Божјиот народ избавен (втор дел)

(продолжува од претходниот ден) Небото уште го покриваат густи облаци, но наместа пробива сонце слично на Господовото одмаздничко око. Густите облаци ги сечат разјарени молњи, обвивајќи ја земјата во пламена обвивка. Над страшните татнежи на громовите, таинствени и страшни гласови ја објавуваат судбината на грешниците. Сите нема да ги разберат изговорените зборови, но лажниот учител добро ќе ги разбере. Оние кои до пред малку уште беа толку небрежни, фаленици и пркосни, кои ликуваа во својата свирепост спрема народот што ги држи Божјите заповеди, сега се вчудовидени, совладани и се тресат од страв. Нивните лелеци се слушаат над бучавата на елементите. Демоните го признаваат Христовото божество и се тресат пред неговата моќ , додека луѓето преколнуваат за милост и од страв ползат по правот.

Кога го посматрале во видение Господовиот ден, пророците во старо време извикнувале: „Липајте, зашто денот Господов е близу; иде како разурнувачка сила од Семожниот“ (Исаија 13,6). „Влези меѓу пештерите, скриј се во правот, пред Господовиот ужас, пред славата на неговото величество кога ќе стане да ја растресе земјата. Гордиот поглед ќе биде скршен, и човечкото високоумие ќе биде понижено. Само Господ ќе стои високо во тој ден. Зашто иде денот на Господа Саваот против сè што е гордо и надуено и против сè што е превознесено, и тоа ќе биде понизено.“ „Во тој ден човекот ќе ги фрли своите сребрени и своите златни идоли што ги направил за да им се клања, и ќе влезе во камени процепи и во планински долови од страв пред Господа и од славата на неговото величие, кога ќе се крене Тој да ја разруши земјата“ (Исаија 2,10-12.20.21).

Низ отвор во облаците блескоти ѕвезда чијшто сјај е четирикратно посилен поради темнината што ја опкружува. Таа на верните им ветува надеж и радост, а на престапниците на Божјиот за кон строгост и гнев. Оние што жртвувале сè за Христа, сега се сигурни, скриени во Господовата сенка. Тие се проверени, и пред светот и пред противниците на вистината ја докажале својата верност кон Оној кој умрел за нив. Кај оние што ја сочувале својата чистота сè до смртта се случила прекрасна преобразба. Одненадеж тие се ослободени од мрачниот и страшен гнев на луѓето претворени во демони. Нивните лица, до пред малку бледи, загрижени и премалени, сега се озарени од восхит, од вера и љубов. Нивните гласови се слеваат во радосна и победоносна песна: „Бог ни е закрила и сила, секогаш присутна помош во неволја! Затоа, не се плашиме! Па макар и земјата да се разниша, и планините среде морето да пропаднат, и да бучат и да се пенат неговите води, и горите да се тресат од нивните бранови“ (Псалм 46,1-3).

Додека се издигнуваат овие зборови на света доверба кон Бога, облаците се повлекуваат и се укажува ѕвездено небо со неискажлива убавина, а на двете страни мрачен и гневен свод. Низ отворените капии блескоти славата на небесниот град. На небото се појавува рака која ги држи двете составени плочи. Пророкот кажува: „Тогаш небесата ја објавија неговата правда, зашто сам Бог е Судија“ (Псалм 50,6). Овој свет Закон, Божјата правда, кој е објавен на Синај среде грмежи и пламен за да биде животен водич, сега на луѓето им се открива како мерило на судот. Плочите ги отвора рака, и се гледаат прописите на Десетте за поведи, како да се напишани со пламено перо. Зборовите се толку јасни, што можат сите да ги читаат. Се буди сеќавањето, од секое срце исчезнува темнината на неверувањето и кривоверството, а Десетте кратки, разбирливи, значајни Божји зборови, стојат пред очите на сите жители на земјата. Не е можно да се опише стравот и очајот на оние што ги газеле светите Божји прописи. Господ им го дал својот Закон и тие можеле со него да го споредуваат својот карактер и да ги запознаат своите гревови додека уште имало можност за покајание и поправање. Но тие, за да ги почитува светот, ги отстраниле неговите прописи и другите ги учеле да ги престапуваат. Настојувале да го присилат Божјиот народ да ја оскверни неговата сабота. Сега се осудени со оној Закон што го презирале. Со страшна сигурност увидуваат дека немаат никакво оправдување. Самите си избрале на кого ќе му служат и на кого ќе му се клањаат. „И тогаш повторно ќе ја видите разликата меѓу праведникот и безбожникот, меѓу оној кој му служи на Бога и оној кој не му служи“ (Малахија 3,18).

Непријателите на Божјиот закон, од свештениците па сè до најмалечкиот меѓу нив, сега имаат нов поим за вистината и должноста. Премногу доцна увидуваат дека саботата од четвртата заповед е печат на живиот Бог. Премногу доцна стануваат свесни за вистинската природа на својот лажен ден за одмор и на песочната почва на која ѕидале. Сега им е јасно дека се бореле против Бога. Верските учители душите ги воделе во пропаст, велејќи им дека ги водат кон капиите на рајот. Не порано, туку дури на денот на конечната пресметка ќе можат да сфатат колку е голема одговорноста на луѓето кои се во света служба и колку се страшни последиците на нивната неверност. Само во вечноста ќе можеме правилно да ја процениме загубата на една единствена душа. Страшна ќе биде судбината на оној на кого Господ ќе му каже: Оди од мене, зол слуго! (продолжува)

Големата борба е завршена (шести дел)
Големата борба е завршена (петти дел)
Големата борба е завршена (четврти дел)
Големата борба е завршена (трет дел)
Големата борба е завршена (втор дел)
Големата борба е завршена (прв дел)
Пустошење на земјата (четврти дел)
Пустошење на земјата (трет дел)
Пустошење на земјата (втор дел)
Пустошење на земјата (прв дел)

Pin It on Pinterest