Отфрлена опомена (втор дел)

(продолжува од претходниот ден) Причината за ваквата состојба лежи во самата црква. Духовната темнина што ги обвива народите, црквите и поединците, во никој случај не смее да му се припише на Господа, на некакво негово самоволно лишување на луѓето од помошта на божествената милост, туку за тоа се виновни луѓето затоа што ја занемариле и ја отфрлиле божествената светлина. Добар пример за таа вистина ни дава историјата на Евреите во Христово време. Оддавајќи се на световни уживања и заборавајќи го Бога и неговата Реч, нивните сфаќања станале затемнети, а нивните срца телесни и сенилни. Затоа не знаеле ништо за Христовото доаѓање и во својата гордост и неверство го отфрлиле Избавителот. Но и тогаш Бог уште не го лишил еврејскиот народ од познавањето на спасението и од учеството во неговите благослови. Меѓутоа, оние што ја отфрлиле вистината, загубиле секаква желба за небесниот подарок. „Од мракот создале светлина, а од светлината мрак“, додека светлината што била во нив не станала темнина; а колку тешка била оваа темнина!

На сатаната му одговара луѓето на изглед да бидат побожни, а не да имаат и дух на жива, вистинска побожност. По отфрлањето на евангелието, Евреите ревносно продолжиле да ги извршуваат своите стари обреди. Строго ги чувале своите национални огради, додека најпосле и самите морале да признаат дека Бог не се појавува повеќе во нивната средина. Пророштвото на Даниел толку јасно упатувало на времето на доаѓањето на Месија и толку точно ја преткажало неговата смрт, што еврејските свештеници ги одвраќале луѓето од проучување на ова пророштво. Најпосле рабините ги проколнале сите што се обидувале да го пресметаат времето на доаѓањето на Месија. Со столетија израелскиот народ живее во слепило и непокајание, рамнодушен кон милостивите понуди на спасението и немарен за благословите на евангелието. Тоа е свечена и страшна опомена што предупредува на опасноста од отфрлање на небесната светлина.

Истите причини секогаш имаат исти последици. Оној што намерно го задушува чувството на својата должност затоа што тоа им пречи на неговите наклоности, конечно ќе ја загуби моќта да ја разликува вистината од заблудата. Разумот слабее, совеста отапува, срцето се дрвосува, душата се одделува од Бога. Таму каде што се омаловажува и се презира веста на божествената вистина, црквата ќе биде обвиена во темнина; верата и љубовта истинуваат и настанува отуѓеност и раздор. Членовите на црквата своите интереси и сили ги сосредоточуваат на световните работи, а грешниците се стврднуваат во непокајание.

Првата ангелска вест од Откровението 14. глава, која го објавува времето на Божјиот суд и ги повикува луѓето да му се поклонат на Бога, беше одредена да го оддели Божјиот народ од штетното влијание на светот и да го разбуди за да ја запознае својата вистинска состојба, состојбата на телесност и отпад. Во оваа вест Бог на црквата ѝ прати опомена, и да беше прифатена, таа ќе го отстранеше злото што ги одделуваше луѓето од него. Да ја прифатија небесната вест, да ги понизија своите срца пред Господа и искрено да се приготвија за да опстанат во негова близина, меѓу нив ќе се манифестираше Духот и Божјата сила. Црквата пак ќе ја постигнеше онаа благословена состојба на единство, вера и љубов, што постоеле во времето на апостолите кога сите верни имале „едно срце и една душа“, и кога „секој ден Господ ги придодаваше тие што се спасуваа“.

Оние што тврдеа дека се Божји народ, да ја прифатија светлината што ги осветлуваше од Божјата реч, ќе го постигнеа она единство за кое се молел Христос, а кое апостол Павле го опишува како „единство на Духот, поврзани со мир“. Тоа е, кажува тој, „едно тело и еден Дух, како што сте и вие повикани во една надеж на вашето призвание. Еден Господ, една вера, едно крштавање“ (Ефесците 4,3­5).

Такви благословени резултати доживеаја тие што ја примија адвентната вест. Тие дојдоа од разни верски заедници, но ги урнаа оградите што ги делеа и ги отстранија противречните верувања. Ја напуштија небиблиската надеж во земно илјадагодишно царство, ги исправија погрешните мислења за второто Христово доаѓање и ја отстранија гордоста и прилагодувањето кон светот. Неправдите беа надминати, срцата се соединија во најчиста братска заедница и завладеаја љубов и радост. Кога оваа наука го стори тоа за овие малку луѓе што ја прифатија, истото тоа таа ќе го стореше за сите христијани кога сите ќе ја прифатија.

Но повеќето цркви не ја прифатија оваа опомена. Нивните проповедници, како „чувари во домот Израелов“, први требаше да ги забележат знаците на Христовото доаѓање. Меѓутоа, тие не ја запознаа вистината ниту од сведоштвата на пророците ниту од знаците на времето. Бидејќи нивните срца беа исполнети со световен дух и со честољубие, љубовта кон Бога и верата во неговата Реч истинаа, и кога почна да се изнесува адвентната наука, таа кај нив разбуди само предрасуди и неверство. Фактот што оваа вест во поголем број случаи ја проповедаа обични членови на црквата беше истакнуван како доказ против неа. Како и некогаш, наспроти јасното сведоштво на Божјата реч, се поставуваше прашањето: „Поверува ли во него некој од кнезовите фарисејски.“ Гледајќи дека е тешко да се негираат доказите до кои се дојде со проучување на пророчките времиња, ги одвраќаа другите од проучување на пророштвата и тврдеа дека пророчките книги се запечатени и дека не можат да се разберат. Мнозина, кои слепо им веруваа на своите духовни пастири, одбиваа да ја слушаат опомената; а други, иако осведочени во вистината, не се осмелија да ја признаат “за да не бидат исклучени од црквата“. Веста што ја прати Бог да ја испита и да ја исчисти црквата јасно откри колку голем беше бројот на оние што својата љубов му ја подариле на светот наместо на Христа. Врските што ги врзуваа за земјата беа посилни од оние што ги привлекуваа кон небото. Решија да го слу шаат гласот на световната мудрост и се одвратија од веста на вистината што го испитува срцето. (продолжува)

Големата борба е завршена (шести дел)
Големата борба е завршена (петти дел)
Големата борба е завршена (четврти дел)
Големата борба е завршена (трет дел)
Големата борба е завршена (втор дел)
Големата борба е завршена (прв дел)
Пустошење на земјата (четврти дел)
Пустошење на земјата (трет дел)
Пустошење на земјата (втор дел)
Пустошење на земјата (прв дел)

Pin It on Pinterest