(продолжува од претходниот ден) Луѓето слушале без здив. Лебот на животот им е делен на душите што умирале од глад. Христос пред нив е издигнат над папите,над легатите, над царевите и кралевите. Лутер ништо не спомнал за својата опасна положба. Не сакал да го привлече вниманието на себе и да предизвика сочувство. Гледајќи на Христа, заборавил на себе. Тој се скрил зад Маченикот од Голгота, настојувајќи само да го претстави Христа како Откупител на грешниците.
Продолжувајќи го својот пат, реформаторот насекаде бил предмет на најживо интересирање. Околу него се тискала љубопитна толпа. Пријателски гласови го предупредувале на намерите на римокатолиците: „Ќе ве спалат“ велеле едни „вашето тело ќе го претворат во пепел како што сториле со Јан Хус.“ Тој одговарал: „Кога долж целиот пат од Вормс до Витенберг би палеле огнови, чиишто пламени јазици би допирале до небото, јас сепак ќе одам по тој пат во име на Господа. Ќе излезам пред нив, ќе влезам во челуста на ламјата, ќе ги скршам нејзините заби и ќе го проповедам Господа Исуса Христа“ (Исто, b. 7, ch. 7).
Веста за неговото приближување кон Вормс предизвикала голема вознемиреност. Неговите пријатели се плашеле за неговата безбедност. Тие се труделе со сите сили да го одвратат, да не влезе во градот. На поттик од следбениците на папата, нему му е советувано да се повлече во дворецот на некој пријателски витез каде што ќе може сè да се реши на пријателски начин. Пријателите се обидувале кај него да разбудат страв, опишувајќи ги опасностите што му се закануваат. Но сè било напразно. Лутер непоколебливо им одговорил: „Кога во Вормс би имало толку ѓаволи колку што има ќерамиди на покривите, сепак, јас би влегол во градот“ (Исто, b. 7, ch. 7).
При неговото доаѓање во Вормс, кон градската врата се упатило големо мноштво да му посака добредојде. Такво големо мноштво не се собрало ниту да го поздрави царот. Одушевувањето било големо; наеднаш, среде мноштвото, еден продорен и тажен глас запеал погребна песна за да го потсети Лутера на судбината што го чека. „Бог ќе биде моја одбрана“, рекол тој, слегувајќи од колата.
Следбениците на папата не верувале дека Лутер ќе се осмели да дојде во Вормс. Неговото доаѓање ги исполнило со страв. Царот веднаш ги повикал своите советници да се посоветува за постапката што треба да ја преземе. Еден од епископите, закоравен следбеник на Рим, изјавил: „Ние за тоа доста расправавме. Вашето величество еднаш нека се ослободи од тој човек. Нели Сигисмунд дозволи Јан Хус да се спали. Наша должност не е да му дадеме ниту да го почитуваме гарантното писмо на еден еретик.“ „Не“, рекол Карло, „ние треба да ги држиме нашите ветувања!“ (Исто, b. 7, ch. 8). Според тоа, одлуката паднала: Лутер треба да излезе пред соборот.
Цел град сакал да го види тој необичен човек. Набргу неговиот стан го исполнило мноштво посетители. Лутер штотуку се закрепнувал од својата неодамнешна болест; бил уморен од патот кој траел цели две седмици. Морал да се приготви за своето утрешно свечено излегување пред соборот, и му бил потребен мир и одмор. Но желбата да го видат била толку голема што околу него се тискале благородници, кнезови, свештеници и граѓани, така што за одмор му останале само неколку часа. Меѓу нив имало благородници кои смело барале од царот реформа на црковните злоупотреби и кои, кажува Лутер, „сите се ослободени со моето евангелие“ (Martyn, page 393). И пријатели и непријатели доаѓале да го видат бестрашниот калуѓер, а тој ги примал сите со ист мир и на сите им одговарал достоинствено и мудро. Неговото држење било цврсто и храбро. Неговото лице, бледо и истоштено од напорите и од болеста, имало љубезен и дури радосен израз. Свеченоста и длабоката сериозност на неговите зборови им давале сила на која не можеле да ѝ се противстават ниту неговите непријатели. И пријателите и непријателите му се восхитувале. Едните гледале во него божествена сила, а другите ги повторувале зборовите на фарисеите за Христа: „Ѓавол е во него.“
Утредента Лутер бил повикан да излезе пред соборот. Еден царски службеник бил одреден да го доведе Лутера во соборната сала, но тоа одвај му успеало, зашто сите улици биле преполни со гледачи кои биле желни да го видат монахот кој се осмелил да му се противстави на папскиот авторитет.
Кога Лутер се упатил да излезе пред своите судии, еден стар генерал, јунак од многу битки, му рекол љубезно: „Кутри калуѓеру, кутри калуѓеру, тебе те чека таква битка каква што ниту јас ниту кој и да е друг војсководител видел ниту во најкрвавите судири. Но, ако твоето дело е праведно и ако си сигурен во него, оди напред во Божје име и не плаши се од ништо. Бог нема да те остави“ (D’Au bigne, b. 7, ch. 8).
Најпосле Лутер стоел пред државниот собор. Царот седел на престолот, опкружен со најугледни личности на царството. Никогаш ниеден човек не се појавил пред повеличествен собор од овој пред кој Лутер требало да одговара поради својата вера. „Самиот факт што тој се појавил пред соборот бил веќе сјајна победа над папството. Папата го осудил, но сега истиот тој човек се наоѓал пред суд кој токму со оваа постапка се издигнал над него. Папата врз него фрлил проклетство, го исклучил од секое човечко општество, а тој сега најучтиво е повикан и примен пред највеличествениот собор на светот. Папата го осудил на доживотно молчење, а сега тој требало да зборува пред илјадници внимателни слушатели, собрани од најоддалечените христијански земји. На овој начин, со Лутерова заслуга, настанала голема пресвртница. Рим веќе почнал да слегува од својот престол, а причина за тоа бил гласот на еден калуѓер“ (Исто, b. 7, ch. 8). (продолжува)