Божјиот непроменлив закон (четврти дел)

(продолжува од претходниот ден) „Имаше два рога како кај јагне.“ Роговите како кај јагне ги претставуваат младоста, невиноста и благоста, што точно одговара на карактерот на Соединетите Држави во времето кога му се покажани на пророкот како земја која „излегува“ во 1798 година. Меѓу христијанските изгнаници кои први пребегале во Америка и побарале засолниште пред угнетувањето на кралевите и пред нетрпеливоста на свештениците, имало многу такви кои решиле да основаат држава на широките темели на граѓанската и верската слобода. Нивните идеали биле внесени во „Декларацијата за независноста“, која што ја нагласува големата вистина оти „сите луѓе се родени еднакви и надарени со неотуѓиво право на живот, на слобода и стекнување на среќа“. Уставот му гарантира на народот право на само управување, што значи дека од народот избрани претставници создаваат закони и се грижат за нивна правилна примена. Загарантирана е и верска слобода и секому му е дозволено на Бога да му служи според својата совест. Републиканскиот облик на владеење и протестантизмот беа основни начела на нацијата. Овие начела се тајна на нивната моќ и напредок. Сите угнетувани и газени во целото христијанство се упатиле во оваа земја со големи очекувања и полни со надеж. Милиони се истовариле на нејзините брегови и Соединетите Држави се издигнале во ред на најсилните држави на светот.

Но ѕверот со рогови како кај јагне „зборуваше како ламјата“. „Тој ја спроведува власта на првиот ѕвер, во негово присуство, па стори земјата и нејзините жители да му се поклонуваат на првиот ѕвер чија смртоносна рана беше зацелена… велејќи им на жителите на земјата да направат икона на ѕверот кој имаше рана од меч и оживе“ (Откровение 13,11­14).

Роговите како кај јагне, а гласот како на ламја во овој симбол укажуваат на забележливата противречност меѓу она што го зборува и она што го прави државата претставена на овој начин. „Говорот“ на државата ги претставува одлуките на нејзините законодавни и судски власти. Со овие одлуки ќе ги поништи тие либерални и мирољубиви начела што ги поставила како темел на својата државна политика. Пророштвото дека ќе зборува „како ламјата“ и „ја спроведува власта на првиот ѕвер, во него во присуство“, јасно го преткажува развојот на духот на нетрпеливоста и прогонството што го покажале народите претставени со ламјата и со ѕверот сличен на леопард. А изјавата дека ѕверот со два рога како кај јагне ќе стори „земјата и нејзините жители да му се поклонуваат на првиот ѕвер“ покажува дека овој народ својата власт ќе ја злоупотреби да наметне држење на нешто со што ќе му укажува чест на папството.

Ваквата постапка би се противела на начелата на оваа држава, на духот на нејзините слободни институции, на директните и свечени гаранции на Декларацијата за независност и на Уставот. Основачите на државата вложиле голем труд да ја спречат црквата да употреби световна власт со нејзините неизбежни последици ­ нетрпеливост и прогонство. Уставот пропишува: „Конгресот не смее да издаде закон со кој се воспоставува некоја религија или се забранува слободното исповедање на која и да е религија; исто така верата не смее никогаш да биде услов за добивање на која и да е доверлива јавна служба во Соединетите Држави.“ Само со очигледно отфрлање на овие чувари на националната слобода граѓанските власти би можеле да наметнат почитување на некој верски пропис. Оваа недоследност најдобро е прикажана со овој симбол. Станува збор за ѕверот со рогови како кај јагне ­ според своите уверувања чист, благороден и безопасен ­ иако зборува како ламјата.

„Велејќи им на жителите на земјата да направат иконана ѕверот.“ Овде јасно се изнесува дека во државното уредување на таа земја законодавната власт е во рацете на народот, што е силен доказ дека Соединетите Држави се вистинската држава наведена во ова пророштво.

Но што значат зборовите „икона на ѕверот“, и како треба таа да биде направена? Ѕверот со два рога иконата ќе му ја направи на првиот ѕвер. Затоа таа и се нарекува икона на ѕверот. За да дознаеме што е таа икона и како треба да биде направена, мораме да ги проучиме обележјата на самиот ѕвер, на папството.

Кога црквата на почетокот се расипала, скршнувајќи од едноставноста на евангелието и прифаќајќи ги незнабожечките обичаи и обреди, таа го загубила Божјиот Дух и неговата сила. За да може да владее над совеста на луѓето, таа барала поддршка од државните власти. Резултат:  Се појавило папството  се појавила црква која владеела над државата и истата ја користела за постигнување на своите цели, особено за казнување на ‘еретиците’. За да можат Соединетите Држави да му направат икона на ѕверот, црковната власт мора во голема мера да ја контролира граѓанската власт, со што црквата ќе може да ја употреби државната власт за постигнување на своите цели. (продолжува)

Големата борба е завршена (шести дел)
Големата борба е завршена (петти дел)
Големата борба е завршена (четврти дел)
Големата борба е завршена (трет дел)
Големата борба е завршена (втор дел)
Големата борба е завршена (прв дел)
Пустошење на земјата (четврти дел)
Пустошење на земјата (трет дел)
Пустошење на земјата (втор дел)
Пустошење на земјата (прв дел)

Pin It on Pinterest