(продолжува од претходниот ден) Во 1840 година се исполни едно важно пророштво кое го привлече вниманието на луѓето. Две години пред тоа Јосиф Лич, еден од главните проповедници што го објавуваа второто Христово доаѓање, го објави толкувањето на деветтата глава од Откровението која зборува за паѓањето на Отомантското царство. Според неговото сметање, оваа велесила требаше да пропадне во август 1840 година. Неколку дена пред тоа тој пишуваше: „Ако прифатиме дека првиот период од 150 години точно се исполнил, пред Деакозес (Константин XI), со дозвола на Турците, да стапи на престол, и дека 391 година и 15 дена почнуваат кога завршува првиот период, тогаш тие треба да завршат на 11 август 1840 година кога може да се очекува пад на отоманската сила во Цариград. И јас верувам дека тоа навистина ќе се случи“ (Josiah Litch, in Signs of the Times, and Expositor of Prophecy, Aug. 1, 1840).
Точно во одреденото време Турција преку свој пратеник прифати заштита од европските големи сили и така се стави под контрола на христијанските народи. Со овој настан пророштвото точно се исполни. Кога беше објавено тоа, мнозина се осведочија дека се исправни начелата на толкување на пророштвата, како што ги прифатија Милер и неговите соработници, што придонесе адвентното движење да добие голем поттик. Образовани и влијателни луѓе се соединија со Милера да ја проповедаат веста и од 1840 до 1844 година делото бргу се рашири.
Вилијам Милер имаше големи духовни дарби, изградени со размислување и проучување. Покрај тоа, тој добил и мудрост од небото кога стапил во врска со Изворот на мудроста. Беше човек со висока вредност, и го почитуваа и ценеа секаде каде што се ценеше чесноста на карактерот и моралните вредности. Беше природно срдечен и понизен; се одликуваше со сила на совладување на самиот себе, беше внимателен и љубезен кон сите, секогаш подготвен да ги сослуша и мислењата на другите и да ги процени нивните докази. Без страст и возбуда ги проверуваше сите теории и учења со помош на Божјата реч. Неговото здраво расудување, како и неговото темелно познавање на Светото писмо, му помогнаа да ги побие заблудите и да разоткрие секоја лага.
Но неговата работа не се одвиваше без противење. Како и за време на поранешните реформатори, учителите на големите религии не ја прифатија со задоволство вистината што ја објавуваше тој. Бидејќи тие своето гледиште не можеа да го докажат со Писмото, беа принудени да бараат потпирач во изјавите и во науката на луѓето, во преданијата на отците. Но проповедниците на близината на Христовото доаѓање го прифатија само сведоштвото на Божјата реч. „Библијата, само Библијата“, беше нивниот лозунг. Нивните пак противници недостигот од библиски докази го надоместуваа со исмевање и со подбиви. Употребија време, своите средства и своите способности, да ги наклеветат оние чиешто единствено злосторство беше тоа што радосно го очекуваа доаѓањето на својот Господ и копнееја за свет живот и што ги предупредуваа и другите да се приготват за неговото доаѓање.
Противниците вложуваа големи напори да го одвратат вниманието на луѓето од Христовото доаѓање. Проучувањето на пророштвата за второто Христово доаѓање и за крајот на времето го сметаа за грев нешто од што луѓето треба да се срамуваат. На тој начин многу проповедници, кои беа омилени кај народот, ја поткопуваа верата во Божјата реч. Нивната наука ги заведе луѓето да станат неверни, и мнозина се чувствуваа слободни да живеат според своите безбожни желби, а потоа зачетниците на ова зло сите последици им ги припишуваа на проповедниците на скорашното Христово доаѓање.
Додека Милеровото име привлекуваше мноштво умни и внимателни слушатели, истото ретко се спомнуваше во религиозниот печат, освен во случај кога го обвинуваа или исмеваа. Рамнодушните и безбожните, кои се охрабрија со ставот на некои религиозни учители, се трудеа да го наклеветат него и неговото дело, служејќи се со бесрамни изрази, со недостојни и богохулни досетки и шеги. Седиот човек, кој го напушти својот удобен дом за да патува на свој трошок од град во град, од место во место, трудејќи се постојано да му проповеда на светот свечена опомена за претстојниот суд, срамно беше обвинет како фанатик, како лажливец и дрзок измамник.
Клеветите, навредите и презирот што ги упатуваа против него, предизвикаа негодување дури и во светскиот печат. „Да се земе толку лекомислено и со потсмев еден предмет што има толку голема важност и страшни последици“, зборуваа светските луѓе, „значи не само подбивање со чувствата на неговиот претставник и бранител, туку исмевање и на судниот ден, па и на самото Божество, и исмевање на стравотиите на неговиот суд“ (Bliss, page 183).
Зачетникот на сето зло се трудеше не само да го поништи влијанието на веста за Христовото доаѓање, туку да го уништи и самиот весник. Милер практично ја применуваше вистината врз срцата на своите слушатели: Ги жигосуваше нивните гревови и го осудуваше нивното самозадоволство. Неговите отворени и остри зборови предизвикаа кај нив непријателство. Кога членовите на црквата ѝ се противставија на неговата вест, попростите луѓе со тоа беа охрабрени да прават уште полошо; непријателот скова заговор да му го одземе на Милера животот кога ќе излегува од црквата. Но среде мноштвото се наоѓаа и свети ангели, и еден од нив, во човечка лика, го зеде тој Божји слуга за рака и го изведе неповреден од бесната толпа и го одведе на сигурно место. Неговото дело уште не беше завршено и сатаната и неговите демони се измамија во своите намери. (продолжува)