(продолжува од претходниот ден) Сериозните и искрени верни се откажаа од сè заради Христа и ја чувствуваа неговата близина како никогаш порано. Тие беа уверени дека на светот му ја објавија последната опомена и, очекувајќи наскоро да бидат примени во друштво на својот божествен Учител и на небесните ангели, речиси наполно се повлекоа од заедницата на оние што не ја прифатија веста. Со топол копнеж се молеа: „Да, дојди Господе Исусе!“ Но Тој не дојде. А сега пак да се преземе тешкиот товар на грижите и тешкотиите на овој живот, да се поднесува исмевање и подбивање од страна на светот навистина беше тешко искушение за нивната вера и трпение.
Меѓутоа, ова разочарување не беше толку големо како она што го доживеале учениците во времето на првото Христово доаѓање. Кога Исус со слава влегол во Ерусалим, неговите ученици мислеле дека Тој има намера да седне на Давидовиот престол и да го ослободи Израел од неговите угнетувачи. Со големи надежи и со радосно очекување се натпреварувале како на својот Цар да му укажат поголема почит. Мнозина своите згорништа ги простирале како килим на неговиот пат или пред него ставале палмови гранки. Во своето одушевување се соединиле во радосен извик: „Осана на синот Давидов!“ Кога фарисеите, вознемирени и лути поради оваа радост, барале Исус да ги укори своите ученици, Тој одговорил: „Ако замолкнат тие, камењата ќе викаат“ (Лука 19,40).
Пророштвото морало да се исполни. Учениците ја исполнувале Божјата намера, па сепак, морале да искусат горко разочарување. Поминале само неколку дена од тој настан и тие биле сведоци на маченичката смрт на Спасителот, а потоа го положиле в гроб. Нивните очекувања не биле исполнети ниту во една подробност, а нивните надежи умреле заедно со Исуса. Дури тогаш, кога нивниот Господ славно воскреснал од гробот, сфатиле дека сето тоа во пророштвата порано било објавено „дека Христос требаше да настрада и да воскресне од мртвите“ (Дела 17,3).
Петстотини години пред тоа Господ преку пророкот Захарија рекол: „Ликувај од радост, ќерко сионска! Воскликнувај, ќерко ерусалимска. Еве, твојот Цар ти се враќа; праведен е и победоносен, понизен јава на магаре, на младо магаре“ (Захарија 9,9). Кога учениците би знаеле дека Христос ќе оди на суд и во смрт, не би можеле да го исполнат ова пророштво.
Слично Милер и неговите другари го исполнија пророштвото и ја објавија веста што ја преткажала Божјата реч. Но тие не ќе можеа да ја објават кога во целост ќе ги разбереа пророштвата што се однесуваа на нивното разочарување, а кои едновремено ја содржат втората вест што требаше да им се проповеда на сите народи пред Господовото повторно доаѓање. Првата и втората ангелска вест беа објавени во вистинско време и го извршија делото што Бог имаше намера да го изврши со нивна помош.
Светот очекуваше и претпоставуваше дека целиот систем на науката за Христовото доаѓање ќе биде отфрлен ако времето помине а Христос не дојде. Но, додека едни, притиснати од тешки искушенија, ја напуштија својата вера, други и понатаму останаа цврсти. Плодовите на ова движење на чекателите на Христовото доаѓање понизноста и испитувањето на сопственото срце, откажувањето од светот и промената на животот што беа белези на ова дело, сведочеа дека тоа е од Бога. Непријателите не се осмелуваа да кажат дека проповедањето на пораката за второто доаѓање не го придружуваше сила на Светиот Дух, но не успеаја ниту да најдат некоја грешка во нивното пресметување на пророчкиот период. Ниту најспособните противници не беа во состојба да го урнат нивниот систем на толкување на пророштвата. Затоа чекателите не можеа да одлучат без соодветни библиски докази да ги отфрлат сознанијата до кои дојдоа со сериозно и предано проучување на Писмото придружувано со молитва, просветлени со Божјиот Дух и со срце кое пламтеше со неговата жива сила. Не можеа да ги напуштат сознанијата што ѝ преодолеваа на најострата критика и на најогорчените напади од страна на познатите верски учители и на мудрите луѓе на овој свет; кои опстанаа во борбата против здружените напори на ученоста и речитоста, и пред шегите и подбивите на луѓето од повисоките и пониските слоеви.
Навистина, очекуваниот настан не се исполни, но дури ни тоа не можеше да ја поколеба нивната вера во Божјата реч. Кога Јона на улиците на Ниневија објавувал дека градот во рок од четириесет дни ќе биде уништен, Бог го примил покајанието на жителите на Ниневија и го продолжил нивното време на милост; сепак, веста на Јона била пратена од Бога, а Ниневија испитана според неговата волја. Чекателите на Христовото доаѓање веруваа дека Бог и нив ги водеше при објавувањето на пораката за судот. Велеа: „Тој ги провери срцата на сите што ја слушнаа и кај нив разбуди љубов кон Господовото доаѓање или, од друга страна, предизвика повеќе или помалку забележлива, но на Бога добро позната омраза против тоа доаѓање. Тој повлече граница, така што оние кои сакаа да ги испитуваат своите срца можеа да знаат на која страна би се наоѓале кога Господ би дошол тогаш; дали би извикнале: „Еве, ова е нашиот Бог, него го чекавме, и ќе нè спаси!“, или би им викале на горите и камењата да паднат врз нив и да ги скријат од лицето на Оној што седи на престолот и од гневот на Јагнето. Верувавме дека Бог на овој начин ги испитуваше своите деца, ја проверуваше нивната вера дали ќе се повлечат во мигот на искушенијата од своите места на кои ги поставил и дали ќе се откажат од овој свет и ќе покажат безусловно надевање во Божјата реч“ (The Advent Herald and Signs of the Times Reporter, vol. 8, No. 14; Nov 13, 1844). (продолжува)