(продолжува од претходниот ден) Сатаната постојано настојува да ги измами луѓето и да ги доведе дотаму гревот да го викаат правда, а правдата грев. Колку успешно било неговото дело! Колку често Божјите слуги се опсипувани со укори и со префрлања затоа што бестрашно се труделе да ја заштитат вистината! Луѓето, кои се само сатански орудија, се фалени и извишувани и дури сметани за маченици, додека оние што би требало да бидат почитувани и потпомагани заради својата верност кон Бога, се препуштени сами на себе и секогаш се под сомневање и недоверба.
Лажната светост и посветување сè уште вршат измама. Во разни облици тоа дело го покажува истиот дух како во деновите на Лутера; тоа и денеска го одвраќа вниманието на луѓето од Светото писмо и, наместо да му се покоруваат на Божјиот закон, ги заведува да ги следат своите чувства и впечатоци. Во тоа лежи еден од најуспешните сатански пронајдоци со кој се служи тој да ја извалка чистотата на вистината.
Лутер бестрашно го бранел евангелието од нападите што доаѓале од сите страни. Во сите овие борби Божјата реч се покажала како силно оружје. Со таа Реч тој се борел против папите и против сколастичката филозофија и со нејзина помош останал цврст како карпа против фанатизмот кој се обидел да ја проникне реформацијата.
Секоја од овие противнички струи на свој начин го отфрлала Светото писмо, а ја издигнувала човечката мудрост како извор на верската вистина и познавање. Рационализмот му се клања на разумот и него го прави темел на верата. Римската црква му признава на папата вдахновение кое во непрекината линија доаѓа од апостолите и за сите времиња е непроменливо. Тоа сфаќање на секој вид разврат и расипаност им дава можност да се скријат под плаштот на апостолско овластување. Вдахновението што го истакнувале Минцер и неговите соработници било плод на нивната вообразба и неговото влијание било уривачко за секој авторитет, човечки или божествен. Напротив, вистинското христијанство Божјата реч ја смета за голема ризница на вдахновени вистини и за кантар на кој се проверува секое вдахновение.
По своето враќање од Вартбург, Лутер го довршил својот превод на Новиот завет и набргу потоа му го предал евангелието на германскиот народ на негов јазик. Овој превод го примиле со голема радост сите што ја сакале вистината, а оние што повеќе ги следеле човечките традиции и човечките заповеди, го отфрлиле со презир.
Свештениците се возбудиле при помислата дека од сега обичниот народ ќе може да расправа со нив за начелата на Божјата реч и дека на тој начин ќе се открие нивното незнаење. Оружјето на нивниот телесен ум било немоќно споредено со духовниот меч. Рим го употребил сиот свој авторитет да го спречи ширењето на Светото писмо. Но декретите, анатемите и мачењата не ја постигнале целта. Колку повеќе Рим ја осудувал и ја забранувал Библијата, народот сè повеќе копнеел да дознае што таа учи. Сите што можеле да читаат, станале ревни истражувачи на Библијата. Тие ја носеле со себе и постојано ја читале и не ја оставале сè додека не научиле напамет големи отсеци. Гледајќи со каква љубов е примен Новиот завет, Лутер веднаш почнал да го преведува Стариот завет и истиот го издавал во делови, како кој бил готов.
Списите на Лутера се примени со одушевување во градовите и селата. „Она што го пишувал Лутер и неговите пријатели, други го ширеле. Монасите, кога се увериле дека манастирските завети се неосновани, сакале својот поранешен неполезен живот да го заменат со активен живот, но бидејќи самите биле неупатени и не можеле да ја проповедаат Божјата реч, патувале низ покраините, ги посетувале селата и помалечките места и ги продавале Лутеровите списи и списите на неговите пријатели. Набргу Германија била преплавена со овие храбри евангелисти“ (Исто, b. 9, ch. 11).
Овие списи ги проучувале со голем интерес богатите и сиромасите, учените и простите. Ноќе селските учители на глас ги читале овие списи во малечки групи, собрани околу огништата. При секој таков напор повеќе души би се увериле во вистината и со радост ја примале Божјата реч, а потоа сами на другите им ја носеле радосната вест. (продолжува)