Големата борба е завршена (прв дел)

(продолжува од претходниот ден) Кога ќе изминат предвидените илјада години, Христос повторно се враќа на земјата во придружба на сето мноштво откупени и илјадници ангели. Додека слегува со возвишено величество, им заповеда на мртвите грешници да станат за да биде извршена над нив нивната пресуда. Тие стануваат како силна армија, безбројни како морскиот песок. Каква разлика меѓу нив и оние што станале во првото воскресение! Праведниците се облечени во бесмртна младост и убавина. Грешниците ги носат на себе трагите на болестите и смртта.

Секое око во тоа огромно мноштво настојува да ја види славата на Божјиот Син. Едногласно огромните маси грешници извикнуваат: „Благословен кој доаѓа во името Господово!“ Тие тоа не го прават од љубов кон Исуса. Силата на вистината ги гони да ги изговорат овие зборови спротивно на својата волја. Грешните, какви што отишле во своите гробови, такви и излегуваат од нив: со истото непријателство кон Исуса и со истиот дух на противење. Ним нема да им се даде веќе ново време на милост за да можат да ги исправат грешките на својот поранешен живот. Со тоа ништо не би се постигнало. Целиот нивни живот, исполнет со престапи, не ги смекнал нивните срца, и кога би им се дало ново време на милост, тие, исто како и првото, би го поминале во презирање на Божјите заповеди и во предизвикување на бунт против Бога.

Исус слегува на Маслинската гора од каде што по своето воскресение се вознел на небото и каде што ангелите го повториле ветувањето за неговото враќање. Пророкот кажува: „Тогаш ќе дојде мојот Господ Бог, и сите свети со него.“ „Во тој ден нозете ќе му застанат на Маслинската гора која е спроти Ерусалим, на исток. И Маслинската гора ќе се расцепи на средината… во голема долина.“ „И Господ ќе биде цар над сета земја“ (Захарија 14,5.4.9). Кога новиот Ерусалим во својот блескотен сјај ќе се спушти од небото, ќе се постави на очистено и за тоа приготвено место, а Христос со својот народ и со ангелите ќе влезат во светиот град.

Сега сатаната се приготвува за последната битка за превласт. Додека му била одземена моќта и бил лишен од можноста да лаже, кнезот на злото се јадосувал и бил потиштен. Но штом ќе се разбудат мртвите грешници, и кога на своја страна ќе види толкаво мноштво, неговите надежи пак оживуваат и одлучува да не отстапи од големата борба. Тој ќе ја собере под своезнаме сета војска загубените со нив да се обиде да ги оствари своите на­ мери. Грешниците се робови на сатаната. Отфрлајќи го Христа, ја прифатиле власта на бунтовниот водач. Тие се готови да ги прифатат неговите предлози и да ги извршат неговите наредби. Но, верен на своето поранешно лукавство, тој не признава дека е сатана. Тој тврди дека е кнез кој е вистински сопственик на светот, на кого му е одземено наследството на незаконит начин. На своите заведени приврзаници им се претставува како избавител, уверувајќи ги дека неговата моќ ги подигнала од гробовите и дека тој сега сака да ги ослободи од свирепото насилство. Бидејќи Христос е отсутен, сатаната прави чуда за да го поддржи своето тврдење. Тој слабите ги прави силни и сите ги исполнува со својот сопствен дух и енергија. Предлага да ги поведе да ги нападнат светите и да го заземат Божјиот град. Со пеколен триумф покажува на безбројните милиони што се разбудени од мртвите и тврди дека тој, како нивни водач, е способен да го освои градот и пак да го поврати својот престол и држава.

Среде ова огромно мноштво се наоѓа голем број луѓе од претпотопното поколение кои живееле долго луѓе со висок раст и со силен ум кои, ставајќи се под власта на паднатите ангели, сета своја способност и знаење ги посветиле на прослава на самите себеси; луѓе чиишто прекрасни уметнички дела го навеле светот да ја обожава нивната генијалност, но чијашто свирепост и штетни пронајдоци ја расипале земјата и го уништиле Божјиот лик кај нив, така што Бог бил присилен да ги отстрани од неа. Тука се царевите и војсководителите кои покориле многу народи, храбри луѓе кои никогаш не загубиле ниедна битка, горделиви и честољубиви воини, од чиешто приближување се треселе царствата. Од гробовите станале непроменети. Кога оживеале, во мислите продолжиле таму каде што смртта ги прекинала. Инспирирани се со иста желба да поробуваат како и тогаш кога паднале на бојното поле.

Сатаната се договара со своите ангели, а потоа и со овие цареви освојувачи и моќни луѓе. Тие ја посматраат силата и бројот на своја страна и изјавуваат дека војската во градот е малечка во споредба со нивната и таа може да се совлада. Прават планови како да се доберат до богатството и славата на новиот Ерусалим. Веднаш сите почнуваат да се приготвуваат за битка. Прочуените мајстори изработуваат воени орудија. Војсководителите, познати  по своите успеси, ја организираат оваа огромна воинствена маса во воени формации. (продолжува)

Големата борба е завршена (шести дел)
Големата борба е завршена (петти дел)
Големата борба е завршена (четврти дел)
Големата борба е завршена (трет дел)
Големата борба е завршена (втор дел)
Големата борба е завршена (прв дел)
Пустошење на земјата (четврти дел)
Пустошење на земјата (трет дел)
Пустошење на земјата (втор дел)
Пустошење на земјата (прв дел)

Pin It on Pinterest