(продолжува од претходниот ден) Никаде реформираната наука не се раширила толку како во Холандија. Но во мал број земји нејзините приврзаници поднесувале толкави прогонства. Во Германија Карло V ја забранил реформацијата и тој би се радувал кога би можел да ги види сите нејзини приврзаници на ломача, но кнезовите станале како ограда против неговата тиранија. Во Холандија неговата власт била поголема и бргу се нижеле едикти за прогонства. Да се чита Библијата, да се проповеда или да се слуша нејзината наука, или само да се зборува за неа, се сметало за злосторство што заслужува смрт. Да се молиш на Бога тајно, да не се клањаш пред слики, да пееш псалми, значело исто така да се изложуваш на смрт. Па и оние што биле готови да се откажат од сè, биле осудувани мажите на смрт со меч, а жените да бидат живи закопани. Илјадници се погубени за време на владеењето на Карло V и Филип II.
Еднаш цело едно семејство било доведено пред инквизиторот под обвинение дека не присуствувале на миса, туку дека дома одржувале свое богослужение. Запрашан како го одржуваат своето тајно богослужение, најмладиот син одговорил: „Ние на колена се молиме Бог да ги расветли нашите мисли и да ги прости нашите гревови; се молиме за нашиот владетел неговото владеење да биде успешно и неговиот живот среќен; се молиме Бог да ги сочува властите на нашиот град“ (Wylie, b. 18, ch. 6). Некои од судиите биле длабоко трогнати; сепак, таткото и еден од неговите синови биле осудени на смрт на ломача.
Верата на мачениците дораснала на гневот на прогонувачите. Не само мажите, туку и нежните жени и младите девојки покажувале непоколеблива храброст. „Жените стоеле крај ломачите на своите мажи, ги тешеле или им пееле псалми додека пламенот ги обвивал нивните тела. Млади девојки живи легнувале во своите гробови како да заминуваат на ноќ на починка; или оделе на губилиште и на ломача во своите најубави фустани како да одат на венчавање“ (Исто, b. 18, ch. 6).
Како и во времето кога незнабоштвото сакало да ја уништи црквата, крвта на мачениците била семе (види: Tertullian, Apology, paragraph 50). Прогонствата само го зголемиле бројот на верните. Со години царот го извршувал своето свирепо дело, гневен поради нескршливата решителност на народот, но сè било напразно. Најпосле револуцијата, на чело со благородниот Вилем Орански, на Холандија ѝ донела слобода на вероисповедта.
Во планините на Пиемонт, во низините на Франција и на бреговите на Холандија, напредокот на евангелието бил обележан со крвта на неговите ученици. Но во северните земји евангелието влегло мирно. Витенбершките студенти, враќајќи се од своите студии дома, го однеле евангелието во скандинавските земји. Распространувањето на Лутеровите списи исто така помогнало при ширењето на вистината. Едноставниот и силен народ на Северот ја напуштил расипаноста, раскошот и празноверието на Рим за да ја прифати чистотата, едноставноста и спасоносните вистини на Светото писмо.
Данскиот реформатор, Таузен, бил селски син. Како момче мошне рано ја покажал својата интелектуална надареност; се стремел кон повисоко образование, но бидејќи неговите сиромашни родители не можеле да му го овозможат тоа, тој стапил во манастир. Таму со својот чист живот, со својата трудољубивост и верност бргу ја задобил наклоноста на својот старешина. На испитот се открил неговиот талент што во иднина ѝ ветувал големи услуги на црквата. Старешините решиле да му овозможат школување на некој германски или холандски универзитет. Младичот можел сам да го избере местото на своето школување; единствен услов бил да не оди во Витенберг. Не треба, си велеле калуѓерите, ученикот кој се приготвува за служба на црквата, да се изложува на отровот на „кривоверството“.
Таузен отишол во Келн, кој во тоа време, како и денеска, бил една од тврдините на католицизмот. Но таму набргу му се згадил мистицизмот на неговите учители. Во исто време првпат во раце ги добил списите на Лутера. Ги читал со чудење и одушевено и безмерно сакал да слуша лични предавања на реформаторот. Но тоа можел да го стори само ако биде подготвен да се судри со старешината на манастирот и да се откаже од неговата помош. Најпосле се решил на тоа и набргу потоа се запишал на Витенбершкиот универзитет.
Кога се вратил во Данска, пак стапил во својот манастир. Уште никој не се сомневал во него дека е лутеран. Тој не ја открил веднаш својата тајна, но се трудел своите другари полека да ги доведе до почиста вера и до посвет живот. Им ја отворил Библијата, им ја разјаснил нејзината вистинска смисла и на крај им го проповедал Христа како единствено оправдание на грешникот и како единствена надеж во спасение. Тоа многу го разгневило старешината на манастирот кој во него, како во силен бранител на Рим, полагал највисоки надежи. Набргу бил преместен во друг манастир и чуван во ќелија под строг надзор. Неговите нови чувари биле вчудовидени кога повеќе калуѓери го прифатиле протестантизмот. Низ решетките на својата ќелија Таузен своите другари ги запознал со вистината. Кога данските отци би биле упатени во методите што ги применувала црквата против еретиците, гласот на Таузен никогаш веќе не би се слушнал; но наместо жив да го закопаат во некоја подземна темница, тие го истерале од манастирот. А бидејќи еден нов едикт на данскиот крал им овозможил заштита на проповедниците на новата наука, Таузен почнал да проповеда. Му биле отворени црквите и народот доаѓал да го слуша. И други ја проповедале Божјата реч. Новиот завет, преведен на дански, бил многу раширен. Напорите на папистите да го спречат делото, само го забрзале и Данска ја примила реформираната вера. (продолжува)