Исполнети пророштва (четврти дел)

(продолжува од претходниот ден) Ова движење се појави врз основа на откритието дека наредбата на Артаксеркс за обнова на Ерусалим, што беше појдовна точка на пророчкото време од 2300 дни, стапила во сила есента 457 година пред Христа, а не на почетокот на таа година, како што се мислеше порано. Ако овие 2300 години почнуваат есента 457 година пред Христа, тогаш овој период завршува есента 1844 година.

Доказите од старозаветната симболичка служба во Светилиштето упатува исто така на есента како време кога ќе се одигра настанот означен како „чистење на Светилиштето“. Ова стана мошне јасно кога вниманието беше обрнато на начинот како се исполниле сликите што се однесувале на првото Христово доаѓање.

Жртвувањето на пасхалното јагне било претслика на Христовата смрт. Павле вели: „Зашто и Христос, нашето пасхално јагне, беше жртвувано за нас“ (1. Коринќаните 5,7). Снопот од првината на жетвата, што бил претставен пред Господа за време на празникот Пасха, бил претслика на Христовото воскресение. Зборувајќи за Господовото воскресение и за воскресението на целиот негов народ, Павле кажува: „Христос како првина, а потоа оние кои се Христови, во времето на неговото доаѓање“ (1. Коринќаните 15,23). Слично на прикажаниот сноп, кој бил прво зрело жито по жнеано пред жетвата, и Христос е првенец на онаа бесмртна жетва на спасените што ќе биде собрана во Божјите амбари при идното воскресение.

Овие претслики се исполниле не само во врска со настаните, туку и во врска со времето. Четиринаесеттиот ден во првиот еврејски месец, истиот ден и месец, во кој за време на долгите петнаесет векови се колело пасхално јагне, Христос, јадејќи ја со своите ученици пасхалната вечера, воспоставил свечена уредба што требало да биде спомен на неговата сопствена смрт како „Божје јагне кое ги зема на себе гревовите на светот“ (Јован 1,29). Истата ноќ тој паднал во безбожните раце кои го распнале и убиле. И, слично на пораката што ја носел во себе прикажаниот сноп, нашиот Спасител третиот ден воскреснал од мртвите и станал „првенец на умрените“. Тој е слика на сите воскреснати праведници чие што „понижено тело“ ќе се „сообрази со неговото славно тело“ (1. Коринќаните 15,20; Филипјаните 3,21).

Исто така мора да се исполнат претсликите што се однесуваат на второто Христово доаѓање во времето преткажано со симболичката служба во Светилиштето. Според старозаветната служба, големиот Ден на чистење или чистењето на Светилиштето, се совпаѓал со десеттиот ден во седмиот еврејски месец (3. Мојсеева 16,29­34). Кога поглаварот свештенички го извршил чистењето за цел Израел и со тоа ги отстранил од Светилиштето нивните гревови, излегол надвор и го благословил народот. Така се верувало дека нашиот Поглавар свештенички, Христос, ќе дојде да ја исчисти земјата со уништување на гревот и грешниците и дека на својот народ ќе му даде бесмртност. Десеттиот ден во седмиот месец времето на чистење на Светилиштето и големиот Ден на чистење кој во 1844 година се совпадна со 22 октомври, се сметаше за ден на повторното Христово доаѓање. Тоа беше во согласност со веќе изнесените докази дека 2300 дни ќе завршат таа есен. Овој заклучок се чинеше сигурен.

Во споредбата од Евангелието според Матеј 25, по времето поминато во чекање и спиење, огласено е доаѓањето на младоженецот. Тоа се согласуваше токму со изнесените докази од пророштвото и од симболите. Верниците беа длабоко уверени во нивната веродостојнот, и „полноќниот вик“ одекнуваше од илјадници грла.

Ова движење ја прекри земјата како плима. Преминуваше од град во град, од село во село, сè додека Божјиот народ, кој го чекаше Христовото доаѓање, не беше наполно разбуден. Пред ова објавување исчезна фанатизмот како ран мраз кога се појавува сонце. Кај верните исчезнаа сомневањето и збунетоста, а нивните срца ги исполнуваше надеж и храброст. Делото беше ослободено од сите крајности што се појавуваат секогаш кога ќе дојде до израз човечката возбуда неконтролирана од Божјата реч и од Божјиот Дух. Ова дело по својот карактер беше слично на оние мигови на понизност и враќање кај Господа низ кои поминувал некогашниот Израел по укорите што му ги праќал Бог преку своите слуги.

Тоа имаше исти белези што го означувале Господовото дело во сите времиња. Тука имаше помалку одушевување, а повеќе темелно испитување на срцето, признавање на гревот и откажување од светот. Цел на овие души што се бореа со Бога беше да се приготват за средба со Господа. Верните беа постојано на молитва и безрезервно му се предаваа на Бога.

Опишувајќи го ова дело, Милер рече: „Нема голем излив на радост; се чини дека тоа е задржано за идната пригода кога сето небо и сета земја, полни со слава, ќе се радуваат со неискажлива радост. Не се слушаат ниту радосни извици; и тоа е сочувано за часот кога ќе се слушне небесниот три умф. Пеачите молчат; тие чекаат да ѝ се придружат на ангелската војска, на небесните хорови… Нема спротивности во чувствата; сите имаат едно срце и една мисла“ (Bliss, pages 270, 271). (продолжува)

Големата борба е завршена (шести дел)
Големата борба е завршена (петти дел)
Големата борба е завршена (четврти дел)
Големата борба е завршена (трет дел)
Големата борба е завршена (втор дел)
Големата борба е завршена (прв дел)
Пустошење на земјата (четврти дел)
Пустошење на земјата (трет дел)
Пустошење на земјата (втор дел)
Пустошење на земјата (прв дел)

Pin It on Pinterest