(продолжува од претходниот ден) Најпонизните и најпобожните членови на црквата обично беа први што ја примија веста. Оние што сами ја проучуваа Библијата, неминовно мораа да увидат колку спротивно на Писмото беше вообичаеното мислење за пророштвата. Секаде каде што народот не беше заведен со влијанието на свештенството и каде што сам ја истражуваше Божјата реч, беше доволно само да се спореди науката за второто Христово доаѓање со Светото писмо и да се види нејзиното божествено потекло.
Мнозина беа протерани од своите неверни браќа. Некои решија да не ја признаат јавно својата надеж за да ја задржат својата положба во црквата; меѓутоа, други чувствуваа дека верноста кон Бога не им дозволува да ја скријат вистината што им ја доверил Бог. Мнозина беа исклучени од црквата само затоа што јавно ја изразија својата вера во доаѓањето на Спасителот. За оние чијашто вера беше ставена на проверка, беа драгоцени зборовите на пророкот: „Вашите браќа, кои ве мразат и кои ве гонат заради моето име, велат: ‘Нека се јави Господ во својата слава, па да ја видиме вашата радост.’ Но тие ќе бидат засрамени“ (Исаија 66,5).
Божјите ангели со најголем интерес го следеа успехот на опомената. Кога црквите ја отфрлија веста, ангелите со тага ги напуштија. Но имаше уште многу такви чијашто вера во Христовото доаѓање не беше проверена. Мнозина, заведени од сопругата или сопругот, од родителите или од децата, веруваа дека е грев да се слуша таква „еретичка“ наука што ја шират оние кои го чекаат Христовото доаѓање. На ангелите им беше наредено грижливо да внимаваат на тие души зашто нивната патека требаше да ја осветли нова светлина од Божјиот престол.
Со неискажлив копнеж чекаа сите што ја примија веста за доаѓањето на својот Спасител. Тоа време што го очекуваа да му појдат во пресрет беше пред врата. Мирно и свечено се приближуваа кон тој час. Живееја во слатка заедница со Бога залогот на мирот што ќе им биде даден во идната слава. Никој, кој лично ја искуси оваа надеж, не може да ги заборави тие прекрасни мигови на очекување. Неколку седмици пред очекуваното време, повеќето ги прекинаа своите земни работи. Искрени, верните грижливо испитуваа секоја мисла и секоја желба на своето срце како да се наоѓаа на претсмртна постела и како за неколку часа да ќе мора да ги затворат очите за сè што е на земјата. Не се шиеја „облеки за вознесение“, но сите чувствуваа потреба од внатрешно осведочување дека се подготвени да го сретнат Спасителот; нивна бела облека беше чистотата на душата, карактерот исчистен во Христовата крв на помирување. О кога Божјиот народ сега би имал ист дух што го испитува своето срце, иста сериозна и решителна вера! Кога би продолжил на овој начин да оди понизно пред Господа и да упатува свои молби кон престолот на милоста, сега би имал многу подрагоцени искуства отколку што ги има. Малку има молитви, малку има искрено осведочување за личната грешност, а недостигот од жива вера мнозина ги лишува од изобилната милост што нашиот Откупител е готов да им ја даде.
Бог сакаше да го испита својот народ. Неговата рака покри една грешка во сфаќањето на пророштвото. Чекателите на Христовото доаѓање не ја открија грешката, ниту ја открија нивните учени противници. Овие велеа: „Вашето сметање на пророчкото време е исправно. Во најскоро време ќе се одигра некој голем настан, но тоа не е она што го најавува Милер; тоа е преобраќање на цел свет, а не и второто Христово доаѓање.
Времето на очекување помина, а Христос не дојде да го ослободи својот народ. Оние што го очекуваа својот Спасител со искрена вера и со срдечна љубов, доживеаја горко разочарување. Но Божјата намера беше постигната. Тој ги испита срцата на оние што тврдеа дека го чекаат неговото доаѓање. Меѓу нив имаше многу такви кои не беа поттикнати од никакви повозвишени побуди, туку само од страв. Нивната вера не влијаеше ниту врз нивните срца ниту врз нивниот живот. Кога не се исполни очекуваниот настан, овие луѓе тврдеа дека не се разочарани; тие всушност никогаш и не верувале дека Христос ќе дојде. Тие беа меѓу првите што ја исмеваа болката на искрените верни.
Но Исус и сите небесни војски со љубов и сочувство ги гледаа проверените и разочарани верни. Кога би се подигнал невидливиот превез што го дели видливиот од невидливиот свет, тогаш би можеле да се видат ангелите како им се приближуваа на овие непоколебливи души и како ги штитеа од стрелите на сатаната.