Големо верско будење (втор дел)

(продолува од претходниот ден) Кога имал само седум години, му се фалел на својот стар сосед, христијанин, со идната слава на Израел кога ќе дојде Месија, при што старецот љубезно му рекол: „Драго момче, ќе ти кажам кој е вистински Месија: тоа е Исус од Назарет… кого твоите предци го распнале на крст, како во старо време што ги убивале пророците. Оди дома и прочитај ја 53. глава од книгата на пророк Исаија и ќе се увериш дака Исус Христос е Божји Син“ (Исто, вол. 1, p. 7). Момчето веднаш било уверено дека е тоа вистина. Отишло дома и ја прочитало таа глава, чудејќи се како тие стихови целосно се исполниле на Исуса од Назарет. Дали зборовите на овој христијанин се вистинити? Момчето го замолило татка си да му го протолкува ова пророштво, но овој му одвратил со толку мрачно молчење, што тоа никогаш веќе не се осмелило да го спомне овој предмет. Меѓутоа, ова само ја зголемило неговата желба што повеќе да дознае за христијанската вера.

Знаењето што го барал Јосиф во својот еврејски семеен круг било грижливо криено од него; но кога имал одвај единаесет години, го напуштил татковиот дом и се упатил во светот да стекне образование и да избере вера и занимање. За извесно време нашол засолниште кај своите роднини, но набргу тие го отерале како отпадник и така, сам и без средства, морал да си расчистува себеси пат меѓу туѓинци. Патувал од место во место, а во исто време и трудољубиво учел и сам се издржувал давајќи часови по еврејски јазик. Под влијание на еден католички учител ја примил римската вера и решил да биде мисионер меѓу својот сопствен народ. За таа цел по неколку години пошол на школата за пропаганда во Рим, таму да ги продолжи студиите. Поради своите навики да мисли независно и да зборува отворено, овде го прогласиле за еретик. Отворено ја напаѓал злоупотребата на црквата и барал реформа. Иако од почеток папските достоинственици му биле наклонети, сепак, по извесно време морал да си замине од Рим. Под контрола на црквата одел од место до место додека не се увериле дека никогаш не ќе можат да го подложат под јаремот на Рим. Најпосле е прогласен за непоправлив и отпуштен да си оди каде што сака. Се упатил во Англија каде што ја примил протестантската вера и стапил во Англиканската црква. По двегодишно студирање, во 1821 година ја почнал својата мисија.

Откако Волф ја прифатил големата вистина за првото доаѓање на Христа кој „беше презрен и отфрлен меѓу луѓето, болен и свикнат на страдањата“, сфатил дека пророштвата со иста јасност го опишуваат и неговото второ доаѓање во сила и слава. И додека својот народ го упатувал на Исуса од Назарет како ветен Месија и на неговото прво доаѓање во понижување како жртва за гревот на луѓето, истовремено им укажувал на неговото второ доаѓање.

Велел: „Вистинскиот Месија, Исус од Назарет, чиишто раце и нозе биле прободени, кој е воден како јагне на колење, кој бил познат како човек на болката и страдањата, кој дошол првпат кога скиптарот и владеачката палка се одземени од Јуда – ќе дојде по вторпат на небесните облаци со труба на архангел“ (Joseph Wolff, Researches and Missionary Labors, page 62), „и неговите нозе во тој ден ќе застанат на Маслинската гора“. А онаа власт над созданијата, што му била дадена некогаш на Адама и што тој ја загубил (1 Мојсеева 1,26; 3,17), ќе му биде дадена на Исуса. Тој ќе биде цар над сета земја. Ќе престанат тажанките и воздишките на сите созданија, а ќе се слушне песна на слава и похвала… „Зашто ќе дојде Синот човечки во славата на својот Отец со своите ангели“, … „и прво ќе воскреснат мртвите во Христа“ (Матеј 16,27; 1 Солуњаните 4,16; 1 Коринтјаните 15,23). Тоа е она што ние христијаните го викаме прво воскресение. Тогаш и животинското царство ќе ја измени својата природа (Исаија 11,6-9) и ќе му биде подложно на Исуса (Псалм 8). Ќе владее сеопшт мир” (Journal of the Rev. Joseph Wolff, pages 378, 379). „И Господ пак ќе погледне на земјата и ќе каже: „Ете, сè е мошне добро!“ (Исто, page 294).

Волф верувал дека Господовото доаѓање е близу. Неговото толкување на пророчките времиња се разликуваше само за неколку години од времето кога Милер го очекуваше големото исполнување. Врз основа на зборовите: „А за тој ден и час никој не знае“, некои се обидувале да докажат дека во врска со близината на Христовото доаѓање луѓето не можат ништо да знаат; ним Волф им одговорил: „Зар нашиот Господ рекол дека денот и часот нема никогаш да бидат познати? Зар не ни дал знаци на времето за да можеме да го знаеме барем приближувањето на неговото доаѓање, како што може да се знае дека е близу летото според смоквата која разлистува? (Матеј 24,32). Зар никогаш да не дознаеме за ова време кога самиот Тој нè опоменува не само да го читаме пророкот Даниел, туку и да го разбереме? А токму во Даниел стои дека тие зборови ќе бидат запечатени сè до последното време, дека „мнозина ќе истражуваат“ и дека „знаењето ќе се умножи“ (во врска со тоа време) (Даниел 12,4). Впрочем, со ова Спасителот не сакал да каже дека приближувањето на времето нема да биде познато, туку дека одредениот ‘ден’ и ‘час’ не го знае никој. Тој кажува дека навистина ќе се знае според знаците на времето за да нè поттикне да се приготвиме за неговото доаѓање, како Ное што го приготвил ковчегот“ (J. Wolff, Researches and Missionary Labors, pages 404, 405). (продолжува)

Големата борба е завршена (шести дел)
Големата борба е завршена (петти дел)
Големата борба е завршена (четврти дел)
Големата борба е завршена (трет дел)
Големата борба е завршена (втор дел)
Големата борба е завршена (прв дел)
Пустошење на земјата (четврти дел)
Пустошење на земјата (трет дел)
Пустошење на земјата (втор дел)
Пустошење на земјата (прв дел)

Pin It on Pinterest