Големата борба е завршена (шести дел)

(продолжува од претходниот ден) „Видов ново небо и нова земја, зашто првото небо и првата земја поминаа“ (Откровение 21,1). Огнот што ги уништил грешниците ја исчистил земјата. Отстранета е секоја трага на проклетството. Никаков вечен пекол нема да ги потсетува откупените на страшните последици на гревот. Останува само еден споменик: нашиот Откупител секогаш ќе ги носи лузните на своето распетие. На неговото рането чело, на неговите слабини, на неговите раце и нозе се наоѓаат единствените траги од свирепото дело што го предизвикал гревот. Гледајќи го Христа во неговата слава, пророкот кажува: „Болскотот му е како сончева светлина, зраци молскаат од неговите раце, таму му се крие силата“ (Авакум 3,4). Во неговите прободени ребра од кои потекол црвен млаз кој го помирил човекот со Бога, се наоѓа славата на Спасителот, тука „му се крие силата“. Бил „силен да спаси“ со жртвата за откуп, и затоа бил исто така силен и да им суди на оние што ја презреле Божјата милост. Знаците на неговото понижување се негова најголема чест; низ сета вечност раните од Голгота ќе ја покажуваат неговата слава и ќе ја објавуваат неговата моќ .

„И ти, куло на стадото, риду на ќерката сионска, пак тебе ќе ти се врати поранешната власт, царството на ќерката ерусалимска“ (Михеј 4,8). Настапило времето кое со копнеж го очекувале светите луѓе откако пламениот меч на првата брачна двојка ѝ го препречил патот во Едем времето „за откуп на оние кои станаа Божја сопственост“ (Ефесците 1,14). Земјата, која првобитно му била дадена на човекот како негово царство, но која со неговото предавство преминала во рацете на сатаната и толку долго останала под власт на овој силен непријател, вратена му е на човекот благодарение на планот за откуп. Сè што е загубено со гревот, сега е вратено. „Да, вака вели Господ… кој ѝ даде облик и ја создаде земјата, кој ја зацврсти и не ја создаде пуста, туку ја создаде за да се живее на неа“ (Исаија 45,18). Божјата првобитна намера при создавањето сега е остварена, сега таа станала вечна татковина на откупените. „Праведниците ќе ја наследат земјата и вечно ќе живеат на неа“ (Псалм 37,29).

Од страв идното наследство да не изгледа премногу материјално, мнозина симболички ги претставуваат токму оние вистини што ни овозможуваат ова наследство да го сметаме за наш вистински дом. Христос ги уверувал своите ученици дека Тој оди да им приготви станови во куќата на Отецот. Оние што ќе го прифатат учењето на Божјата реч во врска со небесната татковина не можат да останат неинформирани. Сепак, „што око не видело, што уво не чуло и што во човечко срце не дошло, тоа Бог го подготви за оние кои го љубат“ (1. Коринќаните 2,9). Човечкиот јазик не може да ја опише наградата на праведниците. Тоа ќе им биде можно само на оние што ќе ја видат. Ниеден ограничен ум не е во состојба да ја сфати славата на Божјиот рај.

Во Библијата наследството на спасените се нарекува татковина (Евреите 11,14-16). Таму небесниот Пастир своето стадо го води на извори на жива вода. Дрвото на животот носи плод секој месец, а неговите лисја служат за здравје на народот. Таму течат потоци кои вечно жуберкаат, бистри како кристал, на чиишто брегови се лелеат дрвја кои со своите сенки ги постилаат патеките што им ги приготвил Господ на откупените. Таму пространите рамнини прераснуваат во прекрасни брекчиња зад кои Божјите гори ги издигнуваат своите величествени врвови. На тие тивки полјани, покрај тие живи потоци, Божјиот народ, кој бил толку долго патник и поклоник, ќе најде своја татковина.

„Мојот народ ќе живее во мирни живеалишта, на без грижни почивалишта.“ „Нема веќе да се слуша за насилство во твојата земја, ниту за пустење и разурнување во твоите предели. Твоите ѕидови ќе ги нарекуваш спасение и твоите порти слава“. „Ќе градат куќи и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе го јадат нивниот плод. Нема веќе да градат а други да живеат, ниту да садат а други да јадат… моите избраници долго ќе ги уживаат плодовите на своите раце“ (Исаија 32,18; 60,18; 65,21.22).

„Нека се радува пустината и сувата земја, нека ликува степата и нека процути кринот.“ „Место трње ќе расте кипарис, место коприва ќе вирее мирта“ (Исаија 35,1; 55,13). „Волкот ќе живее со јагнето, леопардот ќе лежи со јарето… а нив ќе ги води мало дете.“ „Нема веќе да се прави зло ниту ќе има пустење на сета моја света гора, вели Господ“ (Исаија 11,6.9). (продолжува)

Големата борба е завршена (шести дел)
Големата борба е завршена (петти дел)
Големата борба е завршена (четврти дел)
Големата борба е завршена (трет дел)
Големата борба е завршена (втор дел)
Големата борба е завршена (прв дел)
Пустошење на земјата (четврти дел)
Пустошење на земјата (трет дел)
Пустошење на земјата (втор дел)
Пустошење на земјата (прв дел)

Pin It on Pinterest