Големо верско будење (седми дел)

(продолжува од претходниот ден) Објавувањето на утврденото време на Христовото доаѓање предизвика голем отпор кај мнозина од сите сталежи, почнувајќи од проповедниците на проповедалните, па сè до најокоравениот грешник. Се исполнија зборовите на пророштвото: „Знајте го пред сè ова: во последните дни ќе се јават подбивачи кои со своето подбивање ќе одат по сопствените похоти и ќе велат: ‘Каде е ветувањето за неговото доаѓање? Зашто, откако починаа татковците сè стои така како што е од почетокот на светот’“ (2. Петрово 3,3.4). Мнозина кои тврдеа дека го љубат Спасителот изјавија дека немаат никаков приговор против науката за неговото второ доаѓање, туку дека се само против одреденото време. Но Божјето око, кое гледа сè, читаше што се наоѓа во нивните срца. Тие не сакаа да слушнат ништо за тоа дека Христос ќе дојде да му суди на светот според правдата. Тие беа неверни слуги. Нивните дела не би можеле да го поднесат Божјиот поглед што ги испитува срцата и затоа се плашеа да се сретнат со својот Господ. Како и Евреите во времето на првото Христо во доаѓање, ниту тие не беа подготвени да го поздрават Христа. Не само што одбиваа да ги слушнат јасните докази од Писмото, туку им се подбиваа на оние што го чекаа Господа. Сатаната и неговите ангели триумфирале од радост и им се подбивале на Христа и на светите ангели затоа што народот, кој тврдел дека е негов, има толку малку љубов кон него и не го сака неговото доаѓање.

„А за тој ден и час никој не знае“, гласеше најчесто истакнуваниот доказ на противниците кои ја отфрлија верата во второто доаѓање. Ова место гласи: „А за тој ден и час никој не знае, ни небесните ангели, ни Синот, туку само Отецот“ (Матеј 24,36). Оние што го чекаа својот Господ дадоа разбирливо и точно толкување на ова место во Библијата така што веднаш беше очигледно како противниците го искривоколчуваа тој стих. Овие зборови Христос ги изговорил во оној важен разговор со своите ученици на Маслинската гора кога за последен пат излегол од храмот. Учениците го прашале: „Кој е знакот на твоето доаѓање и на крајот на светот?“ Исус им навел некои знаци и рекол: „Така и вие, кога ќе го видите сето тоа, знајте дека е близу, пред врата е“ (Матеј 24,3.33). Една изјава на Спасителот не смее да биде прикажана така за да побива друга. Иако никој не го знае денот ниту часот на неговото доаѓање, сепак, од нас се бара да знаеме кога доаѓањето е близу. Потоа Исус кажува дека намерно да се пренебрегнува времето во врска со неговото скорашно доаѓање е исто толку кобно колку и незнаењето на претпотопниот свет за доаѓањето на потопот. Христовата споредба за верниот и неверниот слуга во истата глава кажува како ќе постапи Исус со нив. Христос ќе му суди на оној кој рекол во своето срце: „Мојот господар ќе се забави долго“, а ќе ги награди оние што стражарат и што го објавуваат неговото доаѓање. „Блазе на тој слуга, кого неговиот господар, кога ќе дојде, ќе го најде да постапува така“ (Матеј 24,42­51). „Ако не бидеш буден, ќе дојдам како крадец и нема да знаеш во кој час ќе ти дојдам“ (Откровение 3,3).

Павле зборува за оние луѓе за кои доаѓањето Господово ќе биде неочекувано. „Бидејќи самите вие добро знаете дека денот Господен ќе дојде како крадец ноќе. Кога ќе велат: ‘мир и безбедност’, тогаш ненадејно ќе падне погибел… и не ќе можат да избегаат.“ За оние што ја ценеле Господовата опомена, додава: „Но вие, браќа, не сте во темнина, та денот да ве затече како крадец, зашто вие сите сте синови на светлината и синови на денот и не ѝ припаѓаме на ноќта ниту на темнината“ (1. Солуњаните 5,2­5).

Од ова јасно се гледа дека Библијата не оправдува човекот да остане во незнаење во врска со близината на Христовото доаѓање. Но дрските подбивачи и божемните проповедници на Исуса Христа бараа изговор и ги затвораа ушите пред оваа вистина, продолжувајќи да повторуваат: „А за тој ден и час никој не знае.“ Кога народот се разбуди и почна да го бара патот на спасението, верските учители застанаа меѓу него и вистината, обидувајќи се неговото стравување да го стивнат со лажни толкувања на Божјата реч. Неверните стражари му се придружија на делото на големиот измамник и викаа: „Мир, мир“, кога Бог не велеше: „Мир!“ Како и фарисеите во деновите на Христа, мнозина одбиваа да влезат во небесното царство и ги спречуваа оние што сакаа да влезат. Крвта на овие души ќе се бара од нивни раце. (продолжува)

Големата борба е завршена (шести дел)
Големата борба е завршена (петти дел)
Големата борба е завршена (четврти дел)
Големата борба е завршена (трет дел)
Големата борба е завршена (втор дел)
Големата борба е завршена (прв дел)
Пустошење на земјата (четврти дел)
Пустошење на земјата (трет дел)
Пустошење на земјата (втор дел)
Пустошење на земјата (прв дел)

Pin It on Pinterest