Вилијам Милер и неговите соработници ја проповедаа науката за повторното Христово доаѓање со една цел: своите ближни да ги поттикнат да се приготват за судот. Тие се трудеа во срцата на формалните христијани да разбудат вистинска надеж на црквата и да им укажат на потребата од подлабоко христијанско искуство. Исто така настојуваа необратените да ги уверат дека нивна должност е неодложно да се покаат и да се обратат на Бога. „Не се обидуваа никого да го преобратат на некаква секта или верска група, па затоа работеа меѓу сите групи и секти, не мешајќи се во нивните организации и црковни прописи.“ „Во сета моја работа“, кажува Милер, „никогаш не сакав и никогаш немав намера да создадам нов правец надвор од постојните цркви или во што и да е на една црква да ѝ дадам предимство на сметка на друга. Имав намера на сите да им бидам од полза. Претпоставував дека сите христијани ќе се радуваат за надежта во скорашното Христово доаѓање и дека сите што не можеа да ја разберат оваа вистина, како што ја разбрав јас, нема помалку да ги сакаат другите што ќе ја прифатат оваа наука, и не помислував дека некогаш ќе бидат потребни посебни состаноци. Единствена моја цел беше луѓето да ги поврзам со Бога, на светот да му го објавам судот што доаѓа и моите ближни да ги поттикнам да извршат подготовка на срцата, што ќе им помогне во мир да го пречекаат својот Господ. Големо мноштво од оние што беа преобратени со мојот труд преминаа во другите цркви“ (Bliss, page 328).
Бидејќи се чинеше дека Милер со својот труд ги утврдува црквите, извесно време кон него се однесуваа благонаклоно. Но, кога проповедниците и верските водачи решија да станат против науката за второто Христово доаѓање и решија да задушат секакво ширење на науката, ѝ се против ставија не само од проповедална, туку на своите верници им забранија и да слушаат проповеди за второто доаѓање и на своите состаноци да зборуваат за оваа надеж. Така верните се најдоа во тешка положба и беа збунети. Тие ги сакаа своите цркви и нерадо се одделуваа од нив. Но, кога видоа дека сведочењето на Божјата реч се потиснува и дека им се негира правото да ги истражуваат пророштвата, беа уверени дека верноста кон Бога е на прво место. Оние што го отфрлаа сведоштвото на Божјата реч не можеа да ги сметаат за Христова црква која е „столб и тврдина на вистината“. Затоа тие сметаа дека е оправдано да се изделат од своите довчерашни цркви. Летото 1844 година истапија од црквите околу педесет илјади верници.
Во тоа време во повеќето цркви во Соединетите Држави се забележуваше значајна промена. Многу години наназад се забележуваше постепено и сè поголемо прилагодување кон световните обичаи и навики и поради тоа сè поголемо опаѓање на вистинскиот духовен живот. Но таа година речиси во сите цркви во земјата се покажаа знаци на нагло и значај но опаѓање. Се чинеше дека никој не може да ја пронајде причината за тоа; меѓутоа, овој факт беше познат и за тоа се расправаше во печатот и од проповедална.
На собирот на проповедниците во Филаделфија, господинот Бернс, писател на еден мошне познат библиски коментар и проповедник на една од најистакнатите цркви во овој град рекол „дека веќе дваесет години е во проповедничка служба и дека никогаш, до последниот обред на Господовата вечера, не поделил причест а да не прими во црквата поголем или помал број нови верници. Но сега нема повеќе будење, нема преобраќања, меѓу верниците нема видливо растење во милоста и никој не доаѓа повеќе да разговара со него за спасението на својата душа. Со зголемувањето на деловноста и со сè поголемиот процут на трговијата и индустријата, сè повеќе се зголемува световноста кај верниците. Така е кај сите верски заедници“ (Congregational Journal, May 23, 1844).
Во февруари истата година, професорот Фини од колеџот во Оберлин, рекол: „Забележавме дека сите протестантски цркви во нашата земја се рамнодушни или дури непријателски расположени речиси кон сите морални реформи на нашето време. Има некои исклучоци, но не толку овој факт да не можеме да го сметаме како општ. Имаме уште еден друг факт што го докажува ова: речиси целосно отсуство на она влијание што ги оживува црквите. Сите ги проникнала духовна рамнодушност и таа е мошне длабока; тоа го потврдува верскиот печат во цела земја… Верниците на црквата во голема мера ја прифатиле модата, одат рака под рака со неверни на излети, на игранки и на други разни забави, итн… Но, да не зборуваме повеќе за овие мачни работи. Доста е што се напластуваат докази кои тешко нè товарат. Тоа покажува дека црквите жално се изопачиле. Тие многу се оддале чиле од Господа и Тој се повлекол од нив.”
Еден писател во познатото верско списание „Религиозен телескоп“, тврди: „Никогаш до сега не сме биле сведоци на такво општо верско опаѓање. Навистина, црквата треба да се разбуди и да ги испита причините за својата бедна состојба, зашто секој што го сака Сион, мора да утврди дека состојбата на црквата навистина е бедна. Кога мислиме за тоа колку се ретки случаите на вистинско преобратување, а од друга страна, кога ја гледаме неспоредливата безочност и окоравеност на грешниците, тогаш и не сакајќи мораме да извикнеме: ‘Зар Бог заборавил да биде милостив, или можеби вратата на милоста е затворена?’“ (продолжува)