(продолжува од претходниот ден) „Тогаш царството небесно ќе заприлега на десет девојки кои ги зедоа своите светилки и излегоа да го пречекаат младоженецот. Пет од нив беа мудри, а пет неразумни. Неразумните зедоа со себе светилки, но не понесоа масло; а мудрите, заедно со светилките, зедоа во садови и масло. А бидејќи младоженецот се забави, сите ги фати дремка и заспаа. А на полноќ се чу викање: ‘Ете го младоженецот, излезете да го пречекате’“ (Матеј 25,16).
Христовото доаѓање, како што го објавила првата ангелска вест, е прикажано со доаѓањето на младоженецот. Ширењето на реформацијата, помогнато со проповедањето на веста за второто Христово доаѓање, е претставено со излегувањето на девојките во пресрет на младоженецот. Во оваа споредба, како и во онаа во Матеј 24, ни се прикажуваат два вида луѓе. Сите девојки зеле светилки, Библијата, и со нејзината светлина пошле во пресрет на младоженецот. „Неразумните зедоа со себе светилки, но не понесоа масло; а мудрите, заедно со светилките, зедоа во садови и масло.“ Во нашиот случај оваа последна група ја прими Божјата милост, преродбенската и просветувачката сила на Светиот Дух, што неговата Реч ја прави видело на нозете и светлина што го осветлува патот. Тие со Божји страв го истражуваа Светото писмо за да ја дознаат вистината и сериозно се стремеа кон чистота на срцето и животот. Овие мудри девојки имаа лично искуство, вера во Бога и во неговата Реч, што разочарувањето и одолжувањето не можеа да ја надвладеат. Другите „зедоа со себе светилки, но не понесоа масло“. Нив ги водеа нивните чувства. Свечената вест кај нив разбуди страв, но тие се потпираа врз верата на своите браќа, задоволни со треперливата светлина на добрите побуди, без темелно сфаќање на вистината и без вистински род на милоста во своите срца. Тие излегоа во пресрет на Господа, полни со надеж во скорашна награда, но не беа приготвени за одолжувањето и за разочарувањето. Кога наидоа искушенија, нивната вера ослабе и нивните светилки почнаа да се гаснат.
„Бидејќи младоженецот се забави, сите ги фати дремка и заспаа.“ Одолжувањето на младоженецот го претставуваше времето кога Господ се очекуваше, го претставуваше разочарувањето и привидното задоцнување. Во ова време на неизвесност, површните и неутврдените почнаа да се колебаат; нивните напори попуштија. Но оние, чијашто вера се темелеше на лично познавање на Библијата, под своите нозе имаа карпа која брановите на разочарувањето не можеа да ја однесат. Сите „ги фати дремка и заспаа“ една група рамнодушно ја напушта својата вера, а друга стрпливо очекува појасна светлина. Но, се чини дека и оваа, последнава група, во ноќта на искушението во извесна мера ја загуби својата ревност и побожност. Површните и неутврдените не можеа повеќе да се потпираат врз верата на своите браќа. Секој мораше за себе да стои или да падне.
Отприлика во исто време се појави фанатизам. Некои што тврдеа дека цврсто веруваат во веста ја отфрлија Божјата реч како единствен сигурен водич. Тврдејќи дека се водени од Духот, тие целосно им се предадоа на своите сопствени чувства, на своите впечатоци и на својата мечта. Некои покажуваа слепа и лицемерна ревност, осудувајќи ги сите што не ја одобруваа нивната постапка. Нивните фанатични поими и постапки не наидоа на одобрување кај поголемото мнозинство на чекателите на Христовото доаѓање, но му послужија на сатаната делото на вистината да го изложи на презир.
Сатаната на овој начин се обиде да стане против Божјето дело и да го поткопа. Луѓето многу се возбудија поради проповедањето за второто Христово доаѓање; илјадници грешници се обраќаа, а верните луѓе ревносно ја објавуваа вистината дури и по првото разочарување. Кнезот на злото ги губеше своите приврзаници. Но, за да го осрамоти Божјето дело, настојуваше да ги измами оние што веруваа и да ги вовлече во фанатизам. Сатанските орудија секогаш биле подготвени секоја заблуда, секоја грешка и секоја невешта постапка да му ја прикажат на народот во најцрна боја за да ги понижат чекателите и нивната вера. Затоа, колку се зголемуваше бројот на оние што сатаната ги наведе привидно да веруваат во повторното доаѓање, а всушност во нивните срца владееше тој, имаше сè поголема корист од нив, насочувајќи го кон нив вниманието како претставници на сите верни.
Сатаната е „обвинител на браќата“; неговиот дух ги инспирира луѓето да бараат грешки и мани кај Божјиот народ за да ги изнесат на виделина, додека неговите добри дела и не ги спомнуваат. Тој секогаш е мошне ревносен кога Бог работи за спасението на душите. Кога Божјите деца доаѓаат да се јават пред Господа, тогаш и сатаната доаѓа со нив. Во секое духовно будење тој е подготвен да доведе луѓе со непосветено срце и со неурамнотежен дух. Кога тие ќе прифатат некои точки на вистината и ќе добијат место меѓу верните, тогаш сатаната работи преку нив за да воведе теории што ќе ги измамат невнимателните. Не значи дека некој е добар христијанин ако може да се види во друштво на Божјите деца и во Божјиот дом, или дури на Господовата трпеза. Сатаната често е присутен и при најсвечените пригоди во лицата на оние што може да ги употреби како свое орудие. (продолжува)