Мартин Лутер (осми дел)

(продолжува од претходниот ден) Таа новост легатот го вџашила и го разгневила. Очекувал да биде пофален заради својата мудрост и решителност во врска со својата постапка кон овој нарушувач на црковниот мир; но неговата надеж го изневерила. Својот гнев го стивнал со тоа што му упатил писмо на изборниот саксонски кнез Фридрих, во кое Лутера тешко го наклеветил, барајќи од Фридриха реформаторот да го прати во Рим или да го протера од Саксонија.

Лутер во својата одбрана навел дека е готов да се откаже од своето учење ако легатот или папата му ги докажат од Писмото неговите заблуди и ако покажат дека неговото учење е спротивно на Божјата реч. Исто така му заблагодарил на Бога што го удостоил да страда за тоа толку свето дело.

Изборниот кнез до сега слабо ја познавал науката на реформаторот, но бил длабоко трогнат со искреноста, со силата и со јасноста на Лутеровите зборови. Додека не се докаже дека реформаторот е во заблуда, Фридрих решил да биде негов заштитник. Одговарајќи на барањето на легатот, тој напишал: „Бидејќи доктор Мартин Лутер се појави пред вас во Аугзбург, со тоа треба да бидете задоволни. Ние не очекувавме да го присилувате да се откаже без да го соочите со неговите заблуди. Ниту еден од учените луѓе во моето кнежевство не ме извести дека науката на Мартина е безбожна, антихристијанска или еретичка!“ Кнезот одбил Лутера да го прати во Рим или да го протера од својата држава (D’Aubigne, b. 4, ch. 10).

Изборниот кнез видел дека моралот во општеството паднал многу ниско. Била потребна голема реформа. Увидел дека напразен е секој обид да се запрат или да се казнат злосторствата ако секој не ги признае и не ги прифати Божјите наредби и ако не живее според една просветлена совест. Видел дека Лутер работи токму на тоа подрачје и потајно се радувал што во црквата почнало да се чувствува подобро влијание.

Изборниот кнез исто така забележал дека Лутер има голем успех и како професор на универзитетот. Поминала само една година откако реформаторот ги прикачил своите тези на вратата на црквата и веќе можело да се забележи дека во значителна мера се намалил бројот на поклониците кои при празникот „Сите свети“ ја посетувале црквата. Рим немал веќе толку почитувачи и не примал толку дарови како порано, но, наместо тоа, се појавиле други луѓе кои сега доаѓале во Витенберг не како поклоници да ги обожаваат реликвиите, туку како студенти да ги исполнат универзитетските сали. Лутеровите списи насекаде разбудиле нов интерес за Светото писмо и, не само од Германија, туку и од другите земји доаѓале студенти на Витенбершкиот универзитет. Младите луѓе, гледајќи го првпат Витенберг, „ги подигале рацете кон небото и го фалеле Бога што дозволил светлината да свети од тој град, како од Сион во старо време, и оттаму да се рашири до најдалечните земји“ (Исто, b. 4, ch. 10).

До сега Лутер само делумно ги напуштил заблудите на Рим, но кога го споредувал Светото писмо со одлуките и со наредбите на папата, бил вџашен. „Ги читам папските декрети“, му пишувал на Спалатин, „и ти велам дека не знам дали можеби папата е антихрист или негов пратеник; толку лажно Христос е при­ кажан во тие декрети ­ и дури распнат“ (Исто, b. 5, ch. 1). Сепак, Лутер во тоа време уште бил предан син на Римската црква и не помислувал дека кога и да е ќе ја напушти неа.

Списите на реформаторот и неговата наука се рашириле низ целиот христијански свет. Делото стигнало во Швајцарија и во Холандија. Одделни примероци на Лутеровите списи си го расчистиле себеси патот во Франција и во Шпанија. Во Англија неговото учење било примено како животна реч. Вистината навлегла во Белгија и во Италија. Илјадници се разбудиле од своето духовно мртвило во радосен живот што ни го даваат надежта и верата.

Рим сè повеќе се лутел поради Лутеровите напади и некои од неговите фанатични противници, дури и некои професори на католичките универзитети, изјавиле дека, оној што би го убил тој бунтовен калуѓер, со тоа не би згрешил. Еден ден на реформаторот му пристапил некој странец со скриен револвер под наметката и го прашал зошто насекаде се движи сам. Лутер одговорил: „Јас сум во Божјата рака. Тој е моја сила и штит. Што ми може човек?“ (Исто, b. 6, ch. 2). Кога ги слушнал овие зборови, странецот побледел и побегнал од него како тука да било присутно некое небесно суштество.

Рим сакал да го уништи Лутера, но Бог бил негова одбрана. Неговата наука се слушала насекаде: „Во колибите и во манастирите, во дворците на благородниците, на универзитетите и во царските палати.“ На сите страни станувале благородни луѓе да ги поддржат неговите напори (Исто, b. 6, ch. 2). (продолжува)

Големата борба е завршена (шести дел)
Големата борба е завршена (петти дел)
Големата борба е завршена (четврти дел)
Големата борба е завршена (трет дел)
Големата борба е завршена (втор дел)
Големата борба е завршена (прв дел)
Пустошење на земјата (четврти дел)
Пустошење на земјата (трет дел)
Пустошење на земјата (втор дел)
Пустошење на земјата (прв дел)

Pin It on Pinterest