Библијата – наша заштита (четврти дел)

 

(продолжува од претходниот ден) Сите што го ценат своето вечно добро треба да внимаваат да не паднат во сомневање. Нападите ќе бидат насочени кон основните столбови на вистината. Не е можно да останеме поштедени од подбивањето, од мудроштините и лажните, примамливи науки на модерното неверство. Сатаната ги прилагодува своите искушенија кон сите сталежи. Необразованите ги напаѓа со подбивање и исмевање, додека пред образованите истапува со научни забелешки и со филозофско мудрување, еднакво пресметано да предизвика недоверба или потценување на Светото писмо. Дури и младината, која има малку искуство, се осмелува да се сомнева во основните начела на христијанството. И ова неверување на младите, колку и да е површно, има свое влијание. Мнозина на овој начин се заведени така што го исмеваат верувањето на своите родители и го презираат Духот на милоста (Евреите 10,29). Многу животи што ветувале дека ќе му бидат на чест на Бога и на светот на благослов се уништени со затруениот дух на безбожноста. Сите што се потпираат врз фаленичките заклучоци на човечкиот разум и вообразуваат дека можат да ги протолкуваат божествените тајни, и без помош на Божјата мудрост да ја дознаат вистината, се сплеткале во мрежата на сатанските стапици.

Ние живееме во најсвечениот отсек од историјата на овој свет. Судбината на човештвото кое живее на оваа земја набргу треба да се реши. Нашето лично идно добро, а исто така и спасението на другите души, зависи од патот по кој ќе појдеме сега. Потребно е да нè води Духот на вистината. Секој Христов следбеник треба сериозно да се праша: „Господе, што сакаш да правам?“ Ние треба да се понизиме пред Бога со пост и молитва и многу да размислуваме за неговата Реч, а особено за настаните поврзани со судот. Сега треба да бараме длабоки и живи искуства со Бога. Не смееме да загубиме ниту еден миг. Околу нас се одигруваат настани од најголема важност: ние се наоѓаме на сатанска маѓепсана почва. Не спијте, Божји стражари! Непријателот е близу и демне, подготвен секој миг да скокне врз вас и да ве стори свој плен, само ако ви падне духот и ако задремете.

Мнозина се измамени во врска со својата вистинска положба пред Бога. Тие се задоволни со себе што не направиле лоши дела, а забораваат на добрите и благородни дела што ги бара Бог од нив, а што занемариле да ги направат. Не е доволно тие да се дрвја во Божјата градина. Бог очекува од нив плод. Тој ги прогласува за одговорни за сите добра што можеле да ги направат со негова милост а не ги направиле. Во небесните книги тие се запишани како луѓе што ѝ пречат на земјата. Но дури и нивниот случај не е сосем без надеж. За тие што не ја ценат Божјата љубов и ја злоупотребуваат неговата милост, срцето на Љубовта кое долго трпи сè уште се моли. „Затоа вели: ‘Стани ти што спиеш, воскресни од мртвите и Христос ќе те осветли!’ И затоа, внимавајте како живеете, зашто дните се зли“ (Ефесците 5,14-16).

Кога ќе настапи времето за проверка, ќе се покажат тие што ја прифатиле Божјата реч како свое правило на животот. Преку лето не се гледа разлика меѓу зимзелените и другите дрвја, но кога ќе настапат зимските луњи, зимзелените дрвја остануваат неизменети, додека другите дрвја ги губат лисјата. Така и сега, божемните христијани не се разликуваат од вистинските христијани, но токму пред нас е време кога ќе се покаже разлика. Нека се подигнат противниците, нека се распали пак верскиот фанатизам и нетрпеливост, нека настанат прогонства полухристијаните и лицемерите ќе се поколебаат и ќе се откажат од својата вера, а вистинскиот христијанин ќе стои цврсто како карпа со посилна вера и со посветла надеж отколку во деновите на благосостојба.

Псалмистот кажува: „Размислувам за твоите сведоштва.“ „Со твоите заповеди станав разумен, затоа ги мразам сите лажни патишта“ (Псалм 119,99.104).

„Блазе на човека кој се здобил со мудрост.“ „Тој е сличен на дрво посадено крај вода што ги насочува корењата кон потокот; тоа не знае кога настанува припек; лисјата му се зелени. Во време на суша не се плаши и не престанува да дава плод“ (Мудри изреки 3,14; Еремија 17,8).

Големата борба е завршена (шести дел)
Големата борба е завршена (петти дел)
Големата борба е завршена (четврти дел)
Големата борба е завршена (трет дел)
Големата борба е завршена (втор дел)
Големата борба е завршена (прв дел)
Пустошење на земјата (четврти дел)
Пустошење на земјата (трет дел)
Пустошење на земјата (втор дел)
Пустошење на земјата (прв дел)

Pin It on Pinterest