Евангелието во Чешка стигнало уште во деветтиот век. Светото писмо било преведено и богослужението се одржувало на народен јазик. Но, како растела папската власт, Речта Божја сè повеќе била засенувана. Гргур VII, кој имал цел да ја урне горделивоста на кралевите, во иста мера настојувал да го подјарми и народот. За таа цел издал декрет со кој забранил вршење на служба во црквата на чешки јазик. Папата изјавил дека „на Семожниот му е угодно богослужението да се врши на еден непознат јазик, зашто непочитувањето на ова правило предизвикало многу зла и ереси“ (Wylie, b. 3, ch. 1). Така Рим одредил да се угасне светлината на Божјата реч и народот да остане во темнина. Но небото предвидело други средства да се сочува црквата. Многу валденжани и албинжани, протерани од Франција и Италија, дошле во Чешка. Иако не се осмелиле да проповедаат јавно, сепак, потајно ревносно работеле. И така вистинската вера се чувала од столетие во столетие.
Уште пред Хус, во Чешка се појавиле луѓе кои отворено ја осудувале расипаноста на црквата и пороците на народот. Нивните протести предизвикувале општо внимание. Римската хиерархија, плашејќи се за својата власт, почнала да ги прогонува учениците на евангелието. Ова ги присилило верните своите богослуженија да ги одржуваат во шумите и планините, но и таму биле прогонувани, а многу и убиени. Подоцна излегол декрет според кој сите што ќе ја напуштат римската религија ќе бидат спалени. Иако христијаните ги жртвувале своите животи, сепак, верувале во победа на своето дело. Еден од оние што учеле дека спасението може да се добие само со вера во распнатиот Спасител, пред смртта изјавил: „Гневот на непријателот на вистината сега има превласт над нас, но така нема да биде секогаш; ќе стане еден меѓу обичниот народ, без меч и власт, против кого тие ќе бидат немоќни“ (Wylie, b. 3, ch. 1). Времето на Лутера сè уште било далеку, но уште сега се јавил еден глас чиешто сведоштво против Рим ќе го потресе светот.
Јан Хус имал скромно потекло; со смртта на татко му рано останал сираче. Неговата побожна мајка воспитувањето во Господовиот страв го сметала за најскапоцено наследство и затоа настојувала тоа наследство да му го осигури на својот син. Хус најпрво учел во провинциско училиште, а потоа, како добар ученик, е примен на универзитетот во Прага. Мајка му го придружувала на патот; таа, како сиромашна вдовица, не можела на својот син да му даде никаков дар ниту пари, но кога дошле близу до големиот град, клекнала крај момчето без татко и го молела небесниот Отец да го излее врз него својот благослов. Оваа мајка и не наслутувала како нејзината молитва ќе биде примена!
На универзитетот Хус набргу се истакнал со својот неуморен труд и со своето брзо напредување, а неговиот беспрекорен живот и љубезност му прибавиле општа почит. Како предан син на Римската црква, ревно ги барал духовните благослови што му ги ветувала таа. При една јубиларна свеченост тој се исповедал, ги дал своите неколку последни парички и се придружил кон процесијата за да го добие ветеното проштавање. По завршените студии стапил во редовите на свештеничкиот сталеж каде што бргу стекнал висок углед. Набргу е повикан на кралскиот двор; именуван е за професор, а потоа за ректор на универзитетот на кој ги завршил своите студии. За неколку години сиромашниот ученик, кој студирал на трошок на универзитетот, станал гордост за својата земја, а неговото име станало славно во цела Европа.
Меѓутоа, на едно друго подрачје Хус почнал реформаторско дело. Неколку години по своето посветување за свештеничка служба бил именуван за проповедник на Витлеемската капела. Втемелувачот на оваа капела за мошне важна работа го сметал проповедањето на Светото писмо на народен јазик. Овој обичај во Чешка се одржал наспроти противењето на Рим. Сепак, непознавањето на Божјата реч било големо, а меѓу луѓето од сите сталежи владееле најлоши пороци. Хус храбро станал против тие зла, служејќи се со Божјата реч за да ги истакне начелата на чистотата и вистината и да ги влее во срцата на своите слушатели.
Еден граѓанин на Прага, Јероним, кој подоцна тесно се здружил со Хус, кога се вратил од Англија ги донел Виклифовите списи. Кралицата на Англија, која го прифатила Виклифовото учење, била чешка принцеза и со нејзино влијание списите на реформаторот се рашириле во нејзината татковина. Хус ги читал со големо интересирање; уверен дека нивниот автор бил искрен христијанин, со наклоност гледал на реформите што ги застапувал Виклиф. Така Хус, и не забележувајќи, веќе пошол по патот што ќе го одведе далеку од Рим. (продолжува)