата заповед бараше жртва пред која повеќето се повлекуваа.

Кога беа изнесени барањата за саботата, мнозина за нив просудуваа на световен начин и велеа: „Ние секогаш празнувавме недела, ја празнувале и нашите татковци; и многу добри и побожни луѓе умреле со блажена смрт празнувајќи ја неделата. Ако тие имале право, тогаш имаме и ние. Празнувањето на овој нов ден за одмор нас би нè довел во судир со светот и ние не би можеле да влијаеме врз него. Што може да стори една малечка група која го празнува седмиот ден наспроти цел свет кој празнува недела?“ Со слични изговори се обидувале и Евреите да го оправдаат своето отфрлање на Христа. Бог ги примил нивните татковци кои принесувале жртви, па зошто не би можеле да се спасат децата ако одат по ист пат? Исто така во времето на Лутера приврзаниците на Рим тврделе дека верните христијани умирале во католичката вера и дека затоа оваа вера е довол на за спасението. Ваквото сфаќање е голема пречка кон секој напредок во верата и во животот.

Мнозина тврдеа дека празнувањето на неделата е утврдена догма и мошне распространет обичај во црквата многу векови. Но, наспроти тоа тврдење, може да се докаже дека саботата и нејзиното празнување се многу постари, стари колку и светот и потврдени од Бога и од ангелите. Кога се положени темелите на земјата и кога пееле заедно сите утрински ѕвезди и сите Божји синови безмерно се радувале, тогаш се положени темелите на саботата (Книгата за Јов 38,6.7; 1. Мојсеева 2,1­3). Затоа оваа установа има право на наше почитување. Неа не ја воспоставил човечки авторитет и таа не се темели на човечки предрасуди; неа ја основал и ја утврдил Вечниот со својот вечен збор.

Кога вниманието на луѓето беше свртено кон реформата на саботата, популарните проповедници ја извртуваа Божјата реч и ја толкуваа на таков начин за што поуспешно да ја стивнат разбудената совест. Оние што не го истражуваа сами Светото писмо, се задоволуваа со мислењето што ги одразуваше нивните желби. Мнозина се обидуваа да ја негираат вистината со разни тврдења, со лукавство, со преданијата на татковците и со авторитетот на црквата. Но нејзините бранители ја зедоа во рака Библијата за да ја докажат важноста на четвртата заповед. Кротките луѓе, вооружени само со Божјата реч, им се противставија на нападите на учените луѓе кои, изненадени и гневни, увидоа дека и сета нивна вештина е немоќна против едноставното и искрено толкување на луѓето кои подобро го познаваа Светото писмо отколку човечката филозофија.

Немајќи погодни библиски докази, мнозина кои заборавија дека истите приговори се изнесени и против Христа и неговите ученици, со неуморна истрајност го поставуваа прашањето: „Зошто нашите големи луѓе не го разбираат ова прашање за саботата? Малку има такви што веруваат како вие. Не можете вие да имате право, а сите учени луѓе на светот да бидат во заблуда.“

За да се негираат таквите докази, беше потребно само да се наведе учењето на Светото писмо и да се укаже на тоа како постапувал Господ во сите времиња со својот народ. Бог работи преку оние што го слушаат неговиот глас, што му се послушни, и по потреба изнесуваат и непријатни вистини и не се плашат да ги укоруваат општите гревови. Причината зошто Бог почесто не зема учени и угледни луѓе за водачи на реформаторски движења лежи во тоа што тие се потпираат врз своите догми, теории и теолошки системи, а не чувствуваат потреба да ги поучува Бог. Способни да го разберат и да го објаснат Светото писмо се само оние што имаат лична врска со Изворот на мудроста. Понекогаш луѓето со помалечко школско образование се повикани да ја проповедаат вистината не затоа што не се учени, туку затоа што не се потпираат премногу на себе и дозволуваат да ги поучува Бог. Тие учат во Христовата школа и нивната понизност и послушност ги прави големи. Бидејќи Бог им го доверил познавањето на својата вистина, им укажува таква чест, спрема која земните почести и големини се ништо. (продолжува)

Големата борба е завршена (шести дел)
Големата борба е завршена (петти дел)
Големата борба е завршена (четврти дел)
Големата борба е завршена (трет дел)
Големата борба е завршена (втор дел)
Големата борба е завршена (прв дел)
Пустошење на земјата (четврти дел)
Пустошење на земјата (трет дел)
Пустошење на земјата (втор дел)
Пустошење на земјата (прв дел)

Pin It on Pinterest