Можеме ли да разговараме со мртвите и тие со нас? (втор дел)

 

(продолжува од претходниот ден) Кнезот на темнината, кој толку време сите сили на својата голема интелигенција ѝ ги посветува на измамата, вешто ги прилагодува своите искушенија кон луѓето на сите сталежи и положби. На образованите спиритизмот им го претставува во неговите фини и интелектуални видови и со тоа успева мнозина да вовлече во својата стапица. Мудроста што ја дава спиритизмот, според зборовите на Јакова, не „слегува озгора“ туку таа е „земна, човечка, ѓаволска“ (Јаков 3,15). Меѓутоа, големиот измамник ова вешто го крие секогаш кога истото може успешно да го искористи за својата цел. Оној што имал сила да се појави во пустината на искушението пред Христа, наметнат со сјај на небесен серафим, се појавува и пред луѓето во најпривлечен вид како светлосен ангел. Тој му ласка на разумот, откривајќи му возвишени предмети; ја одушевува човечката мечта со величествени сцени и ги освојува чувствата со своите речити описи на љубовта и добрината. Тој на мечтата ѝ дава возвишен полет и луѓето ги поттикнува да имаат толку високо мислење за својата сопствена мудрост, што во своите срца го презираат Вечниот. Ова моќно суштество, кое имало сила да го одведе Откупителот на светот на највисока гора и да му ги покаже сите земни царства и нивната слава и пред луѓето ќе ги изнесе своите искушенија со кои ќе го изопачи умот на сите што не се под заштита на божествената сила.

Сега сатаната ги измамува луѓето со ласкање како што ја измамил Ева во Едем буди кај нив желба за натприродни сознанија и поттикнува честољубив стремеж кон самоизвишување. Потклекнувањето пред овие лоши желби предизвикало негов пад, а сега настојува со тоа да предизвика и пропаст на луѓето. „Вие ќе бидете како богови“, изјавува тој, „и ќе знаете што е добро, а што зло“ (1. Мојсеева 3,5). Спиритизмот учи „дека човекот е суштество од напредок и дека нему му е одредено постојано, од раѓањето па сè до вечноста, да се приближува кон божеството“. И понатаму: „Секое разумно суштество ќе си суди самото себеси, а не друго.“ „Судот ќе биде праведен, зашто тоа е сопствен суд… Престолот е во самиот тебе.“ Еден спиритистички учител, кога во него се разбудила оваа „духовна свест“, рекол: „Сите мои ближни се полубогови кои не паднале.“ А друг изјавува: „Секое праведно и совршено суштество е Христос.“

Така на местото на правдата и совршенството на вечниот Бог, на местото на вистинскиот предмет на почитување и на совршената праведност на Божјиот закон, на местото на вистинското мерило на човечкиот идеал, сатаната ја поставил грешната и непостојана човечка природа како единствен предмет на почитување, како единствено правило на судот и мерило на карактерот. Тоа е напредок, но не напред, туку назад.

Закон на нашата интелектуална и духовна природа е ние да се менуваме со она што го посматраме. Нашиот ум е проникнат со она со што се занимава. Ние стануваме слични со она што сме навикнале да го сакаме и да го почитуваме. Човекот никогаш нема да се издигне повисоко од неговото сфаќање за чистотата, за добрината и вистината. Ако неговото „јас“ е негов највисок идеал, тој никогаш нема да постигне нешто повозвишено. Напротив, тој ќе паѓа сè пониско. Само Божјата милост има сила човекот да го издигне. Препуштен сам на себе, тој неминовно ќе тоне сè подлабоко.

На луѓето кои потклекнуваат пред своите страсти, кои се желни за уживање, на телесните, спиритизмот им се јавува во помалку префинет вид отколку на оние што се образовани и културни; во неговите груби облици тие го наоѓаат токму она што одговара на нивните склоности. Сатаната го проучува секој знак на слабоста на човечката природа, води сметка за гревовите што е наклонет да ги прави секој поединец и тогаш се труди да не пропушти ниту една можност да ги задоволи нивните склоности кон зло. Тој ги наведува луѓето да претеруваат во она што само по себе е дозволено и со неумереноста да ја ослабат својата физичка, душевна и морална сила. Тој уништил и сè уште уништува илјадници луѓе по пат на задоволување на ниските страсти со кои човечката природа ја прави груба. И како врв на своето дело, тој тврди преку духовите дека „вистинското знаење го издигнува човекот над сите закони“; дека „сè што постои е добро“; дека „Бог никого не го осудува“ и дека „сите гревови што ги правиме се невини“. Кога луѓето на ваков начин се заведени да веруваат оти желбата е највисок закон, дека слободата значи разузданост и дека човекот ќе си дава сметка само себе си, треба ли тогаш да се чудиме што насекаде владее толкава расипаност и морална изопаченост? Мнозина страдно ја прифаќаат науката што им дава слобода да си угодуваат на склоностите на своето телесно срце. Уздите на самосовладувањето им се препуштаат на страстите, духовните и душевните сили им се потчинуваат на животинските нагони, а сатаната ликувајќи вовлекува во својата мрежа илјадници такви кои тврдат дека се Христови следбеници. (продолжува)

Големата борба е завршена (шести дел)
Големата борба е завршена (петти дел)
Големата борба е завршена (четврти дел)
Големата борба е завршена (трет дел)
Големата борба е завршена (втор дел)
Големата борба е завршена (прв дел)
Пустошење на земјата (четврти дел)
Пустошење на земјата (трет дел)
Пустошење на земјата (втор дел)
Пустошење на земјата (прв дел)

Pin It on Pinterest