Големата борба е завршена (седми дел)

(продолжува од претходниот ден) Во небесната атмосфера нема болка. Таму нема веќе солзи, ниту закоп, ниту каков и да е знак на жалост. „Смрт нема да има веќе, ни тага ни лелек… бидејќи поранешното помина“ (Откровение 21,4.11). „И ниеден жител нема да каже: ‘Болен сум!’ На народот што живее таму ќе му се простат гревовите’ (Исаија 33,24).

Тука е и новиот Ерусалим, престолнината на чудесната нова земја, „прекрасна круна во раката Господова и царски венец на дланката на својот Бог“ (Исаија 62,3). „Сиот во Божја слава, блескотен како скапоцен камен, камен сличен на кристален јаспис.“ „Народите, пак, ќе одат во неговата светлина, а земните цареви ќе ја донесат својата слава во него“ (Откровение 21,11.24). Господ кажува: „Ќе се радувам заради Ерусалим и ќе се веселам заради мојот народ“ (Исаија 65,19). „Еве го Божјиот шатор меѓу луѓето и Тој ќе живее со нив; и тие ќе бидат негов народ, а сам Бог ќе биде со нив“ (Откровение 21,3).

Во Божјиот град „нема да има ноќ“. Никој ќе нема потреба ниту ќе посака одмор. Никој нема да се уморува извршувајќи ја Божјата волја и прославувајќи го неговото име. Ние постојано ќе чувствуваме утринска свежина која никогаш нема да престане. „Не ќе биде потребна светлина од светилка, ни светлина од сонцето, зашто Господ Бог ќе ги осветлува, и ќе владеат вечно“ (Откровение 22,5). Светлината на сонцето ќе биде заменета со светлина чијшто сјај нема да им пречи на очите, а сепак, далеку ја надминува пладневната сончева светлина. Славата Божја и славата на Јагнето го исполнуваат светиот град со светлина што никогаш нема да избледи. Откупените ќе живеат во слава на вечен ден и без сончева светлина.

„А храм не видов во него, зашто негов храм се семоќниот Господ Бог и Јагнето“ (Откровение 21,22). Божјиот народ ужива предимство на непосредна заедница со Отецот и со Синот. „Зашто сега гледаме како во огледало, загадочно“ (1. Коринќаните 13,12). Ние сега ја гледаме Божјата слика како на некое огледало: во делата на природата и во неговите постапки со луѓето; но тогаш ќе го видиме лице в лице, без црн превез меѓу нас. Ќе стоиме пред него и ќе го гледаме неговото лице.

Таму откупените „ќе сознаат целосно како и самите што се целосно познати“. Чувствата на љубов и сочувство, што ги всадил Бог во душата, таму ќе најдат своја најубава примена. Чистата врска со светите суштества, хармоничниот друштвен живот со возвишените ангели и со верните од сите времиња, кои своите облеки ги испрале и ги избелиле во крвта на Јагнето, светата врска, ко ја меѓусебно го соединува „сиот род на небесата и на земјата“ (Ефесците 3,15) – сето тоа придонесува за среќата на откупените.

Таму бесмртните умови со неуморна одушевеност ќе ги проучуваат чудесата на творечката моќ и тајните на љубовта која спасува. Таму ќе го нема свирепиот и лукав непријател да заведе некого да го заборави Бога. Секоја дарба ќе се развива, секоја способност ќе се зголемува. Учењето нема да го заморува умот ниту да ја исцрпува животната сила. Таму можат да се извршат најголемите потфати, да се остварат највозвишените стремежи, да се исполнат највисоките желби, и сè уште ќе постојат нови цели што ќе можат да се постигнат, нови чуда кои ќе бидат предмет на восхитување, нови вистини да се сфатат, нови предмети да ги поттикнуваат силите на разумот, на душата и телото да се развиваат.

На откупените ќе им стојат на располагање сите богатства за истражување. Ослободени од смртноста, тие ќе се вивнат со неуморен лет во далечните светови светови кои, гледајќи ги човечките јадови, биле обземени од болка, а пееле од радост при радосната вест за некоја спасена душа. Со неискажлива милина земните деца ќе се запознаат со радоста и мудроста на безгрешните суштества. Тие ќе земат учество во богатството на науката и знаењето што го стекнале овие суштества во текот на вековите проучувајќи ги Божјите дела. Слободно ќе ја посматраат славата на создавањето – сонцата, ѕвездите и нивните системи, како сите по одреден ред кружат околу Божјиот престол. На сите дела, од најмалечкото до најголемото, е напишано името на Творецот и кај сите се гледа богатството на неговата сила.

Како годините на вечноста ќе поминуваат, ќе донесуваат сè побогати и почудесни откритија за Бога и Христа. Со зголемувањето на знаењето ќе расте и нивната љубов, нивната стравопочит и среќа. Колку повеќе луѓето ќе знаат за Бога, сè посилно ќе му се восхитуваат на неговиот карактер. А кога Исус ќе го открива пред нив богатството на откупувањето и вчудовидувачките резултати од големата борба со сатаната, срцата на откупените ќе пламтат со сè посилна љубов. Со восхит и радост ќе ги земаат своите злат ни харфи и десет илјади по десет илјади и илјада илјади гласови ќе се слеат во силен хор на фалбоспев.

„И го чув секое создание кое е на небото, на земјата, под земјата, во морето и сè што е во нив, како зборува: ‘На Оној кој седи на престолот и на Јагнето, благослов, чест, слава и власт за вечни векови!’“ (Откровение 5,13).

Големата борба е завршена. Грев и грешници нема веќе. Целата вселена е чиста. Насекаде во безмерниот универзум владеат апсолутна хармонија и радост. Од Оној кој создал сè тече живот, светлина и радост низ сите светови во бесконечните простори. Од најмалечкиот атом, до најголемиот свет, сè што е создадено, и живата и неживата природа, во својата непоматена убавина и совршена радост зборуваат дека Бог е љубов. (крај)

Големата борба е завршена (шести дел)
Големата борба е завршена (петти дел)
Големата борба е завршена (четврти дел)
Големата борба е завршена (трет дел)
Големата борба е завршена (втор дел)
Големата борба е завршена (прв дел)
Пустошење на земјата (четврти дел)
Пустошење на земјата (трет дел)
Пустошење на земјата (втор дел)
Пустошење на земјата (прв дел)

Pin It on Pinterest