(продолжува од претходниот ден) Друг учесник во ова движење сведочи: „Ова движење насекаде поттикнуваше темелно испитување на срцето и понизно каење пред возвишениот небесен Бог. Тоа ги наведе сите луѓе да ги презрат световните работи, споровите беа средени, грешките признати, а скршеното и покајничко срце пекаше пред Бога за милост и проштавање. Тоа произведе лична понизност пред Бога и каење какво што никогаш порано не сме виделе. Истото беше слично со она што го кажал Бог преку пророкот Јоил за часот кога ќе се приближи Господовиот ден, кога ги искинале срцата а не облеката и му се приближиле на Господа со пост, со плачење и тага. Како што рекол Бог преку Захарија: врз неговите деца е излеан дух на милост и молитва; погледале во Оној што го проболе; тогаш настанала голема жалост во земјата… а оние што го чекале Господа ги мачеле пред него своите души“ ((Bliss, in Advent Shield and Review, vol. I, p. 271; January, 1845).
Од сите големи движења од времето на апостолите, ниедно не било почисто од човечко несовршенство и од сатански измами од она есента 1844 година. И сега, по толку години, сите што учествуваа во движењето и што останаа цврсти на темелот на вистината, го чувствуваат влијанието на тоа Господово дело и сведочат дека тоа дело беше од Бога.
На повикот: „Ете го младоженецот, пречекајте го!“, станаа сите што чекаа и „ги приготвија своите светилки.“ Тие ја проучуваа Божјата реч со до тогаш непозната ревност. Ангелите беа пратени од небото да ги разбудат оние што беа обесхрабрени и да ги приготват да ја прифатат веста. Ова дело не се темелеше врз човечко знаење и мудрост, туку врз Божјата моќ . Не најнадарените, туку наједноставните и најпреданите беа тие што први го слушнаа повикот и го прифатија. Земјоделците го оставија своето жито на полето, занаетчиите својот алат и појдоа со солзи во очите и со голема радост да ја објават опомената. Поранешните водачи беа меѓу последните што му се придружија на ова движење. Црквите на секаде ѝ ја затвораа вратата на оваа вест, а голем број од оние што ја прифатија излегоа од нив. Со Божјето провидение оваа вест се соедини со втората ангелска вест и на ова дело му даде посебна сила.
Веста: „Ете го младоженецот“, не се ширеше толку врз основа на докази, иако доказите од Светото писмо беа јасни и уверливи. Неа ја придружуваше непреодолива сила што ги движеше душите. Тука немаше сомневање ниту прашање. При победоносното Христово влегување во Ерусалим, народот што се со брал од сите страни на земјата да празнува празник, побрзал кон Маслинската гора, и кога се помешал со мноштвото што го придружувало Исуса, сите ги освоило сеопштото одушевување и заедно го засилиле триумфот: „Благословен е Тој кој доаѓа во Господово име!“ (Матеј 21,9). Исто така и неверните, кои побрзаа на собирите на чекателите некои од љубопитство, а други да се изнаподбиваат ја чувствуваа силата на осведочувањето што ја придружуваше веста: „Ете го младоженецот, пречекајте го!“
Во тоа време верните се одликуваа со вера што ја прима Бог, со вера што чека награда. Како пороен дожд што ја освежува жедната земја, Духот на милоста слезе врз оние што сериозно ја истражуваа Божјата реч. Тие што очекуваа наскоро да го видат својот Откупител лице в лице, чувствуваа света радост што не може да се опише. Силата на Светиот Дух, што смекнува и потчинува, ги растопи срцата кога Божјиот благослов обилно се излеа врз верните.
Оние што ја прифатија веста се приближуваа внимателно и свечено кон времето кога се надеваа дека ќе го сретнат својот Господ. Секое утро чувствуваа дека нивна прва должност е де се уверат оти Бог ги прима. Нивните срца беа тесно поврзани и тие многу се молеа заедно и едни за други. Често се состануваа на осамени места да се молат на Бога. Молитви кон небото се издигнуваа од полињата и кориите. Сигурноста дека ја уживаат наклоноста на Спасителот ја сметаа за поважна од својата секојдневна храна; а ако некаков облак ќе ги затемнеше нивните души, не мируваа додека истиот не беше отстранет. Чувствувајќи го доказот на милоста што проштава, тие копнееја да го видат Оној што нивната душа толку го љубеше.
Но, требаше пак да доживеат разочарување. Времето на очекување помина, а нивниот Спасител не дојде! Со непоколеблива доверба го очекуваа неговото доаѓање, а сега го почувствуваа она што го почувствувала и Марија кога дошла кај гробот на Спасителот и го нашла празен. Таа со солзи извикала: „Го однеле мојот Господ и не знам каде го положиле” (Јован 20,13).
Чувството на стравопочит и стравот дека веста би можела да биде вистинита, извесно време го задржуваа неверниот свет, а кога времето помина, тоа чувство не можеше веднаш да исчезне. Тие не можеа веднаш да триумфираат над жртвите на разочарувањето. Но кога не се покажаа знаци на Божји гнев, се закрепнаа од стравот и почнаа одново со своите исмевања и подбивања. Голем број од оние што тврдеа дека веруваат во скорашното Господово доаѓање ја напуштија својата вера. Некои што беа мошне самоуверени, во својата горделивост беа толку повредени што сакаа да исчезнат од светот. Тие се жалеа на Бога како Јона, и повеќе сакаа смрт отколку живот. Оние што својата вера ја темелеа врз мислењето на други а не врз Божјата реч, беа готови да ги изменат своите погледи. Подбивачите ги придобија слабаците и страшливците во своите редови, а потоа сите се соединија и изјавија дека не треба повеќе да стравуваат или нешто да очекуваат. Времето помина, Господ не дојде, и светот може да остане ист за илјадници години. (продолжува)