Мартин Лутер (седми дел)

(продолжува од претходниот ден) Веста за Лутеровото доаѓање во Аугзбург го исполнила срцето на папскиот пратеник со големо задоволство. Бунтовниот еретик, кој разбудил интерес речиси кај цел свет, сега бил под власт на Рим и легатот на папата решил да не дозволи да му побегне. Реформаторот не се погрижил да си прибави себеси гарантно писмо. Неговите пријатели го молеле да не се појавува пред легатот на папата без гарантно писмо и самите ги презеле сите потребни мерки да му го набават од царот. Намера на легатот била Лутера, ако е некако можно, да го присили да се откаже, а ако тоа не му успее, да го одведе во Рим за таму да ја подели судбината на Хус и Јероним. Затоа легатот преку своите пратеници се обидел да го наговори Лутера да излезе пред него без гарантно писмо и на тој начин да падне под негова милост. Лутер решително одбил и не се појавил пред пратеникот на папата сè додека не го добил документот со кој царот му загарантирал своја заштита.

Намера на католиците била да се обидат да го придобијат Лутера со привидна благонаклоност. Во своите разговори со Лутера легатот се покажал мошне љубезен, но барал Лутер безусловно да ѝ се покори на власта на Римската црква и да напушти секоја точка на своето учење без докажување или какво и да е прашање. Тој уште не го познавал човекот со кој требало да расправа. Во својот одговор Лутер ја нагласил својата почит кон црквата, својот стремеж кон вистината, готовноста да одговори на сите забелешки во врска со својата наука и истата да ја подложи на одлуката на некои главни универзитети. Во исто време не го прифатил барањето на пратеникот на папата кој барал да го негира своето учење без никаков доказ дека бил во заблуда.

Единствен одговор што го добил бил: „Негирај, негирај!“ Реформаторот докажал дека неговото гледиште е основано на Светото писмо и решително изјавил дека не може да се откаже од вистината. Легатот, неспособен да одговори на доказите на Лутера, го опсипал со порој прекори, со потсмев и ласкања помешани со цитати од преданијата и од црковните отци, не давајќи му на реформаторот да дојде до збор. Гледајќи дека нивниот разговор, воден на таков начин, е сосем некорисен, Лутер најпосле добил дозвола да го изнесе одговорот писмено.

Подоцна му напишал на својот пријател: „Видов дека е најразумно да му се одговори писмено; прво, она што е напишано може да се подложи на проверка од страна на други луѓе; второ, со тоа може полесно да се влијае врз стравот, ако веќе не врз совеста на еден горделив и брблив тиран, кој инаку би можел да победи со својот заповеднички јазик“ (Martyn, The Life and Times of Luther, pages 271, 272).

На следниот состанок Лутер јасно, концизно и силно ги изнел своите погледи, поткрепувајќи ги со многу цитати од Светото писмо. Откако го прочитал својот состав гласно, му го дал на кардиналот кој со презир го фрлил на страна, велејќи дека тоа се само празни зборови и безвредни цитати. Лутер, на кого очите му се отвориле, сега ја прифатил борбата со горделивиот кардинал на неговото сопствено подрачје ­ служејќи се со преданието и со учењето на црквата ­ и така целосно ги оборил неговите тврдења.

Кога пратеникот на папата видел дека Лутеровите докази се непобитни, загубил секоја власт над себе и гневно извикнал: „Негирај, или ќе те пратам во Рим, каде што ќе дојдеш пред судии на кои им е наредено да се запознаат со твоето дело. Ќе те исклучат од црквата тебе, твоите следбеници и сите што ти помагаат или што ќе ти помагаат во иднина.“ Најпосле изјавил со горделив и гневен глас: „Откажи се, или немој повеќе да се појавуваш!“ (D’Aubigne, London ed., b. 4, ch. 8).

Реформаторот веднаш се повлекол со своите пријатели, со што дал јасен знак дека од него не може да се очекува никакво откажување. Тоа кардиналот најмалку го очекувал. Мислел дека со строгост ќе го натера Лутера да се откаже. Сега, кога останал сам со своите истомисленици, погледот го префрлал од еден на друг, мошне нерасположен поради неочекуваниот неуспех на своите планови.

Напорите на Лутера во овој судир не биле безуспешни. Мноштвото што присуствувало на оваа расправа имало можност да ги спореди овие два човека и да просуди каков дух ги води и во што се состои силата и вистинитоста на нивните гледишта. Колку значајна разлика! Реформаторот, едноставен, понизен, решителен, стоел во Божја сила со вистината на своја страна; а папскиот претставник, вообразен, дрзок, горделив и неразумен, без никаков доказ од Светото писмо, викал гласно: „Откажи се, или ќе те пратам во Рим да те казнат!“

Не водејќи сметка за гарантното писмо што го имал реформаторот, неговите непријатели сковале заговор да го фатат и да го стават во затвор. Бидејќи неговиот натамошен престој во Аугзбург бил бесполезен, неговите пријатели настојувале тој веднаш да се врати во Витенберг, но со најголема претпазливост и во најголема тајност. Затоа Лутер го напуштил Аугзбург в зори, на коњ, во придружба на само еден водич кој му го дал началникот на градот. Исполнет со мрачни претчувства, поминувал низ тишината на темните и тивки улици на градот. Будните и свирепи непријатели демнеле над неговата глава. Дали ќе ги избегне поставените стапици? Тоа биле часови на страв и сериозна молитва. Стигнувајќи до градскиот ѕид, забележал малечка врата која се отворила пред него и тој без пречки со својот водич излегол од градот. Кога се нашле надвор од градските ѕидови, бегалците брзале, и пред легатот да дознае за Лутеровото заминување, тој веќе бил надвор од дофатот на своите прогонувачи. Пропаднале плановите на сатаната и на неговите пратеници. Човекот, за кого сметале дека е во нивни раце, побегнал како птица од мрежата на птичарот. (продолжува)

Големата борба е завршена (шести дел)
Големата борба е завршена (петти дел)
Големата борба е завршена (четврти дел)
Големата борба е завршена (трет дел)
Големата борба е завршена (втор дел)
Големата борба е завршена (прв дел)
Пустошење на земјата (четврти дел)
Пустошење на земјата (трет дел)
Пустошење на земјата (втор дел)
Пустошење на земјата (прв дел)

Pin It on Pinterest