Мартин Лутер (десетти дел)

(продолжува од претходниот ден) На прекорите од своите непријатели, кои ја исмевале слабоста на неговите работи, Лутер одговорил: „Кој знае, можеби Бог ме избрал и ме повикал да го извршам ова дело? Зар не би требало да се плашат дека, презирајќи ме мене, го презираат лично Господа. Мојсеј бил сам при излегувањето од Египет. Илија бил сам во времето на владеењето на царот Ахав; Исаија бил сам во Ерусалим; Езекил сам во Вавилон… Бог никогаш не избрал за пророк некој поглавар свештенички или некоја друга голема личност; Тој обично бирал едноставни и презрени луѓе, еднаш дури пастир, пастирот Амос. Во сите векови, светите биле присилени да ги караат големите, царевите, кнезовите, свештениците и учените луѓе, изложувајќи го со тоа на опасност својот живот… Не велам дека и јас сум пророк, но велам дека многу повеќе треба да се плашат затоа што јас сум сам, а нив ги има многу. Сигурен сум дека Божјата реч е со мене, а не со нив“ (Исто, b. 6, ch. 10).

Сепак, Лутер не решил да се одвои од црквата без страшна внатрешна борба со самиот себе. Во тоа време пишувал: „Секој ден сè повеќе чувствувам колку е тешко да се напуштат обичаите што сме ги примиле во детството. О колку болки поднесов додека не зазедов став наспроти папата и додека не го прогласив за антихрист, иако на своја страна го имам Светото писмо!… Колку страдаше моето срце! Колку пати себеси си го поставував горкото прашање, кое толку често го повторуваа следбениците на папата: „Зар само ти си мудар? Зар е можно сите други да се во заблуда? Што ќе биде ако ти, наспроти сè, си во заблуда, и во својата заблуда вовлекуваш толку души кои на крај засекогаш ќе пропаднат? Така се борев со себе и со сатаната, додека Христос со својата непогрешна Реч го охрабри моето срце наспроти сите сомневања“ (Martyn, pages 372, 373).

Папата му се заканил на Лутера со исклучување од црквата ако не се откаже, и сега оваа закана се исполнила. Објавено е ново послание на папата, кое Лутера засекогаш го прогласило за исклучен од црквата и за проклет од небото, а исто такво проклетство паднало и врз сите што би го прифатиле неговото учење. Големата борба почнала со сета жестокост.

Сите што ги повикал Бог да ја објават вистината за своето време секогаш наидувале на противење. Во деновите на Лутера една вистина имала посебна важност за тоа време; и денеска постои вистина за нашето време. Оној, кој постапува според својата мудрост, предвидел луѓе за различни прилики и им доверил должности што одговараат на времето во кое живеат и на околностите во кои се наоѓаат. Ако ја ценат дадената светлина, ним ќе им биде дадено поголемо видело. Но денеска повеќето луѓе исто толку малку се стремат кон вистината колку и следбениците на папата кои се подигнале против Лутера. Како и во минатите векови, и денеска постои наклоност да се примаат човечките традиции и теории. Сите што ја изнесуваат вистината за сегашното време не треба да очекуваат да наидат на подобар прием отколку реформаторите во поранешните векови. Големата борба меѓу вистината и заблудата, меѓу Христа и сатаната, сè повеќе ќе се заострува до крајот на светската историја.

Исус им рекол на своите ученици: „Да бевте од овој свет, светот ќе ги љубеше своите; но бидејќи не сте од светот, туку јас ве избрав од светот, затоа светот ве мрази. Помнете ги зборовите што ви ги реков: ‘Слугата не е поголем од својот господар!’ Ако ме прогонуваа мене, ќе ве прогонуваат и вас; ако ја пазеа мојата реч, ќе ја пазат и вашата“ (Јован 15,19.20). Од друга страна, нашиот Господ изјавува: „Тешко вам кога сите луѓе ќе зборуваат добро за вас, зашто нивните татковци им правеа така на лажните пророци“ (Лука 6,26). Духот на денешниот свет не е поблизу до Христовиот Дух отколку во поранешните времиња. Оние што денеска ја проповедаат Божјата реч во нејзината чистота, нема да бидат примени со поголема наклоност од оние во минатите времиња.

Вистината секогаш има противници. Тоа противење може да го измени својот облик; непријателството не мора да биде толку отворено, зашто е полукаво; но истото противење постои и ќе постои до крај.

Големата борба е завршена (шести дел)
Големата борба е завршена (петти дел)
Големата борба е завршена (четврти дел)
Големата борба е завршена (трет дел)
Големата борба е завршена (втор дел)
Големата борба е завршена (прв дел)
Пустошење на земјата (четврти дел)
Пустошење на земјата (трет дел)
Пустошење на земјата (втор дел)
Пустошење на земјата (прв дел)

Pin It on Pinterest