(продолува од претходниот ден) Во Јужна Америка Лакунца, шпански језуит, среде незнаењето и измамите на свештениците, нашол пат до Светото писмо и така ја запознал вистината за скорашното Христово доаѓање. Поттикнат да ја соопшти вистината, а сакајќи да ги избегне црковните казни на Рим, своите погледи ги објавувал под името „Раби Бен-Езра“, претставувајќи се како преобратен Евреин. Лакунца живеел во осумнаесеттиот век, но дури околу 1825 година неговата книга, откако пристигнала во Лондон, е преведена на англиски јазик. Нејзиното издавање послужило во Англија да се зголеми веќе разбуденото интересирање за Господовото доаѓање.
Оваа наука во Германија во осумнаесеттиот век ја проповедал Бенгел, епископ на лутеранската црква и прочуен библиски научник и критичар. По своето школување, Бенгел се посветил на студии по теологија кон која го привлекувал неговиот по природа побожен дух и неговиот образован, дисциплиниран и изострен ум уште од младоста. Како и други сериозни млади луѓе пред и по него, и тој морал да се бори со сомневања и со тешкотии од религиозна природа. Во своите списи со многу чувства спомнува „многу стрели што го прободувале неговото срце и неговата младост ја сториле тешко поднослива“. Кога станал член на конзисториумот во Виртемберг, се борел за верска слобода. „Додека ги истакнувал правата и предимствата на црквата, бил и бранител на секоја разумна слобода која би им била гарантирана на оние кои би се чувствувале повикани од својата совест да истапат од нејзината заедница“ (Encyclopaedia Britannica, 9th ed., art. “Bengel”).
Добрите последици на оваа постапка и денеска се чувствуваат во неговата татковина.
Еднаш, кога приготвувал проповед за адвентната седмица од Откровение 21. глава, одеднаш му светнала мисла за второто Христово доаѓање. Пророштвата од Откровението му станале појасни од кога и да е порано. Сознанието за големата важност и за неизмерната слава на сцените што ги опишале пророците толку го возбудило, што бил принуден извесно време да прекине со проучувањето на овој предмет. Но на проповедалната пак му се појавила истата слика со сета нејзина сила и јасност. Од тоа време се посветил на проучување на пророштвата, особено на оние во Откровението, и набргу се уверил дека тие упатуваат на Христовото доаѓање кое не е далеку. Датумот што го утврдил тој како време на второто Христово доаѓање се разликувал само за неколку години од оној што подоцна го прифатил Милер.
Бенгеловите списи се рашириле низ целиот христијански свет. Во неговата држава Виртемберг, а донекаде и во другите делови на Германија, веќе прилично биле прифатени неговите погледи на пророштвата. По неговата смрт, движењето и понатаму се ширело и веста за второто доаѓање во Германија се слушнала во исто време кога и во другите земји таа обрнала внимание на себе. Уште порано некои верни отишле во Русија и таму основале колонии, и верата во скорашното Христово доаѓање сè уште се чува во германските цркви на оваа земја.
Во Франција и во Швајцарија исто така засветила светлината. Во Женева, каде што Фарел и Калвин ги рашириле вистините на реформацијата, Госен ја проповедал веста за второто Христово доаѓање. Додека уште студирал на универзитетот, врз Госена влијаел духот на рационализмот кој во втората половина на осумнаесеттиот и во почетокот на деветнаесеттиот век владеел во цела Европа, и кога стапил во проповедничка служба, бил не само неупатен во вистинската вера, туку и наклонет кон сомневање. Во својата младост радо ги студирал пророштвата. Читајќи ја Роленовата „Историја на стариот век“, неговото внимание било свртено кон втората глава на Даниел. Бил изненаден од чудната точност со која се исполниле пророштвата, како што се гледа тоа од приказот на овој историчар. Тука се наоѓало сведоштво за божественото вдахновение на Светото писмо, кое во различни опасности на подоцнежните години му служело како котва. Не можел повеќе да се задоволи со науката на рационализмот и, проучувајќи ја Библијата и барајќи појасно видело, по извесно време стекнал цврста вера.
Кога продолжил да ги проучува пророштвата, се уверил дека Господовото доаѓање е близу. Под влијание на свеченоста и важноста на оваа голема вистина, истата сакал да ја изнесе пред народот. Но верувањето раширено кај народот дека пророштвата на Даниел се тајна и дека не можат да се разберат, било голема пречка да ги оствари своите намери. Најпосле решил – како што сторил пред него Фарел кога на Женева ѝ го донел евангелието – да почне со децата, преку кои се надевал дека ќе ги привлече и родителите.
Зборувајќи подоцна за својата намера во овој потфат, тој рекол: „Би сакал тоа да го разбереме, не затоа што овие поуки имаат малечко значење туку, напротив, затоа што се мошне важни, дека имав желба да ги приготвам на ваков лесно разбирлив начин и со нивна помош да им се обратам на децата. Сакав да ме слушаат, а се плашев дека нема да ме слушаат ако им се обратам прво на возрасните.“ „Затоа решив да им се приближам на најмалечките. Ги собрав како слушатели само децата. Ако нивниот број се зголемува, ако се види дека слушаат, дека им се допаѓа, дека ги привлекува, дека го разбираат предметот и можат да го објаснат, тогаш ќе бидам сигурен дека набрго ќе имам и друг круг слушатели, зашто возрасните ќе увидат дека се исплатува да се седне и да се проучува вистината. Ако го постигнам тоа, битката ќе биде добиена“ (L. Gaussen, Daniel the Prophet, vol. 2, Preface). (продолжува)