Големата борба е завршена (втор дел)

(продолжува од претходниот ден) Конечно се издава заповед „Напред!“, и безбројното мноштво поаѓа војска каква што земните освојувачи никогаш не собрале, со која не можат да се споредат ниту сите обединети сили на сите времиња откако почнала војна на земјата. Најсилниот борец, сатаната, предводи, а неговите ангели ги здружуваат своите сили за оваа последна битка. Царевите и борците го опкружуваат сатаната, а мноштвото ги следи во организирани формации, секоја под свој водач. Со војничка точност се упатуваат збиените редови преку испуканата и нерамна земна површина кон Божјиот град. На Исусова заповед се затвораат сите капии на новиот Ерусалим, а војската на сатаната го опколува градот и се приготвува за напад.

Сега Христос повторно им се покажува на своите непријатели. Високо над градот, на темели од блескотно злато, стои престол, величствен и возвишен. На овој престол седи Бож јиот Син, а околу него се приврзаниците на неговото царство. Христовата сила и величество не може да ги опише ниту еден јазик, ниту едно перо. Славата на вечниот Отец го опкружува неговиот Син. Сјајот на неговото присуство го исполнува Божјиот град и ја осветлува сета земја со своите блескотни зраци.

Најблизу до престолот се оние кои некогаш биле ревносни за делото на сатаната и кои, како глама истргната од оган, во длабока и огнена преданост го следеле својот Спасител. Тука се и оние кои, среде измамите и неверството изградиле совршен христијански карактер, кои го почитувале Божјиот закон кога христијанскиот свет го прогласил за неважен, и милиони од сите времиња кои заради својата вера претрпеле маченичка смрт. Зад нив се наоѓа „големо мноштво кое никој не може да го изброи, од сите родови, племиња, народи и јазици како стојат пред престолот и пред Јагнето, облечени во бели облеки, со палмини гранчиња во своите раце“ (Откровение 7,9). Нивната борба е завршена, нивната победа е сигурна. Тие ја завршиле својата трка и ја примиле наградата. Палмовите гранчиња во нивните раце го означуваат симболот на нивната победа, а белата облека, знакот на совршената Христова праведност, сега станала нивна.

Откупените ги здружуваат своите гласови во похвална песна што се разнесува низ небесните пространства: „Спасение од нашиот Бог кој седи на престолот, и од Јагнето“ (Откровение 7,10). Ангелите и серафимите ги соединуваат своите гласови при славењето. Бидејќи откупените се осведочиле во моќта и злобата на сатаната, свесни се, како никогаш порано, дека ниту една сила, освен Христовата, не би можела да ги стори победници. Среде целото ова славно мноштво спасени нема ниту еден кој спасението си го припишува себеси, како да победил со своја сопствена сила и добрина. Тие не спомнуваат ништо од она што сами сториле или претрпеле; главна мисла на секоја песна и содржина на секоја химна е: „Спасение од нашиот Бог кој седи на престолот, и од Јагнето!“

Во присуство на небесните жители и на целокупното мноштво откупени од земјата, е извршено конечно крунисување на Божјиот Син. И сега, облечен во возвишено величество и сила, Царот над царевите изрекува пресуда над побунетите против неговото владеење, ја објавува правдата над оние што го престапувале неговиот Закон и го угнетувале неговиот народ. Божјиот пророк кажува: „И видов голем бел престол и Оној што седеше на него, од чиешто лице побегнаа земјата и небото, и не се најде место за нив. Ги видов мртвите, големи и мали, како стојат пред престолот, и се отворија книгите; и друга книга се отвори ­ Книгата на животот ­ а на мртвите им беше судено според она што е запишано во книгите, според нивните дела“ (Откровение 20,11.12).

Штом ќе се отворат книгите со извештаите и Исусовото око ќе ги погледне грешниците, тие ќе станат свесни за секој свој грев што го направиле во својот живот. Тие сега јасно гледаат каде ги одвело скршнувањето од патеката на чистотата и светоста, и колку далеку ги одвела горделивоста и бунтот во престапувањето на Божјиот закон. Заводничките искушенија, пред кои попуштиле и паднале во грев, злоупотребените благослови, презирањето на Божјите весници, отфрлените опомени и брановите на милосрдие одбиени од страна на тврдоглавите и непокајани срца сето тоа сега се појавува пред нивните очи како да е напишано со огнени букви.

Над престолот се појавува крст и како во панорама се прикажуваат настаните поврзани со искушението на Адама и со ред сè што се случувало во големиот план на спасението. Скромното раѓање на Спасителот, неговата едноставност и послушност во младоста, крштавањето на Јордан, постот и искушението во пустината; неговата јавна служба што им ги открива на луѓето скапоцените небесни благослови, деновите исполнети со дела на љубов и милост, и ноќите на молитва и бдеење во самотија на горите; заговорите против него сковани од завист, од омраза и пакост како награда за неговите добро чинства; страшната недосеглива душевна борба во Гетсиманија, кога се кршел под товарот на гревот на цел свет; подлото предавство и предавањето во рацете на крвожедниот џган; страшните настани во текот на таа ноќ на ужас кога беспомошниот Затвореник, кого го напуштиле и неговите сакани ученици, грубо го влечеле низ ерусалимските улици; кога Божјиот Син, ликувајќи го изведувале пред Ана, го воделе во палатата на поглаварот свештенички, во судницата на Пилата и пред кукавичкиот и свиреп Ирод; кога го исмевале, го навредувале, го мачеле и осудиле на смрт сето тоа живо е прикажано како на платно. (продолжува)

Големата борба е завршена (шести дел)
Големата борба е завршена (петти дел)
Големата борба е завршена (четврти дел)
Големата борба е завршена (трет дел)
Големата борба е завршена (втор дел)
Големата борба е завршена (прв дел)
Пустошење на земјата (четврти дел)
Пустошење на земјата (трет дел)
Пустошење на земјата (втор дел)
Пустошење на земјата (прв дел)

Pin It on Pinterest