(продолжува од претходниот ден) А потоа, пред мноштвото што се тресе, се прикажуваат последните сцени: Маченикот, потклекнувајќи, трпеливо чекори по патеката кон Голгота; небесниот Кнез виси на крст; горделивите свештеници и злорадиот џган ја исмеваат неговата претсмртна борба; натприродната темни на; земјотресот, одронетите карпи и отворените гробови, го означуваат мигот кога Откупителот на светот издивнал.
Страшните сцени се појавуваат токму онака како што се одиграле. Сатаната, неговите ангели и неговите приврзаници немаат сила да се одвратат и да не ја посматраат сликата на сопственото дело. Секој од присутните си спомнува за она што го сторил. Ирод, кој наредил да се убијат невините витлеемски деца за да го убие израелскиот Цар; подлата Иродијада, чијашто грешна душа е обременета со крвта на Јована Крстителот; малодушниот Пилат, беден роб на околностите; војниците што се подбиваат; свештениците, старешините и подивениот џган што вика: „Крвта негова нека падне врз нас и врз нашите деца!“ сите сега ја гледаат стравотијата на својата кривица. Попусто настојуваат да се скријат пред божественото величество на неговото лице што свети како сонце, додека откупените ги ставаат своите круни пред нозете на Спасителот и извикнуваат: „Тој умре за мене!“
Меѓу откупените се наоѓаат и Христовите апостоли: храбриот Павле, ревносниот Петар, омилениот и љубезен Јован и нивните верни браќа, и со нив голем број маченици, додека надвор од ѕидовите се наоѓаат оние што ги прогонувале, ги ставале во затвори и ги убивале. Тука е Нерон, чудовиште на свирепоста и злосторството, кој сега ја посматра радоста и возвишеноста на оние кои некогаш ги мачел и во чиишто најтешки маки наоѓал сатанско задоволство. Тука е неговата мајка да се осведочи во последиците на својот сопствен грев; да го види лошиот отпечаток на карактерот што го пренела врз својот син и плодот на страстите што ги поттикнувала и ги развивала во него со своето влијание и пример злосторствата од кои светот се грозел.
Тука се папските свештеници и црковните великодостојници кои тврделе дека се Христови пратеници, а употребувале справи за мачење, затвори и ломачи за да владеат со совеста на Божјиот народ. Тука се горделивите папи кои се издигнувале над Бога и се осмелувале да го изменат Законот на Севишниот. Овие самоповикани црковни отци мора да дадат сметка пред Бога, сметка што радо би ја одбегнале. Многу доцна тие увидуваат дека Семожниот ревнува за својот Закон и дека никогаш никого нема да го ослободи од кривицата. Сега увидуваат дека Христос своите интереси ги изедначува со интересите на својот изнамачен народ. Ја чувствуваат силата на неговите зборови: „Сè што му сторивте на еден од овие мои најмалечки браќа, мене сте ми го сториле“ (Матеј 25,40).
Сите грешници на светот стојат пред Божјиот суд обвинети за највисоко предавство против небесното владеење. Нема никого да ги брани; тие немаат оправдание и над нив е изречена пресуда вечна смрт.
Сега на сите им е јасно дека плата за гревот не е саканата независност и вечен живот, туку робување, пропаст и смрт. Грешниците увидуваат што загубиле со својот бунтовен живот. Тие ја презреле ненадминатата и вечна вредност на славата кога им е понудена; а колку многу сега би ја сакале! „Сето ова“, извикнува грешникот, „можев да го имам, но го отфрлив. О каква несфатлива заслепеност! Ги дадов мирот, среќата и славата во замена за несреќа, за срам и очај.“ Сите увидуваат дека нивното исклучување од небото е праведно. Со својот живот тие како да кажувале: „Не сакаме со нас да владее овој Исус!“
Силно возбудени, грешниците го посматраат крунисувањето на Божјиот Син. Тие во неговите раце ги гледаат плочите на божествениот Закон, заповедите што ги презирале и престапувале. Ги гледаат изливите на радост и восхит, и фалбоспевите на спасените. Додека звуците на мелодиите допираат до огромното мноштво што е надвор од градот, сите едногласно извикуваат: „Големи се и прекрасни делата твои, семоќен Господе Боже! Праведни и вистинити се патиштата твои, Цару на народите“ (Откровение 15,3) и, паѓајќи ничкум, му се поклонуваат на Кнезот на животот. Сатаната се чини дека занемел додека ја посматра Христовата слава и величество. Тој, кој некогаш бил ангел засолнувач, си спомнува од каде паднал. Сјајниот херувим, „синот на зората“, колку се изменил, колку се расипал! Тој засекогаш е исклучен од небесниот свет каде што некогаш бил почитуван. Сега гледа друг како стои близу до Отецот и ја засолнува неговата слава. Тој гледа како раката на еден ангел со возвишена појава и со величествен изглед положува круна на Христовата глава и знае дека тој можел да ја врши високата служба на овој ангел. (продолжува)