(продолжува од претходниот ден) Оние што ги проповедаа вистините од пораката на третата ангелска вест често беа прогласувани како предизвикувачи на немири. Нивните преткажувања дека во Соединетите Држави ќе завладее верска нетрпеливост, дека црквата и државата ќе се соединат да ги прогонуваат оние што ги држат Божјите заповеди, беа сметани како неосновани и бесмислени. Се тврдеше дека таа земја не може да биде друго одошто она што била: бранител на верската слобода. Но кога нашироко ќе биде расправано за прашањето на принудно празнување на неделата, сите ќе сфатат дека бргу се приближуваат настаните во кои толку долго се сомневале, па третата ангелска вест ќе остави врз луѓето таков впечаток, каков што никогаш до тогаш не оставила.
Бог во сите времиња праќал свои слуги да го жигосаат гревот како во светот така и во црквата. Но народот сака да му се зборуваат мили работи, зашто чистата и неизвештачена вистина не му е угодна. Многу реформатори во почетокот на својата работа решиле да бидат мошне претпазливи во жигосувањето на гревот во црквата и во народот. Тие се надевале дека со примерот на својот вистински христијански живот народот ќе го вратат на библиската наука. Но врз нив се излеал Божјиот Дух, како и некогаш врз Илија, гонејќи го да ги жигоса гревовите на безбожниот цар и на отпаднатиот народ, па не можеле да се воздржат да не ги објавуваат јасните зборови на Библијата науката што од почеток се притеснувале да ја проповедаат. Божјиот Дух ги поткренал ревно да ја објавуваат вистината и опасноста што им се заканувала на душите. Ги пренесувале зборовите што им ги дал Бог без страв од последиците и народот бил присилен да ја чуе опомената.
Така ќе се објавува и третата ангелска вест. Кога ќе дојде време да се проповеда со најголема сила, Бог ќе се послужи со понизни орудија, ќе го води умот на оние што се посветиле на неговата служба. Работниците повеќе ќе бидат оспособени со помазание на Светиот Дух отколку со образованието во школите. Луѓе од вера и молитва ќе бидат поттикнати да појдат со света ревност да ги објавуваат зборовите што им ги дава Бог. Гревовите на Вавилон ќе бидат разоткриени. Страшните последици од црковните обичаи што ги наметнувале граѓанските власти, навлегувањето на спиритизмот, тајниот, но брз развој на папската власт сето тоа ќе биде откриено. Овие свечени опомени ќе го потресат народот. Безброј илјадници ќе слушаат такви зборови какви што уште не слушнале. Со чудење ќе го слушаат сведоштвото дека Вавилон е црквата што паднала поради своите заблуди и гревови и поради от фрлањето на вистината што ѝ е пратена од небото. Кога народот ќе им се обрати на своите поранешни учители со љубопитно прашање: „Дали тоа навистина е така“, нивните проповедници ќе им кажуваат приказни, ќе им зборуваат мили работи со цел да ја смират нивната загриженост и да ја стивнат нивната разбудена совест. Но бидејќи мнозина ќе одбијат да се задоволат само со човечкиот авторитет и бидејќи ќе го бараат библиското начело „Така вели Господ“, мнозинството проповедници, како и фарисеите во старо време, затоа што дошол во прашање нивниот авторитет, гневно ќе кажат дека оваа вест е од сатаната и ќе го подбунат мноштвото да ги малтретира и да ги прогонува оние што ја објавуваат.
Сатаната се лути кога борбата се проширува на нови полиња и кога вниманието на народот се насочува кон погазениот Божји закон. Силата што ја придружува веста ќе ги разгневи сите што ѝ се противат. Свештениците ќе употребат речиси натприродни напори да ја засолнат светлината за да не им свети на нивните стада. Ќе се трудат со сите средства што им стојат на располагање да го спречат расправањето за овие важни прашања. Црквата ќе се потпре врз силната рака на граѓанската власт и во тоа католиците и протестантите ќе се соединат. Кога движењето за општо празнување на неделата ќе биде посмело и порешително, тогаш и законот ќе биде повикан на помош против оние што ја празнуваат саботата. Ќе им се закануваат со парични казни и со затвор, а на некои ќе им се понудат влијателни места и положби, како и други награди и предимства, за да ги придобијат да се откажат од својата вера. Но нивниот решителен одговор ќе гласи: „До кажете ни ја нашата заблуда со Божјата реч!“ Истата оваа молба ја кажал Лутер кога се наоѓал во слични околности. Оние што ќе бидат повикани пред судови силно ќе ја бранат вистината и некои што ќе ги слушаат ќе бидат поттикнати да ги држат сите Божји заповеди. Така светлината ќе осветли илјадници души кои инаку никогаш не би дознале нешто за овие вистини.
Совесната послушност кон Божјата реч ќе се смета за бунт. Заслепени од сатаната, родителите ќе постапуваат строго и сурово со своите деца кои верно ги исполнуваат Божјите заповеди; господарите ќе ги мачат своите слуги кои ги држат Божјите заповеди. Љубовта ќе се излади. Децата ќе бидат лишени од наследството и истерани од дома. Зборовите на Павле: „А сите кои ќе живеат побожно во Христа Исуса ќе бидат прогонувани“ (2. Тимотеј 3,12), буквално ќе се исполнат. Бидејќи бранителите на вистината ќе се противат да ја почитуваат неделата наместо саботата, некои од нив ќе бидат фрлени во затвор, а некои ќе бидат протерани, а со некои ќе се постапува како со робови. На човечкиот ум сето ова сега му изгледа неможно, но кога Божјиот Дух ќе се повлече од луѓето и кога тие ќе стапат под власт на сатаната, кој ги мрази божествените прописи, ќе се случат чудни работи. Срцето може да биде мошне свирепо ако од него исчезне Божјата љубов и страв. (продолжува)