Побожни патници (четврти дел)

(продолжува од претходниот ден) Библијата била темел на нивната вера, извор на мудроста и устав на слободата. Нејзините начела трудољубиво се проучувале во домот, во училиштето и во црквата, и нејзините плодови се покажале во благосостојбата, во образованието, во моралната чистота и во умереноста. Некој можел да живее со години во пуританска колонија „а да не сретне ниту еден пијаница, да не слушне ниту една пцост и да не види ниту еден питач“ (Bancroft, pt. 1, ch. 19, par. 25). Тоа бил доказ дека библиските начела се најсигурна гаранција за народната големина. Слабите и зафрлени колонии прераснале во сојуз на силни држави и светот со чудење гледал како во мир се развива „црква без папа и држава без крал“.

Но постојано во Америка доаѓале сè поголеми маси луѓе, поттикнати од наполно поинакви побуди од оние што ги довеле првите патници. Иако едноставната вера и чистиот живот имале големо влијание, сепак, тоа сè повеќе слабеело сообразно со зголемувањето на бројот на оние што барале само материјална корист.

Принципот на првите колонии само членовите на црквата да имаат право на глас и само тие да можат да заземаат положби во граѓанската управа донел тешки последици. Овие мерки се воведени како средство да се сочува чистотата на државата, но тие предизвикале пропаст на црквата. Бидејќи исповедањето на верата било услов да се добие право на глас и право на служба, мнозина ѝ се придружиле на црквата водени исклучиво од материјални побуди, не доживувајќи промена на срцето. Така, малку по малку, црквите се полнеле со непреобратени луѓе. Дури и меѓу проповедниците имало такви кои внесувале лажно учење и не знаеле ништо за преродбенската сила на Светиот Дух. Пак се покажало она што толку често можело да се види во историјата на црквата од деновите на Константина до денеска како не треба црквата да се подига со помош на државата и да се повикува световната власт да го поддржува евангелието на Оној кој рекол: „Моето царство не е од овој свет“ (Јован 18,36). Соединувањето на црквата со државата, па тоа и да е во најмалечок вид, не го приближува светот кон црквата, како што се чини, туку, всушност, секогаш црквата ја приближува кон светот.

Големиот принцип, кој толку благородно го застапувале Робинсон и Роџер Вилијамс дека вистината е прогресивна, дека христијаните треба да бидат подготвени да примат секој зрак на светлината што излегува од Божјата реч нивните потомци ја загубиле од вид. Протестантските цркви во Америка, као и оние во Европа, кои го уживале предимството да ги примат благословите на реформацијата, не успеале да напредуваат на патот на реформата. Од време на време станувале верни луѓе да проповедаат нови вистини и да ги разоткријат долго негуваните заблуди, но поголемото мнозинство, како Евреите во Христово време и папистите во времето на Лутера, не сакале да веруваат во ништо друго освен во она во што верувале нивните татковци, ниту да живеат поинаку отколку што живееле тие. Затоа нивната вера повторно прераснала во формализам, а заблудите и празноверието, што можеле да бидат отстранети кога црквата би продолжила да живее во светлината на Божјата реч, се задржале и дури биле омилени. Така постепено исчезнувал духот на реформацијата, и најпосле во протестантските цркви се појавила иста потреба од реформација како и во Римската црква во времето на Лутера. Тука владеел ист световен дух, исто духовно мртвило, исто обожавање на човечки мислења и наместо Божјата реч се издигнувале човечки теории.

Силното ширење на Библијата во почетокот на деветнаесеттиот век и огромната светлина што се излеала на тој начин врз светот, не донеле соодветен напредок во познавањето на откриените вистини и во религиозниот живот. Сатаната не можел, како во старо време, Божјата реч да ја држи далеку од народот; таа секому му била при рака; но сепак, за да ја постигне својата цел, мнозина навел да не ја ценат доволно. Луѓето не го истражувале Светото писмо и затоа продолжиле да ги прифаќаат лажните толкувања и да негуваат науки што немале библиски темел.

Гледајќи дека не може вистината да ја уништи со прогонства, сатаната повторно го прифатил планот на компромис, што во првите векови довел до голем отпад и до создавање на Римската црква. Тој христијаните ги навел да се соединат, не со незнабошците, како во времето на царот Константин, туку со оние кои, обожавајќи го богатството на овој свет, се покажале исто толкави идолопоклоници. Последиците од ова соединување биле исто толку опасни како и оние во минатите векови. Под плаштот на верата се негувале горделивост и расфрлање, а црквите се расипале. Сатаната продолжил да ја извртува науката на Светото писмо и традициите, кои ќе уништат милиони души, фатиле длабок корен. Црквата ја чувала и ја штитела традицијата наместо да се држи за „верата која еднаш засекогаш им е предадена на светите“ (Јуда 3). Така биле омаловажени начелата за кои реформаторите толку многу се труделе и страдале. (продолжува)

Големата борба е завршена (шести дел)
Големата борба е завршена (петти дел)
Големата борба е завршена (четврти дел)
Големата борба е завршена (трет дел)
Големата борба е завршена (втор дел)
Големата борба е завршена (прв дел)
Пустошење на земјата (четврти дел)
Пустошење на земјата (трет дел)
Пустошење на земјата (втор дел)
Пустошење на земјата (прв дел)

Pin It on Pinterest