Божјиот народ избавен (седми дел)

(продолжува од претходниот ден) Божјите наследници дошле од затвори, од ломачи, од колиби, од подземни пештери, од губилишта, од планините, од пустините и од морските длабини. На земјата живееле „во сиромаштво, во неволја, во срам“. Милиони заминале во гроб жигосани со срам затоа што решително се противеле да им попуштат на измамните барања на сатаната. Човечките судови ги вбројувале меѓу најлошите злосторници. Но сега „судија е Бог“ (Псалм 50,6). Сега земните пресуди се оборени. Бог „ќе го укине срамот на својот народ“ (Исаија 25,8). „Тие ќе се викаат свет народ, откупеници Господови“ (Исаија 62,12). Тој одредил да им „даде венец место пепел, масло на радост место облека на жалост, песна благодарница место очаен дух“ (Исаија 61,3). Тие не се повеќе бедни, мачени, растурени и угнетувани. Од сега секогаш ќе бидат со Господа. Сега стојат пред престолот, облечени во скапоцена облека каква што никогаш не носеле ниту најугледните луѓе на земјата. Накитени се со прекрасни круни, какви што никогаш не се ставени на челата на земните владетели. Деновите на болка и плачење засекогаш поминале. Царот на славата ги избришал солзите од сите лица; отстранета е секоја причина на болката. Под брануваните палмови гранки сега се разлеваат милозвучни и хармонични песни благодарници. Сите ја прифаќаат мелодијата и набргу под небесниот свод се ори химната: „Спасение од нашиот Бог кој седи на престолот и од Јагнето!“ А сите небесни жители одговараат во хор: „Амин! Благослов, слава, мудрост, благодарност, чест, моќ и сила на нашиот Бог во сите векови“ (Откровение 7,10.12).

Во овој живот само почнуваме да го сфаќаме прекрасното дело на спасението. Со нашиот ограничен ум можеме највнимателно да ги посматраме срамот и славата, животот и смртта, праведноста и милоста што се сретнале на крстот, па сепак, ни со најголемиот напор на нашите духовни сили не можеме да го сфатиме неговото целосно значење. Должината и ширината, висината и длабината на спасоносната Љубов човекот може само донекаде да ја разбере. Планот на спасението откупените нема потполно да го сфатат ниту тогаш кога ќе гледаат како што се видени и кога ќе познаат како што се познати; низ вечните времиња пред нивниот восхитен дух постојано ќе се откриваат нови вистини. Иако настапил крај на земните грижи, страдања и искушенија, и иако сите причини за нив се отстранети, Божјиот народ секогаш јасно и правилно ќе ја вреднува високата цена што е платена за нивниот откуп.

Христовиот крст ќе биде главен предмет на проучување и песна на откупените низ сета вечност. Во прославениот Христос го гледаат распнатиот Христос. Никогаш нема да заборават дека Оној, чијашто моќ ги создала и ги одржува без бројните светови во вселената, Божјиот мил Син, небесното Величество, Оној пред кого се клањале херувимите и светите серафими се понизил себеси за да го подигне паднатиот човек; дека ја зел на себе кривицата и срамот на гревот и доживеал лицето на Отецот да се скрие од него и болката за еден загубен свет да го скрши неговото срце на крстот на Голгота. Сознанието дека Оној што ги создал сите светови и кој е Судија на сите созданија, ја напуштил својата слава и се понизил од љубов кон човекот, секогаш ќе буди чудење и восхит во вселената. Кога спасените ќе го видат својот Избавител и кога ќе ја забележат на неговото лице вечната слава на Отецот, кога ќе го посматраат неговиот престол, кој е од вечноста, и кога ќе помислат дека неговото царство нема крај, одушевено ќе ја запеат песната: „Достојно, достојно е Јагнето што е заклано и нè помири со Бога со својата драгоцена крв!“

Тајната на крстот ги објаснува сите други тајни. Во светлината што свети од Голгота, Божјите особини што нè исполнувале со страв и почит ќе изгледаат убави и привлечни. Милоста, нежноста и татковската љубов се соединуваат со светоста, со праведноста и со вистината. Посматрајќи го Величеството на неговиот висок и возвишен престол, го гледаме неговиот карактер во неговата најнежна љубов и, како никогаш порано, го сфаќаме значењето на она мило ословување: „Оче наш!“

Ќе се види дека Оној, кој е безмерен во мудроста, не можел да создаде ниеден друг план за нашето спасение освен да го жртвува својот Син. Награда за оваа жртва е радоста што земјата ќе ја наследат откупени, свети, среќни и бесмртни суштества. Радоста на откупените што се разнесува во Божја слава низ сета вечност е резултат од борбата на нашиот Спасител со силите на темнината. Вредноста на само една човечка душа е толку голема, што Отецот е задоволен со цената што е платена, а и сам Христос е задоволен гледајќи ги плодовите на својата голема жртва.

Големата борба е завршена (шести дел)
Големата борба е завршена (петти дел)
Големата борба е завршена (четврти дел)
Големата борба е завршена (трет дел)
Големата борба е завршена (втор дел)
Големата борба е завршена (прв дел)
Пустошење на земјата (четврти дел)
Пустошење на земјата (трет дел)
Пустошење на земјата (втор дел)
Пустошење на земјата (прв дел)

Pin It on Pinterest