Во времето пред реформацијата имало малку примероци на Светото писмо, но Бог не дозволил неговата Реч да биде наполно уништена. Нејзините вистини не смееле да останат скриени засекогаш. Тој можел исто толку лесно да ја ослободи Речта на животот како што можел да ја отвори вратата на темницата и да ги симне резите за да ги ослободи своите слуги. Во разни европски земји Светиот Дух разбудил луѓе да ја бараат вистината како скриено богатство. Провидението ги довело до Светото писмо и тие со жив интерес ги проучувале неговите свети страници. Биле готови да ја примат светлината без оглед колку тоа скапо ќе ги чини. Иако не можеле јасно да ги видат сите точки на вистината, сепак, разбрале многу вистини што биле одамна скриени. Како небесни пратеници, тие пошле да ги раскинат синџирите на заблудите и празноверието и да ги повикаат оние што толку долго биле заробени да станат и да ја зацврстат својата слобода.
Освен кај валденжаните, Божјата реч со векови била заклучена, зашто постоела на јазиците што им биле познати само на учените. Но сега дошло време Светото писмо да се преведе и да им се даде на разни народи на нивниот мајчин јазик. Светот го пребродил времето на својата полноќ. Часовите на темнината поминувале и во многу земји се појавиле предзнаци на зората што се раѓала. Во четиринаесеттиот век во Англија се појавила “утринската ѕвезда на реформацијата”. Џон Виклиф бил весник на реформацијата не само за Англија туку и за целото христијанство. Големиот протест што го подигнал тој против Рим никогаш веќе не замолкнал. Овој протест предизвикал борба што им донела слобода на личноста, на црквите и на народите.
Виклиф стекнал добро воспитание. Стравот Господен за него бил почеток на мудроста. Уште во училиштето се истакнувал со својата сесрдна побожност, со своите вонредни способности и со својата голема ученост. Силната желба за знаење го поттикнала да се запознае со секоја гранка на науката. Добро ја проучил сколастичката филозофија, црковното и граѓанското право, а особено законите на својата земја. Во неговата подоцнежна работа дошла до израз важноста на неговото поранешно образование. Темелното познавање на филозофијата на неговото време му овозможило да ги открие нејзините грешки, а познавањето на државните и црковните закони го приготвило да земе учество во големата борба за граѓанска и верска слобода. Се служел не само со оружјето на Божјата реч, туку и со интелектуалната подготовка со која се вооружил во школите, а што му помогнало да ја разбере тактиката на учените. Неговата генијалност и неговото широко интелектуално образование му осигуриле почит како кај пријателите, така и кај непријателите. Следбениците на Виклифа со задоволство гледале како нивниот јунак стои на прво место меѓу водечките умови на својот народ, и неговите непријатели не можеле да го озлогласат делото на реформацијата укажувајќи на незнаењето или на слабоста на нејзиниот водач.
Уште во училиштето Виклиф се посветил на проучување на Светото писмо. Во тоа време, кога Светото писмо постоело само на старите јазици, само образованите луѓе можеле да го најдат патот до изворот на вистината, а за необразованите таа останала скриена. Така е приготвен патот за идното реформаторско дело на Виклифа. Образованите луѓе ја проучувале Божјата реч и во неа ја нашле Божјата милост која е откриена таму. Во своите предавања тие ширеле знаење за таа вистина и така и другите ги поттикнувале да се вратат на живата Божја реч.
Кога Виклиф обрнал внимание на Светото писмо, почнал да го проучува исто толку темелно како што ги проучувал школските предмети. До тогаш чувствувал голема празнина што не можела да ја пополни ниту науката на сколастичарите ниту науката на црквата. Во Божјата реч го нашол она што порано напразно го барал. Тука се запознал со планот на спасението и со Христа како единствен посредник за човекот. Се посветил на Христовата служба и решил да ги објави вистините што ги открил.
Како и подоцнежните реформатори, Виклиф во почетокот на своето дело не предвидел каде тоа ќе го одведе. Тој не му се противставил на Рим со однапред изготвен план. Но преданоста кон вистината морала да го доведе во судир со заблудата. Колку појасно ги увидувал заблудите на папството, сè поревносно го објавувал учењето на Светото писмо. Видел дека Рим ја оставил Божјата реч за љубов на човечката традиција. Без страв ги укорувал свештениците што го отстраниле Светото писмо и сакал тоа повторно да му се даде на народот и неговиот авторитет повторно да се издигне во црквата. Бил способен и огнен учител и речит проповедник; неговиот секојдневен живот бил сведоштво во прилог на вистината што ја проповедал. Неговото познавање на Светото писмо, моќта на неговото расудување, чистотата на неговиот живот, неговата непоколеблива храброст и праведност му осигуриле општа почит и доверба. Мнозина од народот биле незадоволни со својата поранешна вера кога го виделе беззаконието што владеело во Римската црква и со отворена радост ја примиле вистината што им ја откривал Виклиф; но папските водачи трепереле од гнев кога виделе дека овој реформатор има поголемо влијание од нив. (продолжува)