Големо верско будење (трет дел)

(продолува од претходниот ден) За вообичаеното толкување и извртување на Светото писмо, Волф пишувал: „Поголемиот дел на христијанската црква се оддалечил од јасната смисла на Светото писмо и се свртил кон мамките на будистичката наука која учи дека идната среќа на човечкиот род се состои од постојано реење и движење горе-долу во воздухот. Кога го читаат зборот Евреи, тие мислат дека под тоа треба да се подразберат незнабошците; а кога читаат Ерусалим, тоа значи црквата; кога пишува земја, тоа значи небото; дека Господовото доаѓање всушност го претставува напредокот на мисионерските друштва; а да се оди на гората Господова, во домот на Јакововиот Бог, значи да се оди на некој голем собор на методистите“ (Journal of the Rev. Joseph Wolff, page 96).

Во текот на дваесет и четири години, од 1821 до 1845 година, Волф патувал по светот. Во Африка ги посетил Египет и Етиопија; во Азија ги пропатувал Палестина, Сирија, Персија, Бухар и Индија. Ги посетил и Соединетите Држави, откако претходно на патот за Америка проповедал на островот Св. Елена. Во август 1837 година стигнал во Њујорк; откако зборувал во овој град, проповедал во Филаделфија и Балтимор, а потоа отишол во Вашингтон. „Овде“, кажува тој, „на предлог на бившиот претседател, Џон Квинси Адамс, едногласно ми е ставена на располагање конгресната сала за едно предавање што го одржав една сабота, почестен со посетата на сите членови на Конгресот, епископот од Вирџинија, како и свештенството и граѓаните на Вашингтон. Иста чест ми укажаа и членовите на владата на Њу Џерси и во Пенсилванија, во чиешто присуство држев предавања за моите истражувања во Азија, но и за владеењето на Исуса Христа“ (Исто, page 398, 399).

Д-р Волф патувал по најнецивилизирани земји без заштита на која и да е европска влада и таму претрпел многу неволји и бил опкружен со безброј опасности. Го тепале по табаните, поднесувал глад, бил продаван како роб и три пати осудуван на смрт. Бил напаѓан од разбојници и повеќе пати речиси умрел од жед. Еднаш го ограбиле до гола кожа и морал пеш да патува стотици километри низ планини по меќава со боси нозе измрзнати и нечувствителни.

Кога му советувале да не оди без оружје меѓу диви и непријателски племиња, одговорил дека е вооружен со добро оружје – „со молитва, со ревност за Христа и со сигурност во неговата моќ.“ „Јас сум“, рекол, „вооружен во срцето со љубов кон Бога и кон ближниот, а во рака имам Библија“ (W.H.D. Adams, In Perils Oft, page 192).

Со себе секогаш носел Библија на еврејски и на англиски јазик. За еден свој подоцнежен пат рекол: „Во раката држев отворена Библија… Чувствував дека мојата сила се крие во таа книга и дека нејзината сила ќе ме сочува“ (Исто, page 201).

На тој начин издржал во својата работа сè додека веста за судот не била објавена во голем дел на земјината топка. Меѓу Евреите, Турците, Персијците, Индусите и меѓу многу други народи и племиња, ја ширел Божјата реч на разни јазици и насекаде го објавувал царството на Месија кој доаѓа.

На своите патувања во Бухара наишол на наука за Господовото доаѓање среде еден оддалечен и осамен народ. Тој кажува: „Арапите во Јемен имаат книга која се вика Сера, која содржи вест за Христовото доаѓање и за неговото царство во слава и тие очекуваат во 1840 година да се случи голем настан“ (Journal of the Rev. Joseph Wolff, page 377). „Во Јемен… поминав шест дена со синовите Рихавови. Тие не пијат вино, не садат лозја, не сеат жито, живеат во шатори и си спомнуваат за зборовите на Јонадава, синот на Рихава (Еремија 35,6.7). Кај нив се наоѓаат и деца Израелови од племето Даново… кои, заедно со синовите Рихавови, го очекуваат доаѓањето на Месија на небесните облаци“ (Исто, page 389).

Слична вера нашол и еден друг мисионер во земјата на Татарите. Еден татарски свештеник прашал еден мисионер кога Христос ќе дојде по вторпат. Кога мисионерот одговорил дека за тоа не знае ништо, свештеникот многу се зачудил како не го знае тоа човекот кој тврди дека е учител на Библијата и рекол дека, според негово лично верување, засновано на пророштвото, Христос ќе дојде околу 1844 година.

Веста за второто Христово доаѓање во Англија почнала да се проповеда уште во 1826 година. Овде движењето не добило толку одреден облик како во Америка. Точното време на Христовото доаѓање не било толку општо проповедано, но објавувана е големата вистина за Христовото доаѓање во сила и слава и тоа не само меѓу дисидентите и нонконформистите. Еден англиски книжевник, Моран Брок, тврди дека околу седумстотини проповедници на Англиканската црква го објавувале ова „евангелие за царството“. Веста што упатувала на 1844 година како време на Христовото доаѓање е објавувана во Велика Британија. Милеритските публикации, печатени во Соединетите Држави, се ширеле на сите страни. Во Англија се препечатувани книги и списанија, а во 1842 година Роберт Винтер, по потекло Англичанец, кој ја прифатил адвентната надеж во Америка, се вратил во својата татковина да го објави Господовото доаѓање. Во ова дело се здружиле мнозина со него и веста за судот се објавувала во разни делови на Англија. (продолжува)

Големата борба е завршена (шести дел)
Големата борба е завршена (петти дел)
Големата борба е завршена (четврти дел)
Големата борба е завршена (трет дел)
Големата борба е завршена (втор дел)
Големата борба е завршена (прв дел)
Пустошење на земјата (четврти дел)
Пустошење на земјата (трет дел)
Пустошење на земјата (втор дел)
Пустошење на земјата (прв дел)

Pin It on Pinterest